4.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Интервју Сеад Џигал: Говорот на омраза не е издувен вентил, туку поттикнува кривични дела

За жал, слободата на говор што ние како општество или оваа нова ера ја добивме, често се злоупотребува. Таа има позитивни свои аспекти, демократизација, децентрализација, отворање на можности за комуникација, ширење на нашите социјални кругови, но очигледно е дека има злоупотреба. Степенот на таа злоупотреба, произлегува од степенот на медиумска, политичка и комуникациска култура во општеството. Што повисока е таа култура, толку помали се злоупотребите, вели за Приказна, проф. д-р Сеад Џигал.

Приказна Зошто е неопходна и важна култура во комуникацијата?

Џигал Културата во комуникацијата е нужна и неопходна, затоа што влијае луѓето да се вклучуваат во позитивна комуникација, да имаат дијалог и да развиваат говор на комуникација којшто ќе овозможи да има толеранција, почитување на другиот, позитивен трансфер на емоции, искуства и информации. Културата во комуникацијата е важна затоа што овозможува позитивна комуникација и подобра социјализација во општеството.

Приказна Дали слободата на говор е погрешно сфатена како непочитување, поради што зачестија навредите и говор полн со омраза?

Џигал За жал, слободата на говор што ние како општество или оваа нова ера ја добивме, често се злоупотребува. Таа има позитивни свои аспекти, демократизација, децентрализација, отворање на можности за комуникација, ширење на нашите социјални кругови, но очигледно е дека има злоупотреба. Степенот на таа злоупотреба, произлегува од степенот на медиумска, политичка и комуникациска култура во општеството. Што повисока е таа култура, толку помали се злоупотребите.

Во таа смисла треба да зборуваме за еден процес каде медиумите се преименуваат така како што наложува и диктира локалната култура. Оттаму извираат проблемите, но тоа не е ништо страшно, овие проблеми ги има и во другите општества, само треба координирано да се работи на решението на тој проблем.

Приказна Како да разбереме дека освен права, ние имаме и обврски при комуникацијата?

Џигал Не само користењето на слобода на говор, туку свест и одговорност за јавниот интерес, за средината во којашто живееме, за заедницата. Критикувањето на институциите, на јавните функционери, на нешто што не ни се допаѓа, гласот на граѓанинот е придобивка на новата дигитална ера, но таа мора да се балансира со наша одговорност и свесност дека критиките и она што го упатуваме како свој став мора да биде приспособено на нашата средина на начин што нема да навредува, обесправува или ќе шири нетолеранција.

Најекстремен пример е тој нов вид на говор на омраза којшто социјалните мрежи или новите медиуми и платформи го охрабруваат, затоа што нема одговорност. Едно е со некого во живо да комуницирате и да го навредите, но сосема е друго преку Инстаграм, Фејсбук или Твитер. Тука немате директни последици никакви. Во таа смисла е потребно едно описменување и едуцирање на нашите граѓани, во нашето општество да се развива таа одговорност.

Приказна Може ли некултурата на говор од социјалните мрежи да поттикне агресија во општеството?

Џигал Бројни се истражувањата примерите кои потврдуваат дека говорот на омраза не е само онаа теорија дека тоа е еден издувен вентил. Да речеме нешто, ќе кажеме на интернет и ќе ни олесни. Не, така се шири една некултура или говор на омраза, на нетолеранција која лесно се прелева во кривични дела од омраза или друг вид на насилство. Особено во општества како што е македонското, коешто е богато со различни заедници, етницитет, јазици и култури.

Но, многу опасно е да се толерира и да се биде пасивен кон таков тип злоупотреби и би рекол опстојување на една некултура и говор на омраза.

Приказна Може ли медиумската писменост да влијае врз (не)културата на говор, на изразување и пишување?

Џигал Тоа се работи кои не можат да се сменат преку ноќ, мора да се следат внимателно и да се реагира. Општо, глобалното искуство е дека најдобри алатки за тоа се медиумското описменување и медиумската едукација кои помагаат да се справиме со овие проблеми, некогаш и да се превенираат, да се развива свест за влијанието на медиумите, свест за нашата одговорност кога комуницираме преку медиумите. Како да се заштитиме од манипулациите, како да речеме да развиеме комуникација на култура со различниот, со некој што има поинаков став. Како да развиваме еден вид нова толеранција каде што овој нов глобално поврзан свет каде секојдневно комуницираме со различни култури, нации, религии и раси, треба еден подзасилен напор општествен и една мобилизација за да ја развиваме оваа медиумска писменост.

Што порано се почне, толку подобро, може од седумгодишна возраст да се почне со некои воведни елементи. Во градинките може да има приспособено некои игри кои им помагаат на децата кои реално имаат контакт со медиумите уште на две или три години старост, тие уште пред да почнат со градинка или училиште имаат богато медиумско искуство. Треба да се води сметка што прават уште пред да дојдат во училишните клупи.

Документарен магазин Приказна на тема култура во комуникацијата

За Приказна

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,754FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ