Сузана Блажевска за Приказна ја раскажа нејзината успешна приказна. Пред 25 години, одлучува да направи промена во својот живот и така се раѓа центарот за убавина Афродита С. Почнува со еден салон, за по деценија, приказната да ја рашири со уште еден салон.
„Приказна започна точно пред 25 години кога се роди и идејата. Визија на центарот за убавина беше креира убавина и да придонесе за поголема самодоверба на нашите клиенти. Мојата цел беше да се подигне свеста и важноста за убавината, негата на лицето и телото. Ова е услуга од која на пазарот, секогаш има потребна, без разлика на возраст, пол и социјален статус. Надворешниот изглед е од голема важност за самопочитување на секоја личност. Желбата да се врати самодовербата и да се стави насмевка на секое лице беше она кое ја поттикна идејата за Афродита-С, вели Сузана Блажевска, сопственичката на центарот.
Живееме во динамично време, кое има многу побарувања. Тоа често се одразува на нашата кожа, лице и целокупната надворешност. Во ова видов предизвик, да креирам бизнис кој ќе биде пријател на убавината за секого.
Секој од нас чувствува страст за живот, релаксација и убавина. Целта на центарот беше да создадеме оаза каде клиентите ќе се чувствуват убаво и негувано, а пред сè и опуштено. Едноставно ќе купат време за себе, во кое ќе се тргнат од секојдневието, а своите проблеми ќе ги оставаат надвор од нашите простории, раскажува Блажевска. Во моментите кога го поставував центарот, беше предизвик да се отпочне сопствен бизнис. Од денешна перспектива, драго ми е дека ја препознав можноста која се создаде на пазарот и во која ја реализирав мојата идеја. Денес сум горда дека центарот за убавина е модерен, работиме со најсовремени апарати, имаме задоволни клиенти, додава Сузана.
Успехот на оваа бизнис-заедница се гради тимски. Она што е важно е што скоро целиот тим го сочинуваат жени. Со цел постојано да бидат задоволени желбите и барањата на пазарот и нивните клиенти, во центарот настојуваат постојано обучување и развивање на вештините на вработените.
Според Сузана Блажевска, Афродита-С денес може да се пофали со голем број обучени кадри во областа на козметиката и естетиката. Тоа е многу важно, бидејќи сме услужна дејност и човечкиот капитал игра голема улога во креирање на вредностите во компанијата. Многу е јасно дека колку е поискусен козметичарот и естетичарот, толку квалитетот на работа ќе биде на повисоко ниво.
Знаете како, денес човечките ресурси во областа на козметологијата се дефицитарни, па од тие причини, решивме сами да креираме професионален кадар во насока на беспрекорно функционирање на центарот. Ова го препознавме и како дополнителна бизнис можност, со проширување на дејноста и креирање и на центар за обука, вели Блажевска. Преку овој центарот, се спроведуваат групни и индивидуални обуки во областа на козметиката, но и обуки за естетика и организација. Правиме едукации и прекфаликации на кандидатите, па така тие се стекнуваат со специфични работни вештини и сертификати за работа, а добиваат и можност да станат дел од тимот на Афродита С, додава Блажевска
Сузана е член на здружението на жени менаџери ЕЛИТ, кое во 2009 е формирано од 13 успешни деловни жени, лидерки во својот бизнис. Формирањето на ова здружение се раѓа по повеќегодишна дружба од еден бизнис форум во Малме. Ова здружение дава силна поддршка за јакнење на женското претприемништво и поттикнување на родова еднаквост во општеството.
Името ЕЛИТ не е случајно, вели Блажевска. Името е акроним од Е-енергични, Л-лидерки, И-иновативни, Т-транспарентни деловни жени во бизнисот. Дејствуваме во правец на поттикнување, ширење и промовирање на женското лидерство во македонската економија, со што сакаме жената да придонесе во економскиот раст и вработување.
Последните три години го реализираме проектот „Женско лидерство во економијата“ во рамките на кој се одржани 13 трибини, го имплементиравме проектот „Зголемување на бројот на жени во управните и надзорните одбори во приватните компании во РМ“ кој е финансиски поддржан од Министерството за Економија, изјави Сузана за Приказна.
Блажевска неколку години учествува и во проектот-центар за обука под назив „ЗАНАЕТЧИСКА КОМОРА СКОПЈЕ“, за едукација на возрасни со верифицирана програма, каде практичниот дел се спроведува под нејзино менторство во просториите на центарот за убавина Афродита С“. Целта на овој проект е да се задоволат потребите на занаетчиството и стопанството, а едновремено да се помогне на невработените жени во стекнување на одредени вештини за полесно вработување или во стекнувањето на претприемачки дух.
Во 2017 добива плакета од Занаетчиската Комора за најуспешна жена претприемач во занаетчиството. Успешната бизнис приказна на центарот за убавина Афродита С која трае 25 години, бара силна посветеност и многу труд.
Според Сузана Блажевска, не може прецизно да се дефинира формула за успех. Но, постои еден универзален одговор на прашањето како да бидете успешни на кој било план, како да го издигнете својот бренд и да се издвоите на пазарот.
Потребна е пред сè силна упорност и истрајност. Многу напорна работа, посветеност, специфични знаења и вештини. Да изградите тим, кој континуирано ќе го надоградувате и почитувате. Доколку вака се гради бизнис стратегијата, мислам дека успехот постепено ќе дојде, споделува Блажевска за Приказна.
Успехот се гради со постојано следење на новините на светскиот пазар и нивно успешно приспособување на домашниот пазар.
Блажевска вели дека нивниот центар за убавина поседува апарати и препарати, од најновите генерации на познатите козметички брендови за лице и за тело, а за нивна применливост, сите вработени добиваат обуки со цел да стекнат соодветни вештини.
Работиме исклучително со здрави и еколошки козметички препарати од органско потекло, во козметиката, трајната шминка и надградба на нокти. Со сите овие иновации, кои ги увезуваме и како генерални застапници, ние сакаме и настојуваме да бидеме конкурентни и подобри на пазарот, да се диференцираме од конкуренцијата во насока на креирање поквалитетна услуга за нашите клиенти, без никаква штетност по нивното здравје, додава Блажевска. Таа смета дека треба да се признава само лојалната конкуренција, која за нив е значаен фактор за мотив и компетентност, изјави Блажевска.
За Приказна,
Вики Ч.