Лицата со дислексија можат полесно и побрзо да читаат благодарение на заедничкиот труд на Филозофскиот факултет и Здружението за дислексија Ајнштајн. Тие го создадоа првиот кириличен фонт приспособен за овие лица DyslexicFZF.
Изготвениот фонт за лица со дислексија којшто е наречен „DyslexicFZF“ и во суштина претставува едно визуелно средство со кое може да се зголеми читливост на текстовите. Читливост на текстови се зголемува на повеќе начини, меѓутоа начинот на којшто еден текст е презентиран, значително влијае врз способноста за читање на еден текст, па и самиот фонт има таква улога, да направи текстот да биде поприфатлив за читање за лицата со дислексија, вели во интервју за „Приказна“ м-р Маја Филиповска – специјален едукатор и рехабилитатор.
Според Филиповска од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот Факултет, DyslexicFZF е иновативен фонт, различен од сите други, бидејќи содржи голем број на типографски параметри, кои заедно прават да се зголеми читливост на текстовите.
Фонтот беше изработен во почетокот на 2019 година од страна на Филозофскиот факултет со првична идеја да им се направат подостапни факултетските содржини на студентите со дислексија којшто ги имаме кај нас на факултетот.
Неретко се случува учениците со дислексија да се провлечат низ системот на образование незабележани, правејќи некакви сопствени компензаторни механизми, меѓутоа кога ќе дојдат до ниво на високо образование, тука веќе и самите содржини стануваат покомплексни и пообемни, па затоа сакавме барем делумно да им го олесниме самиот процес на студирање. Така дојде идејата и секако за да го изготвиме самиот фонт прво направивме анализа за тоа што е досега сработено во областа, бидејќи фонтови за дислексија постојат веќе години наназад, но кога ја правевме анализата утврдивме дека сите фонтови коишто ги има во суштина се латински и истите не би можеле да се искористат во нашето говорно подрачје, па поради тоа сакавме да креираме еден кирилски фонт, на македонски јазик, но за да го направиме тоа моравме прво да утврдиме кои ќе бидат тие критериуми кои треба фонтот да ги задоволи од една страна, а од друга страна да ги задоволат критериумите за читање на лицата со дислексија. Секако, откако ја направивме и таа анализа, тогаш се пристапи во втора фаза кога беше вклучено и стручно лице, типограф, конкретно Ласко Џуровски работеше на креирањето на сите карактери коишто се специфични за овој фонт.
Сепак треба да се нагласи дека фонтот не е некој волшебен трик со кој исчезнуваат сите манифестации на дислексијата или тешкотиите со кои тие лица се соочуваат при читањето, но е еден начин којшто овозможува сите оние карактеристики коишто се во фонтот, лицата да може самостојно да ги искористат без да прават индивидуални адаптации, додава Филиповска.
Откако овој фонт веќе бил изготвен, тимот сакал да ја провери и неговата ефикасност, бидејќи во литературата има истражувања и на оваа тема за ефикасноста на фонтовите за дислексија.
Резултатите не беа толку конклузивни, затоа што едни наведуваа дека има некакви ефекти, додека други дека нема никакви ефекти врз читањето, па затоа сакавме да видиме како нашиот фонт како реагира во услови кога се користи. Во таа фаза веќе работевме и со здружението „Ајнштајн“ со кои заедно го спроведовме истражувањето, каде што беше буквално тестиран фонтот во споредба со друг фонт и ја тестиравме течноста на читање кај испитаниците. Она што се утврди е дека испитаниците успеаја да прочитаат поголем фонт на зборови со фонтот „DyslexicFZF“, иако таа разлика не беше премногу значајна, но онаму каде што се покажа статистички значајна разлика беше во бројот на направени грешки и со самото тоа колку се прават помалку грешки во читањето, толку се подобрува инфлуентноста во читањето, додава Филиповска.
Сепак не мора да значи дека фонтот ќе има еднаква ефективност кај сите лица со дискелсија, вели Маја.
Не сите лица манифестираат исти знаци при читањето, а од друга страна постојат и различни типови на дислексија, па така фонтот би бил да речеме поефективен кај ортографската дислексија, бидејќи тие лица имаат проблем со распознавањето на изгледот на буквите во еден текст, отколку кај лицата коишто имаат фонолошки дислексија каде што проблемот лежи во препознавањето на звуците во еден збор. Ова значи дека има разлики во примената, но она што е позитивно е тоа што фонтот не мора да се користи само за лица со дислексија, туку може да го користи кој било, којшто има тешкотии во читањето, вели за крај Филиповска.
За Приказна,
Ване Маркоски