17.8 C
Skopje
Thursday, September 19, 2024
spot_img

Зоран Гучев: режимот на исхрана е она што го лекува дијабетот, инсулинот и таблетите се само помошно средство

Грубо кажано, постојат два типа на дијабет. Едниот тип на дијабет кој е многу почест кај деца, меѓутоа го има и кај возрасни, каде што недостасува инсулин, имаат чести кетоацидоза и обично не се дебели. Додека другиот тип кој е чест и е многу почест кај возрасните, отколку кај децата, е типот на дијабет каде што имаат сè уште инсулин, меѓутоа се често дебели и имаат помалку кетоацидоза. Покрај овие два главни типа на дијабет, има гестациски дијабет – дијабет кај жени кои се бремени и понатаму една цела низа на дијабетис кои се предизвикани од генетски причини, од различни гени, вели во интервјуто за Приказна, д-р Зоран Гучев.

Приказна Што е дијабет?

Гучев Дијабетот не е една болест, туку е голем број на болести кои практично се одбележуваат со едно исто име. Зборувам за дијабетот кај децата, дијабетес мелитус.

Грубо кажано, постојат два типа на дијабет. Едниот тип на дијабет кој е многу почест кај деца, меѓутоа го има и кај возрасни, каде што недостасува инсулин, имаат чести кетоацидоза и обично не се дебели. Додека другиот тип кој е чест и е многу почест кај возрасните, отколку кај децата, е типот на дијабет каде што имаат сè уште инсулин, меѓутоа се често дебели и имаат помалку кетоацидоза.

Покрај овие два главни типа на дијабет, има гестациски дијабет – дијабет кај жени кои се бремени и понатаму една цела низа на дијабетис кои се предизвикани од генетски причини, од различни гени.

Еден и пол до два проценти од сите дијабетис состојби во детска возраст се предизвикани од нарушување во различни гени и тоа е секогаш добра работа да се знае, бидејќи некои од тие генетски дијабетис понекогаш може да се лекуваат со таблети, наместо да се лекуваат со инјекции. Втората работа е што кај таквите дијабетис состојби – сигурно е дека има некоја голема лабораторија и големи истражувачки центри кои бараат генетска терапија. Некаде околу дваесетина болести во човечкиот род денес можат да се решаваат на тој начин, што расипаниот дел на генот, како со ножици се сече и се заменува со некоја секвенца која е нормална за генот. На тој начин нема лекување, туку има излекување. Има некаде околу 5 илјади такви болести, меѓутоа дијабетот сè уште не спаѓа таму од едноставна причина што за дијабетот, генетска причина не е докажана.

Приказна Кои се ризик факторите коишто влијаат, односно придонесуваат за да се случи дијабетот?

Гучев За дијабет Тип 1 нема ризик фактори. Кај овој тип дијабет има една теорија која вели дека мора да имате терен, а тој терен се гените од таткото и мајката кои сите ги добиваме, а потоа имаме облик кој личи, но и не личи на мама и на тато. Боја на коса, облик на нос, големина и боја на очи и секако одреден број на пораки од кои болести ќе заболиме.

Кај типот 2 дијабет главен ризик фактор е дебелината и начин на водење на животот. Седење многу, а малку физичка активност и покачена телесна тежина.

Приказна: Колку физичката активност е важна кај луѓето со дијабет?

Гучев Самата физичка активност не лекува дијабет, физичката активност помага да се подобри метаболната контрола кај луѓето кои имаат дијабет и исто така помага кај луѓето коишто сè уште немаат дијабет да на одреден начин спречат или одложат појава на дијабет ако имаат други ризик фактори.

Приказна: Кои се симптомите кои укажуваат дека некое дете има дијабет?

Гучев Јас би се повикал на еберусовиот папирус, каде што фараонскиот лекар опишал некоја жена која била дебела, многу уринирала и многу пиела вода. „Со врвот на тогашната технологија“, фараонскиот лекар ја вкусил, ја пробал урината на таа жена и видел дека е слатка, тоа е првиот опис на слаткиот дијабетес мелитус.

Кај децата истите вакви симптоми се карактеристични, меѓутоа децата најчесто не се дебели. Основниот симптом со кој можат да почнат е детето да станува да мокри и навечер. Деца кои се навикнати да не мократ во кревет, ниту пак во гаќи, почнуваат тоа да го прават. Многу мократ, пијат многу вода и на крајот тие многу слабеат. Слабеат заради тоа што и покрај тоа што нормално или повеќе јадат, нема инсулин кој шеќерот треба да го втера од крвта во самите ќелии каде што тој се користи за гориво. Основните симптоми на дијабетот се исти, многу мокрење, многу пиење течности – вода и слабеење.

Приказна Ако направиме паралела, какви се податоците на светско ниво и какви се податоците во Македонија, како стоиме со бројките на дијабет кај деца?

Гучев Северните земји имаат повеќе случаи на дијабет за разлика од јужните земји. Има некои исклучоци, на пример Сардинија има висока инциденца и преваленција за дијабетес мелитус кај деца.

Нашата преваленција е мала, некаде околу 5,6% на 100 илјади жители и според тоа имаме една среќна околност. Нема некое соодветно објаснување, но има едни интересни студии.

Некои автори направиле студија, да видат како поминуваат децата од Израел, а кои мигрираат во Канада – од една јужна, во една северна земја. Ако емигрираат пред појавата на пубертетот – имаат канадска висока инциденца на дијабет, ако емигрираат по појавата на пубертет, имаат ниска – израелска инциденца на дијабет. Со други зборови, самата појава на дијабетот и времето што човекот живее во одредено јужно или северно место има значење за појава на дијабет.

Приказна Како да препознаеме по анализата на крввта, кои параметри укажуваат дека имаме состојба на дијабет?

Гучев Има јасни критериуми. На гладно, пред појадок, ако шеќерот е над 7 – тогаш е дијабет. После јадење, во било кое време во текот на денот ако шеќерот е над 11, во тој случај тоа е дијабет. Меѓутоа, треба да се внимава на она што се нарекува пред-дијабет или одредена нетолеранција на јаглехидрати.

Приказна Колку на нивото на шеќер, влијае вечерното внесување на храна која има повисоко ниво на јаглехидрати? Дали тоа може да влијае на крвната анализа?

Гучев Кај луѓе што немаат дијабет, тоа не би смеело да влијае.

Приказна Колку е важна дисциплината во исхраната?

Гучев Сигурно дека е важно. Всушност, режимот на исхрана е она што го лекува дијабетот. Инсулинот и таблетите се само помошно средство без кое не се може, не може да ги прескокнете. Во секој случај, лекот е храната.

Кога зборувам за деца, детето не смее да биде гладно. Тоа треба да е сито, задоволно и не можете дете или возрасен да го прекинете сред јадење или да му земете залак од уста. Треба на некој начин да им се објасни дека е потребна балансирана исхрана, во која краставица, зелка или марула може да јаде колку што сака – имаат многу малку калории и јаглехидрати. Различните типови на меса немаат шеќер, имаат калории, долго време се варат и ги држат сите луѓе сити – значи треба да јадат и месо. Јаглехидрати мораат да јадат – леб, ориз, компир. Меѓутоа, на она што треба да се навикнат е дека исхраната за дијабет е исхрана за било кој здрав човек, а кај разумен човек таа треба да биде балансирана. Тоа значи дека треба да има од сите три типа на материи: јаглехидрати, масти и протеини, да има доволно добри вообичаени витамини и притоа да нема прејадување или подјадување.

Бидејќи се деца, понекогаш сакаат и благо, тоа во апсолутна смисла не е забрането. Ако се обидете да им забраните да јадат благо, ќе почнат да кажуваат невистини. Има поглавја во учебниците за дијабет кои се викаат „Лажење“, долготрајно лажење е она што предизвикува тешки компликации на дијабет кои водат до оштетување на очи, на бубрези, на нерви и на мускули.

Компликациите на очи после 20 години се 30-40 проценти, на бубрезите исто е некаде околу 40 отсто, а веќе после триесеттата година од траење на дијабетот дури и 80 проценти. Тоа е она што се обидуваме да го избегнеме. Ако имаат соодветен режим на исхрана, соодветна терапија и добра контрола на дијабетот, во тој случај ова се избегнува.

Тука е прашањето и за благото. Најдобра политика, ако може така да се каже, е да речеме: земи еден сладок ден и тогаш изеди парче торта, чоколадо или што да сакаш. После час или два, треба да се измери колку е шеќерот и ако е тој качен ќе додаде уште една доза инсулин сè додека тоа не се смири. Тоа е добра политика бидејќи на тој начин се праќа порака дека не е исфрлен од нормалната исхрана која другите ја прават. Не е нормално еден ден да се јаде благо, следниот ден бурек, па третиот ден пица, четвртиот хамбургер, бидејќи така ќе може да каже – држам диета, па ќе наброи еднаш неделно јадам благо, еднаш неделно бурек итн. Тоа е сè храна која има голема концентрација на јаглехидрати и масти и со право се нарекува „џанк фуд“.

Приказна И спуштањето на нивото на гликозата знае да биде проблематично. Како во тие ситуации?

Гучев Тоа се вика хипогликемија, паѓање на нивото на шеќерот. Сите ние повремено имаме хипогликемија, меѓутоа не ја фаќаме. Имав еден период кога имав синусит и направив повеќе крвни слики и единствено нешто што не беше добро беше шеќерот, беше 2,5. Јас не чувствував ништо. Со други зборови, помеѓу 2,5 и 3,8 кога човек има дијабет не е нешто што е алармантно.

Алармантни се вредностите под 2 и тоа во оние ситуации каде што човекот мисли дека ќе изгуби свест или ќе почне да се грчи. Некогаш тоа се случува комплетно одеднаш, кај пациенти кои имаат дијабет Тип 1 бидејќи со тек на време го губат чувството на низок шеќер.

Инаку имаат предвесници, тоа е нагло чувство на глад, пресекување во стомакот, некоја болка, притресување на рацете, пребледување и ладна пот. Меѓутоа не мора да го имаат тоа, после 10-20 години од боледување од дијабет го губат тоа чувство.

Приказна посветена на дијабет

Јас се сеќавам на едно дете, отишло со група врсници од школо на врвот на Водно, па на Матка и оттаму се вратиле со автобус. Во време кога се држел за шипката од автобусот, паднал како свеќа затоа што имал хипогликемија, згрешил, бидејќи во таа ситуација требало да има неколку додатни оброци или да ја намали или скокне дозата на инсулин. Кога го донесоа на клиника беше без свест, но за среќа заврши добро.

За Приказна,

Бранка Чочкова,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,659FansLike
3,324FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ