19.8 C
Skopje
Thursday, September 19, 2024
spot_img

Интервју Кнежевиќ Гајдазис: родители не се разведуваат

Партнерите со разводот влегуваат во еден цел процес на разводи, емоционални, психолошки, на разводи на социјално ниво, истовремено почнува и економската загуба, бидејќи од едно стабилно функционирање, тие треба да влезат во една неизвесна ситуација за тоа како да се продолжи понатака. Се’ ова се етапи и фази во следните години, кои партнерите мора да ги поминат. Од сите тие, најтежок е емоционалниот развод, вели во интервју за „Приказна“, прим. д-р Славица Кнежевиќ Гајдазис.

Приказна ЕП19 – Тема: Развод

Приказна: Што се случува со семејството кога партнерите ќе одлучат да се разведат?

Кнежевиќ Гајдазис: Одлуката за развод не е лесна. Мал број парови тоа го прават брзо. Обично зад еден развод стојат две до пет години нефункционален брак и незадоволство во бракот. Покрај сето тоа, самата одлука на донесување е важен чин.

Понекогаш одлуката ја носи само едниот партнер, бидејќи другиот не е подготвен за тоа, но понекогаш и двајцата успеваат да се договорат и заеднички да донесат одлука. Тоа што треба да се знае е дека носењето на одлуката за развод е прилично болен момент, бидејќи тоа практично значи смрт за бракот. Тоа значи дека партнерите по одлуката, веднаш се соочуваат со серија на загуби, загуби на различно ниво и поле.

За разлика од сите други загуби, на пример погреб, каде имаме ритуали, кај разводот тоа не постои и затоа го прави уште посложен, бидејќи не можете ритуално да го жалите процесот на развод на бракот. Од тука партнерите влегуваат во еден цел процес, на емоционални, психолошки, разводи на социјално ниво, истовремено почнува и економската загуба, бидејќи од едно стабилно функционирање, тие треба да влезат во една неизвесна ситуација за тоа како да се продолжи понатака. Се ова се етапи и фази во следните години, кои партнерите можат да ги поминат. Од сите тие најтежок е емоционалниот развод.

Можно е да е слика од еден или повеќемина, седнати луѓе, мебел и внатре
Интервју со прим. д-р Славица Кнежевиќ Гајдазис

Приказна: Како децата на одредени возрасти ја манифестираат емоционалноста и прифаќањето на одлуката на родителите да не се повеќе заедно?

Кнежевиќ Гајдазис: На различна возраст, различно го манифестираат. Кога зборуваме за децата во предучилишна возраст, тие најмногу може да реагираат преку своето однесување. Знаат да реагираат и со зборови, но најчесто се повлекуваат или покажуваат агресија. Може да им се јават и ноќно мокрење, тикови, проблем со изговорот и тоа е сè одраз на таа емоционална внатрешна состојба на децата.

Кога се наоѓа во оној училиштен период, односно периодот до адолесценцијата, тогаш гледаме ситуации на страв, ситуации како одбивање да оди на училиште, да се дружи, успехот на училиште се вложува, за разлика од децата во адолесценција, кои веќе можат да ги манифестираат сите овие претходни работи.

Tука ја имаме и опасноста, ако не можат да се справат со тоа, често се случува утехата да ја најдат во алкохолот, дрогата и слично. Тоа е сè одраз на неизвесноста со која живеат децата. Затоа родителите имаат обврска да им помогнат на децата да се адаптираат на ситуацијата. Ако родителите сакаат да им помогнат на своите деца, еден од начините е сите соопштувања да ги направат заеднички, без оглед што стои зад таа одлука. На тој начин им помагаат на децата подобро да разберат и да сфатат дека тие остануваат да бидат нивни родители и понатака.

прим. д-р Славица Кнежевиќ Гајдазис

Приказна: Има ситуации кога и децата ја злоупотребуваат оваа состојба на развод, па често пати, не по нивна вина, користат да добијат нешто од едниот, па од другиот родител. Како да се постапи во такви ситуации?

Кнежевиќ Гајдазис: Морам да кажам дека ова не е приказна само на деца чии што родители се разведуваат. Ова го прават сите деца, бидејќи тие нас постојано не тестираат како родители, нашите граници, правила, сојуз…

Точно е дека во периодот на разводот и после него, децата се доведуваат до ситуација да ги тестираат родителите, да ги проверуваат нивните капацитети да се договорат. Доколку гледаат дека не можат да се договорат меѓу себе, тогаш со тоа однесување им праќаат порака на родителите дека не знае што да прави и само си бара начини како да реши одреден проблем. Тоа нас ни наликува на злоупотреба.

Затоа ако не сакаме деца да се однесуваат на тој начин, треба да проработи алармот во нашата глава и како родители да се прашаме што се случува, што ние правиме сега и што треба да правиме за да детето не се однесува така и ги почитува правилата.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,659FansLike
3,323FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ