Сите семејни приказни се слични и различни кога е разводот во прашање. Секој има сопствени сили, резилиенци со кои може да си помогне, да се справи со нешто. Но, секогаш постојат и луѓе во нашата околина луѓе на кои можеме да се потпреме, споделувајќи со некого, вели Елизабета Петровиќ за Приказна.
ДЕТЕ = ПОЛА МАМА + ПОЛА ТАТО
Здружението за заштита на децата-Поврзани, работи на подигање на јавната свест во насока на градење алијанси кои ќе го поддржат заедничкото функционално родителство по разводот во најдобар интерес на децата. Пред извесно време, тие го изготвија прирачникот Семејство, развод и родителство.
Петровиќ Оваа сликовница или т.н. прирачник е нешто што е создадено многу одамна. Kако документ стоеше во мојот компјутер, а како споредба најдобро е да ви кажам дека Виктор, кој во вистинскиот живот не се вика Виктор, веќе е успешен млад студент. Детето со неговата семејна приказна беше поттик да се направи вакво нешто за да го видиме разводот од перспектива на децата, со очите на децата и срцето на децата.
Прирачникот е едукативна книга со илустративни семејни слики. Прави обид да претстави тајни кои допираат многу семејства, соочени со развод. Во фокусот на оваа сликовница, секогаш се децата.
Петровиќ Тајната е проблем и додека тајната не се сподели, нема простор да се оттагува тагата, доволно колку што би можело да се оттагува и доволно брзо да се преболи сето ова. Да се закачи разводот на некоја закачалка со надминати предизвици во животот кои нè прават посилни.
Факт е дека кога премолчуваме, како сите да ги занемаруваме оние семејни приказни кои се случуваат зад некои затворени семејни порти или зад нечии затворени – заклучени срца, а би било многу добро и ако луѓето на кои сето тоа им се случува, го кажат и го покажат. Мислам дека тоа ќе биде добро и за сите нас кои чувствуваме дека некогаш треба да направиме некоја оддалеченост, дека е тоа некаква семејна лична приказна.
Напротив, идејата на оваа сликовница е да ги откриеме сите ресурси од околината кои навистина можат многу да им помогнат на децата и на семејствата. Кога зборуваме за децата, перспективата на родителите е една, а на децата е сосема друга. Впрочем, една од пораките во оваа сликовница е дека родителите треба разводот да го видат од перспективата на децата.
Разводот е тежок за сите.
Петровиќ Мора да разбереме дека и на тие луѓе, што минуваат низ развод, им е многу тешко. Тоа е еден долг процес, има почеток, па до оној постразводен период, тие луѓе се исправени пред сопствените, лични предизвици, од донесувањето на одлуката па сè понатаму. Тие треба да се грижат за децата на кои им е потребна една поинаква семејна структура, поинаков начин на функционирање. Тоа воопшто не е лесно и тоа мора да го разбереме.
Нашиот Виктор е пример, дека и во идеален развод, какви што гледаме само на екраните, поточно почесто на екраните, а поретко во нашето секојдневие, значи дека и во тие такви приказни, кога родителите го даваат својот максимум, на децата им е навистина тешко.
Во една од приказните во оваа сликовница, има силна порака која вели: Има уште нешто проблематично во светот на возрасните. Разводите си ги чуваат заклучени зад срцата и вратите. Не сфаќаат дека отклучувањето, ќе значи споделување, а тоа е лек. Лек и за нив и за нас. Споделувањето може да лекува.
Петровиќ Скоро се сретнав со една мајка, која ми кажа дека со детето кога ги читале одговорите дома, многу плачело, што исто така е добро. Прво, кој може да им помогне?! Можат родителите. Клучот е кај родителите.
Децата можат брзо да оздрават, ако родителите останат тато плус мама засекогаш, а и ако ја градат таа доверба во нивното родителство, што е многу важно за детската доверба во нив и самодовербата. Без доверба, тешко дека ќе дојдете до самодоверба во животот. Сите овие прашања можат да се одговорат можеби преку нормализирање, затоа што Виктор не е единствен има многу такви случки и во неговата паралелка. Тука многу можат да помогнат и училиштата, сите ние, ако на различен начин го гледаме разводот.
Секое дете е и мама и тато. Еднакво. Тоа не смееме да го заборавиме, ни за миг.
Петровиќ Шегувањето е важно. Никола и Виктор се шегуваат за множењето со два и всушност го гледаат разводот од една различна перспектива. Преку шега ги гледаат придобивките на разводот, преку одморот и со мама и со тато, преку двојната торта, двете маала – едното од мама, едното од тато.
Меѓутоа, мора да внимаваме со делењето, делењето со два.
Секое дете е половина мама, половина тато од времето кога се сакале. Ако побарате поголемо делче од половина, вие го втурнувате вашето дете во конфликт на лојалност, што е многу штетно. Делењето, семејното стебло, тоа е одговорот на последното прашање, замислете ако сакате да го уништите, да го преполовите тоа семејно стебло, на кои корени ќе расте тоа дете, чии гранки ќе го заштитат, каде ќе се потпре, под која сенка ќе почине?!
Сите тие работи се многу важни ако родителите ги видат од перспектива на децата и се прашаат како е најдобро за детето, не како мислам јас или како мисли тој/таа.
Разводот ги прави сите приказни слични, иако се различни.
Петровиќ Сите семејни приказни се слични и различни, кога е разводот во прашање. Секој има сопствени сили, резилиенци со кои може да си помогне, да се справи со нешто. Но, секогаш постојат и луѓе во нашата околина, луѓе на кои можеме да се потпреме, споделувајќи со некого.
Прочитав еден загрижувачки податок дека само 10% од децата можат да разговараат со некого кога се случува разводот. Па, ајде да ги отклучиме срцата и портите, па да разговараме. Ако не ви кажат, децата ќе ви покажат, па видете што ви покажуваат, и тоа е разговор.
За Приказна,
Ване Марковски
Бранка Чочкова