19.8 C
Skopje
Thursday, September 19, 2024
spot_img

Децата јадат многу нездрава храна

Бројките од податоците на СЗО, покажуваат дека 60,5% од мажите и 47,8% од жените на возраст над 20 години, имаат зголемена телесна тежина, а околу  20% од возрасните во државава се дебели.

За жал, зголемената телесна тежина и дебелината се проблем и кај децата. Во нашата земја секое трето дете има прекумерна тежина или дебелина – една од највисоките стапки во регионот на СЗО за Европа. Загрижува и фактот дека трендот на прекумерна тежина кај децата на возраст од седум години има тенденција на раст – кај момчињата од 37.9% во 2010 на 39,4% во 2016, а кај девојчињата од 31.5% во 2010 на 32,9% во 2016. Според податоците на Европската иницијатива на СЗО, за следење на дебелината кај децата, од 2016 година, со која биле опфатени 40 земји, Македонија го зазема 10-тото место.

Апсолутно дека дебелината е здравствен проблем и здравствен ризик би рекол. По своите карактеристики сè уште не можеме да ја карактеризираме како болест, меѓутоа е сериозен ризик-фактор за појава на други болести, смета проф. д-р Игор Спироски началник на одделение за физиологија и мониторинг на исхрана во ИЈЗ.

Нема достапен опис
Проф. д-р Игор Спироски началник на одделение за физиологија и мониторинг на исхрана во ИЈЗ.

Според д-р Митов, конкретно ако зборуваме за телесната тежина кај децата на пример, ние иако сите го зборуваме тоа како општествен проблем, ретко кој го прифаќа како проблем присутен во сопственото семејство. Правени се анализи во однос на ставови на родители во однос на тоа дали перципираат дали има зголемена телесна тежина кај нивното дете. Ќе се изненадите од огромниот процент на родители коишто не можат да го видат проблемот иако тој им е пред нос.

Александар Митов е магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето

Зголемената телесна тежина и дебелината се чести проблеми за сè повеќе деца. Децата јадат многу нездрава храна, многу од нив претеруваат со седење пред компјутер, немаат физичка активност. Неретко, според лекарите, родителите не се соодветен пример и за здрава исхрана и за активности

Според податоците од ИЈЗ во 2016 година 32,9 отсто од женските деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 33,2 процента, а во 2018 година – 33 проценти. Во 2016 година 15,2 отсто од женските деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 13,1 отсто, а во 2018 година – 14,9 отсто. Вкупно 38,3 отсто од децата во второ одделение имаат зголемена телесна тежина или дебелина. Дебели се 19,2 отсто од децата. Споредено со претходните години, забележано е зголемување на процентот на деца со дебелина од 0,8.

Податоците со кои располага Институтот за јавно здравје покажуваат дека една третина од децата се со зголемена телесна тежина, кои подоцна ќе прераснат во дебели возрасни лица, а дебелината најчесто се одржува низ животот. Од нив поголемиот број живеат надвор од Скопскиот Регион. Сепак, во изминатите неколку години е регистрирана стагнација на бројот на деца со зголемена телесна тежина или дебелина во државава. Докторите препорачуваат дека здравиот начин на исхрана и физичката активност од еден час дневно се клучни децата да имаат нормална телесна тежина.

Од Институтот откриваат дека податоците за 2020-та податоците не се целосни, затоа што мерењата кај децата не можеле да се спроведат во целост, поради  тоа што училиштата не работеа со физичко присуство заради пандемијата.

Емисија Приказна посветена на дебелината како здравствен проблем

Се направија одредени промени во однос на правилникот за исхраната на децата во претшколска и школска возраст во Министерството за образование пред неколку години, но тоа не значи дека проблемот е решен, потребен е и следен чекор. Особено кога станува збор за здравјето на децата, со добра мисла и позитивна енергија постојано треба да се надградуваме. Не треба да се помириме во ниту еден момент дека тука имаме некоја работа недовршена, па ќе ја оставиме за подоцна. Нема причина зошто да се чека. Треба постојано да разговараме за исхраната на децата, за зголемената телесна тежина, што може семејството, но што може и системот да направи. Ако не можат да го препознаат проблемот родителите, тогаш прашање е и колку можат тоа да го препознаат и наставниците. Треба ли да им се помогне, да бидат обучени?! Треба да се вложува во нив, тоа е како вештина која се стекнува. Мислам дека тука има многу плодно поле за работа и треба да се работи на тој проблем, изјави за приказна д-р Митов.

Во овој момент се случува убава иницијатива од страна на Министерството за труд и социјална политика, за промена на стандардите во исхраната, како што претходно МОН го направи тоа во однос на основните училишта. Тие цело време бараа сугестии од нас и се смени Правилникот, се смени нешто во начинот на гледање на работите, меѓутоа тоа е сè уште малку, открива за Приказна проф. д-р Игор Спироски началник на одделение за физиологија и мониторинг на исхрана во ИЈЗ.

Конзервираните преработки од месо и синтетичките паштети да се заменат со зголемен внес на свежо овошје и зеленчук препорачува работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките. За поголема грижа и превенција на здравјето на децата додека престојуваат во градинките но и дома, Работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките предвидува и едукација на децата, родителите и вработените во градинките. Работната група ќе продолжи со својата работа до завршување на промените кои ќе бидат направени и подготовка на нов Правилник за исхрана во градинките.

Министерката Шахпаска посочува дека исхраната на децата игра клучна улога во нивното здравје.

„Разноликоста на храната и внесот на здрави оброци кај децата во предучилишно образование е клучна за нивниот правилен детски развој, затоа што преку неа тие ја добиваат енергијата која им е потребна за учење и игра, карактеристична за нивната возраст. Оттука произлегува и иницијативата на Министертвото за целосно ревидирање на Правилникот за исхрана на децата во градинките“, смета министерката Шахпаска.

Проблемот со дебелината во Македонија постои подолго време и има растечки тренд, а кризата предизвикана од пандемијата само придонела за негово влошување. Ковид-кризата покажа и дека дебелите индивидуи се под зголемен ризик од лоши здравствени исходи кога ќе се заразат.

Проблемот со дебелината мора да се решава со комбинација од физичка активност и исхрана. Децата минимум еден час во текот на денот треба да бидат физички активни, од средно до високо ниво на физичка активност, а возрасните до 30 минути да бидат активни пет дена во неделата.

За Приказна,

Бранка Чочкова,

Ване Маркоски,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,659FansLike
3,323FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ