Во борбата за прифаќање на жените како рамноправни партнери во општеството, неопходна е и женската солидарност и поддршка. Секојдневно жените во јавниот живот се предмет на напади кои не често завршуваат без осуда што всушност е преќутно одобрување на таквите напади, а често тоа е и причината зошто се обесхрабрени да се вклучат поактивно во креирање на локалните политики и нивна реализација, вели во интервју за Приказна, Данела Арсовска независен кандидат за градоначалник на град Скопје.
Разговорот е дел од серијалот интервјуа што Приказна ги прави со жените политичарки.
Приказна Како ќе се опишете себеси?
Арсовска Моето семејство и моите пријатели, велат дека сум личност со интегритет на која можат да се потпрат. Упорна сум и се борам за целите во кои верувам. Оптимист сум, детално пристапувам кон реализација на секој проект, решително и посветено им пристапувам на предизвиците.
Приказна Кои се вредностите во кои се препознавате?
Арсовска На кратко би кажала дека тоа се искреност и праведност, вредности во кои веруваме и со кои со сопругот го израснавме и нашиот син.
Приказна Дали тие вредности се присутни денес во светот на политиката?
Арсовска Политиката кај нас одамна е без почит кон основни принципи на фер и коректно однесување и тоа е една од причините зошто на граѓаните им е доста од политикантство. Затоа и на Скопје не му треба политичар, туку му треба менаџер кој низ својата работа ќе покаже искрена грижа за Скопје и скопјани.
Приказна Што од вашите вредности ќе се најде во вашите планови за Скопје?
Арсовска Ќе работам посветено, ќе го вложам своето знаење и со имплементирање на најдобрите меѓународни практики, со цел реализирање на проектите предвидени од мојата програма и остварување на визијата за поубаво Скопје. Скопје ќе биде град без корупција, без непотизам, ќе се спречи непланското градење и бетонирање на Скопје, ќе се спречи уништување на зелените површини. Со праведно постапување и овозможување градот Скопје да е транспарентен и достапен за скопјани, брзо ќе бидат видливи подобри резултати.
Приказна Досегашната пракса во политиката, покажува дека желбите и битките за промени, ги поттикнуваат и реализираат жените. Жените искрено се борат за своите ставови. Како да ги охрабриме жените за поголема вклученост во локалните политики и нивна реализација?
Арсовска Гласот на жената во креирањето на политичките процеси е повеќе од неопходен. Лично сум голем поддржувач на движењата за овозможување на родова рамноправност, но и на јакнење на позицијата на жената во општеството. Во борбата за прифаќање на жените како рамноправни партнери во општеството, неопходна е и женската солидарност и поддршка. Секојдневно жените во јавниот живот се предмет на напади кои не често завршуваат без осуда што всушност е преќутно одобрување на таквите напади, а често тоа е и причината зошто се обесхрабрени да се вклучат поактивно во креирање на локалните политики и нивна реализација.
За Приказна,
Вики Чадиковска