Би помогнале ли на жртви на насилство? Искрено? Без да ги осудувате? Да пробате да ги разберете. Во таа насока, ајде малку да спознаеме зошто жртвите често не бегаат.
Никогаш не ги осудувајте жените, жртви на семејно насилство, затоа што не го оставиле насилникот. Злоупотребувачите се големи манипулатори кои им го перат мозокот на жртвите на подмолен начин. Прашањето кое го слуша скоро секоја злоупотребувана жена е: „Зошто и понатаму си со него“. Луѓето не можат да го разберат тоа, а не го разбираат ни самите жртви.
Нападите се случуваат со денови, недели, а понекогаш и со години. Како резултат на тоа, жртвите стануваат дезориентирани, збунети и почнуваат да се сомневаат дека тоа е вистина. На крајот, сите убедувања ги прифаќаат. Идејата на овој напад е да го уништи стариот идентитет и да го замени со нов, кој се преклопува со вредностите и идеите на манипулаторот. Жртвата се чувствува виновна цело време и постапува како што ќе и каже. Сè што прави, го прави на погрешен начин. Со тек на време, почнува да верува дека е лоша личност. Жртвата станува збунета и дезориентирана. Постојано се преиспитува. Се чувства депримирано, тешко, трауматизирано, а не се исклучени ни емоционални и физички симптоми како несоница и параноја. Некои тоа го нарекуваат нервен слом. Тоа е точка на исцрпеност, која се раѓа од екстремна тежина. Способноста за размислување во оваа фаза, заедно со расудувањето се комплетно загрозени.
Во моментот кога жртвата буквално не може да го поднесе, злоставувачот станува поблаг и ѝ дозволува кратки епизоди со љубезност. Тогаш, жртвата почнува да чувствува благодарност, секако нереална. Малиот чин на љубезност, бидејќи перцепцијата и е нарушена, ги менува нејзините емоции кон олеснување и восхит. Тоа што во тие мигови го добива е чаша вода, прегратка или комплимент. Тоа може да создаде лажна надеж и чувство да се потруди да стане подобра, за да добие повеќе љубезност. Овие непредвидливи реакции се штетни за менталното здравје, самодоверба и самопочит. Злоставувачот може еден ден да биде добар, а другиот не. Тоа предизвикува големи количини на стрес и тежина. Жртвата не знае што згрешила, само знае дека е крива. Почнува да се чувства виновна за уверувањето кое го имала. Жртвата чувствува дека она што ги предизвикува проблемите се нејзините убедувања, погледи, верувања. Почува да се срами од себе … Има уште. Многу …
Не молчете. Разговарајте со некој. Не чувајте ги лошите чувства во себе. Првиот чекор е најтежок. Но, подоцна ќе бидете горди со себе. Нема причина за срам. Треба да се срами тој кој ве злоупотребува. И не заборавајте, не се сите луѓе еднакво вредни. Никој нема право да ве уверува дека сте безвредни, да ве понижува и да ви нанесува физичка и психичка болка. Да помогнеме и ние. За почеток без да судиме. Не знаеме како е. Не можеме ни да претпоставиме. Затоа да разбереме дека на тие лица им треба поддршка, љубов, разбирање. Но, не и осуда.
Жртвите на насилство треба да ги сослушаме. Вистински. Да ги поддржиме без резерва. Од тоа можеби и ќе зависи нивниот живот. Стоп за насилство. Без исклучок во која и да е форма.
За Приказна
Вики Чадиковска