Филмот „Врба“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, на 22 јануари ќе го отвори 13. Меѓународен филмски фестивал Историка во Кјото, Јапонија. Манчевски ќе биде виртуелен гостин на фестивалот и по проекцијата на филмот ќе учествува онлајн во дискусијата со публиката.
Јапонскиот фестивал Историка е уникатен во светот поради тоа што во фокусот има филмови со историска тематика. Мотото на фестивалот е „Поврзување со иднината преку историски филмови“, a седиштето е во филмските компании Тоеи и Шошику, прославени по самурајските филмови. Фестивалот секоја година прикажува нови историски филмови од целиот свет, а како што вели директорот Кен Такахаши, годинава избрал да го отвори со „величествениот филм ’Врба‘“.
Речиси две и пол години по светската премиера во октомври 2019 на Римскиот фестивал, „Врба“ продолжува со интензивен фестивалски живот. Досега, освои вкупно тринаесет трофеи, меѓу кои и за најдобра режија на Рејнденс во Лондон, најдобар филм на Синеквест во Калифорнија, Сребрена палма во Валенсија …
Минатиот месец, „Врба“ освои вкупно 7 трофеи – три награди и четири почесни признанија, а имаше и грчка и француска премиера на маратонскиот филмски фестивал во Атина и на „Европа околу Европа“ (L’Europe Autour de l’Europe) во Париз. Филмот беше прогласен за најдобар филм на маратонскиот филмски фестивал во Атина, a актерката Наталија Теодосиева беше наградена за најдобра споредна женска улога. Во Атина доби и уште четири почесни признанија – за Милчо Манчевски како најдобар режисер, за најдобра споредна улога на актерката Сара Климоска, за најдобар кинематографер Тамаш Добош и за најдобар филм во избор на публиката. Теодосиева беше добитничка и на наградата за најдобра главна женска улога во „Врба“ на фестивалот на независен филм „Околу глобусот“ (Across the Globe Film Festival) во Њујорк.
„Врба“ собори рекорди во кино и ТВ прикажувањето дома, забележа извонредни критики во светските медиуми („Суптилен и длабок“ – Варајати), се прикажа на четириесетина фестивали на четири континенти, беше вброен и во потесниот избор за наградите на Европската филмска академија и е еден од малкуте европски филмови со редовна дистрибуција во САД.
Најновиот, седми филм на Манчевски „Кајмак“, кој се снимаше лани во Скопје и околината, е во постпродукција и се очекува годинава да има премиера. Продуцентската куќа „Банана филм“ го најавува „Кајмак“ како „безобразна комедија“ и безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината, црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот.
„Кајмак“ е европска копродукција во која 54 проценти од буџетот го финансираат филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд Еуроимаж, а 46 проценти се од Македонија, од Агенцијата за филм и Македонската радио-телевизија (МРТВ), која е копродуцент. Во меѓународната екипа беа вклучени филмски работници од Македонија, Англија, Италија, Данска, Холандија, Србија, Бугарија и Хрватска. Копродуценти се Мета Луиз Фолдагер, Мете Борч, Елс Вандеворст, Изабел Депевег и Синиша Јуричиќ. Продуцент е Јане Ќортошев, извршен продуцент е Ијан Прајор директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, дизајнер на шминка Марио Микисанти, музика Дениш стринг квартет, монтажа Емил Нунинга, а костимограф Жаклина Крстевска. Во главните улоги се Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ.