Мешаните бракови се убави љубовни приказни кои ја покажуваат силата на толеранцијата. Нивното спојување е вистински доказ за соживот.
Водителката и граѓанска активистка Нора Шаќири е во брак со Марко Марковиќ. Според зборовите на нашата соговорничка, ако не ја прашаме таа и заборава дека е во мешан брак и додава дека, за жал, во ова општество, колку повеќе сакаме да зборуваме за нештата кои важат за предрасуди, толку повеќе како да се постигнува спротивен ефект.
За она што сум јас денес се заслужни моите родители, мајка ми и татко ми и се разбира моите двајца браќа Бени и Денис, сподели Нора за Приказна. Ме научија да сум многу искрена, чесна, борбена и да реагирам на предрасуди и да реагирам на неправди. Некаде во 90-те години татко ми ме запиша во „Браќа Рибар“, познато скопско училиште. Ме запиша за да ја запознаам „другата страна на луѓето“ јас како Албанка, да ги запознаам децата Македонци, тие да ме запознаат мене. Меѓутоа од нивна страна во еден момент доживеав една непријатна ситуација, која со години ме прогонуваше. Моите родители ме оставија да учам и понатаму со тие деца и ме научија сама да се изборам, додава Нора.
Од такви ситуации, но и поради упорноста на родителите, Нора вели дека научила да живее со предрасудите, гласно да зборува за нив и да гази врз нив. Тоа што го зборува и што целиот живот го пропагира во јавноста, односно живот без предрасуди, полн со разбирање и почит го докажува и преку свој лични примери.
Јас никогаш не сум се дружела само со Македонци, па само со Албанци. Отсекогаш сум се дружела со Македонци, Албанци, Турци, Роми, ден денес е тоа така, смета Нора. Во моето опкружување имам и луѓе од ЛГБТ заедницата, буквално од сите религии, нации, сексуална определба и политичка определба. Мислам дека колку често зборувам на оваа тема, во дадени ситуации како да има контра ефект. На пример во други општества логично е моите примери да бидат земени ако добар пример, за да се развива успешно приказната. Во Македонија, колку повеќе зборуваме за различностите, толку повеќе се негираат различностите. Факт е дека сè уште треба многу да се зборува за ова, но од друга страна сметам дека колку повеќе се зборува толку повеќе оди во друга насока, изјави Нора за Приказна.
Мислам дека треба еднаш за секогаш да се затвори приказната за мешаните бракови, кој е од една кој е од друга политичка партија, кој е од една вероисповест кој е од друга, вели Нора. Ние Бајрам секогаш сме го славеле сите заедно, цело семејство. Кај нас се пости. Што се однесува до Велигден или Божиќ, празникот кој го прославува Марко и неговото семејство, за овие празници одиме кај неговите родители. Неговата мајка вапцува јајца, имаме еден убав семеен ручек, додава Нора.
За Приказна,
Ване Маркоски