6.8 C
Skopje
Sunday, December 22, 2024
spot_img

ИНТЕРВЈУ Петровска: да се избориме против предрасудите врзани за учество на жените во политиката

Ана Петровска е независен кандидат за градоначалник на Град Скопје. од „Зелен хуман град“.  Таа во интервју за Приказна вели: Заради својата емпатичност, жените често се ангажираат како активисти и волонтери. Во содејство со професионалноста и посветеноста, тие се вистински двигател на позитивни општествени процеси и промени. Затоа не е случајно што на советничката листа на Зелен хуман град има повеќе жени отколку мажи.

Разговорот е дел од серијалот интервјуа што Приказна ги прави со жените политичарки.

Приказна Како ќе се опишете себеси?

Петровска Јас сум личност што го сака животот и ги сака луѓето, природата и животните. Предизвик ми е решавањето проблеми и не се откажувам, кога има пречки или притисоци. Сакам да работам со млади, ме воодушевува кога имаат ентузијазам да се вклучат во општествените процеси и да придонесат за подобро утре. Така и се поврзавме со луѓето од листата на советници од Зелен хуман град, бидејќи споделуваме слични вредности и учиме едни од други.

Приказна Кои се вредностите во кои се препознавате?

Петровска Се борам против дискриминација, а се залагам за социјална правда и родова еднаквост. Заштитата на животната средина е мојата животна борба. Затоа и моите два сина работат во оваа област – постариот помага на триесетина индустриски капацитети да применат енергетска ефикасност, а помалиот работи на заштита на птиците.

Приказна Дали тие вредности се присутни денес во светот на политиката?

Петровска За жал, носителите на политички функции при донесувањето одлуки, во голем број случаи го имаат предвид интересот на поединци, а не јавниот интерес.  Кога во политиката мотивацијата се црпи од стекнување лична корист, се губат вредностите за кои зборувам и се залагам. Затоа нашето општество е поделено, со големи разлики помеѓу луѓето според социјалниот и економскиот статус. Затоа во Скопје имаме заборавени населби каде вода се пие од азбестни цевки, улиците не се осветлени и покрај нив се трупа ѓубре. Пензионерски клубови се даваат на концесионери, а пензионерите остануваат без простори за среќавање и дружење. Напуштени фабрики и стоваришта пропаѓаат, наместо да се пренаменат во младински центри. Ревитализацијата на овие простори се одолговлекува во бирократски лавиринти, што имаат за цел да се искористат законски празнини за урбаната мафија да ги присвои и да бидат изгубени како вредни јавни простори.

Можно е да е слика од 2 луѓе, луѓе што стојат и надвор
Ана Петровска, Зелен хуман град

Приказна Што од вашите вредности ќе се најде во вашите планови за Скопје?

Петровска Ние Скопје го гледаме можност да создадеме мрежа на урбано зеленило од паркови, дрвореди и зелени коридори покрај реките. Урбаната мобилност да биде одржлива – велосипедската и пешачката инфраструктура да бидат развиени и безбедни, а јавниот транспорт да биде брз, пристапен и удобен. Вложуваме во енергетска ефикасност и соларна енергија.

Обезбедуваме услови за максимална селекција, рециклажа и компостирање на отпадот. Создаваме циркуларност – наместо да фрламе, создаваме простори за занаетчиите за поправка на апарати и други отфрлени предмети и за креативците за преработка на стариот мебел. Воведуваме програми за заживување на занаетите. Поттикнуваме зелени стартапи. Ги поддржуваме малите локални зелени бизниси. Поттикнуваме социјално претприемништво со акцент на младите. Ги ревитализираме напуштените простори и ги отвораме за млади претприемачи и креативци.

Приказна Досегашната пракса во политиката, покажува дека желбите и битките за промени, ги поттикнуваат и реализираат жените. Жените искрено се борат за своите ставови. Како да ги охрабриме жените за поголема вклученост во локалните политики и нивна реализација?

Петровска Жените се мајки што сакаат нивните деца да имаат услови за квалитетен и среќен живот. Секоја од нас тоа го прави на свој начин. Но, еден од начините нашите деца да можат достоинствено да живеат е жените да го користат своето право за политичко делување. Заради својата емпатичност, жените често се ангажираат како активисти и волонтери. Во содејство со професионалноста и посветеноста, тие се вистински двигател на позитивни општествени процеси и промени. Затоа не е случајно што на советничката листа на Зелен хуман град има повеќе жени отколку мажи. Борејќи се против предрасудите врзани за учеството на жените, со својот личен пример докажувам дека стручноста и искуството, а не полот, се клучни за постигнување резултати.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,762FansLike
3,389FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ