8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Биба Додева: И после ракот има живот!

Месец октомври е месец за подигање на свеста за ракот на дојка. Борка во изминативе 14 години, активно се залага за промена на перцепцијцијата за ракот, но и за помагање на пациентите да ги добијат соодветните услуги.

Според претседателката на Борка, Биба Додева, нивната првична замисла дека ракот генерално треба да се перципира како потенцијално излечива болест, е реализирана. Додева открива дека започнале со хематолошките карциноми и сè уште „Борка“ е за сите малигни заболувања, а тие несебично помагаат на сите. Борка успеа да покаже една поинаква страна на заболените. Покажавме една поинаква приказна од аспект на пациенти и од она што требаше да се промени во здравствениот систем, сè со цел овие луѓе да не бидат маргинализирани, но и да ги добијат соодветните услуги, смета Додева.

Нема достапен опис
Биба Додева, претседателка на БОРКА

Борка охрабрува дека со ракот на дојка може да се живее.

Видовме секакви приказни во нашиот живот, раскажува Додева за Приказна. Јас лично доживеав многу приказни од мои пријателки, од луѓе кои многу ги сакам, мојата мајка почина од рак, татко ми сè уште се бори со рак и едноставно некако сме на „ти“ со ракот. Битно ни е да покажеме знаете што – дека ниту еден од нас не е тука засекогаш. Битно е она време коешто го имаме, на ова парче земја – како ќе го искористиме. Затоа што имаше еден момент кога мојата мајка не сакаше, одби, да ја прима хемотерапијата. Во прв момент рече – јас не сакам, ќе ми паѓа косата и сè она што болните го поминуваат, во еден момент изусти „јас ќе умрам“.

Тогаш јас ѝ реков: мамо, и јас ќе умрам. Кај нејзе тогаш нешто се прекрши како мајка. Ѝ реков, дај нешто да направиме за да се бориме. Имав среќа мојата мајка да ја имам 12 години со метастазни карцином и тоа можеби е нешто кое и понатака ме води за да знам колку значи еден ден плус или еден месец плус со луѓето коишто ги сакате. Тоа е целта на „Борка“, да ја смениме перцепцијата, да се соочиме со неа, да сфатиме дека ракот е тука и ќе најдеме решение за проблемот, вели Додева.

Нашата земја благодарение на Борка и годинава е дел од „Розовата трка“ којашто низ Европа се случува во повеќе од 30 земји.

Навистина ни е чест што веќе втора година сме членови на „Think pink“ иако „Борка“ веќе долги години е член и на многу други европски и светски здруженија кои ни помагаат во нашата борба и во застапувањето на правата на пациентите и сето она што е новитет, што се случува, па и нашите пациенти тука да можат да го добијат. Веќе втора година „Race for the cure“ ќе биде организирана во рамки на нашата добропозната трка „Напред розово“, единствена од таков вид во рамки на кампањата за борба против рак на дојка. Од 2007 година ние ги организираме ваквите кампањи и навистина сме среќни што после толку години сè уште има интерес и сè повеќе и повеќе луѓе го сфаќаат значењето на самото појавување и учество на прошетката. Не е прошетката само розев марш, не е прошетката само розеви маички, не е тоа само музика и дружење на сите оние жени, па и мажи коишто ни доаѓаат. Прошетката е многу повеќе. Тоа е славење на животот, да знаат и властите, меѓутоа и луѓето да ги потсетиме дека овие луѓе се тука, се храбри и треба да излезат од своите домови, а ние најмалку што можеме е само да им дадеме поддршка, додава Биба Додева.

Благодарение на Борка, во јавноста се наметна дебата како да се продолжи со животот, по ракот на дојка.

Според Додева, и после ракот има живот, после ракот тие луѓе мораат да продолжат со ресоцијализација, со реинтеграција во општеството, да имаат можност да се рехабилитираат, да се вратат на секојдневниот живот иако веќе ништо не е секојдневно после оној момент кога ќе се соочиш со еден таков предизвик во својот живот. После тоа ништо не ти е исто, но да се вратиш во едно нормално општествено и социјално делување, тука некаде ги забораваме пациентите. Скратено работно време, можноста за промена на работното место е нешто што ние почнавме да го работиме ама скромно го работиме. Мислам дека сè повеќе и повеќе забораваме дека ние имаме многу млади коишто заболуваат од карцином. Тие млади жени не можете да ги препознаете на улица, ним не им пишува на чело дека се болни од рак, а треба да се соочат, дали се тоа самохрани мајки, дали се млади родители, треба да им дадеме можност да се реинтегрираат во општеството со целата таа приказна и товар што ја носи ова заболување. Еве еден наједноставен пример, ќе заврши со терапијата, хемотерапија и зрачна терапија – она што значи лекување во оваа болест – каде се дијагностичките процедури. Ковид – 19 ни наметна да ги согледаме подобро дупките во здравствениот систем кај нас во Македонија. Проблемот со закажување на ехо или мамографски преглед отсекогаш биле проблем. Нема доволно мамографи, нема доволно термини за прегледи, термини за следење на болеста без оглед дали станува збор за ПЕТ скен или магнетна резонанца. Ние комуницирмесо докторите од Клиниката за радиологија и укажувавме на тој проблем и до Министерството за здравство, правевме напори. Меѓутоа, сметам дека треба заеднички да изнајдеме повеќе време да се посветиме на таа приказна, на дијагностичките процедури, на она што затаи во време на пандемијата со Ковид-19. Сметаме дека сè повеќе луѓе немаат соодветна дијагноза, токму поради пандемијата, открива претседателката на Борка, Биба Додева.

Емисијата Приказна, посветена на подигнување на свесноста за рак на дојката

Статистиките покажуваат дека на светско ниво статистиките укажуваат дека детектирањето на ракот на дојка, поради пандемијата е намалено за 40%.

Тоа не значи дека нема рак, туку дека не е откриен и што е уште полошо, тоа значи дека тие луѓе ќе дојдат на преглед во доцен стадиум. Ќе имаат голем проблем со лекувањето на болеста, ќе имаат проблем со самиот начин на лекување затоа што не е исто ако се открие болеста на почетокот, па да се помине само со хируршки третман и може нема да има потреба од зрачење и од некоја агресивна хемотерапија, а друго е да се дојде во стадиум каде што болеста е веќе напредната, дали болеста пуштила метастази, дали кај жените треба да се отстрануваат лимфните јазли под пазувите. Многу голем број на потешки последици дава сè тоа тоа. Заради тоа е важно раното откривање, заради тоа е и „Напред розово“, заради тоа и „Борка“ постои, дека раното откривање, особено на ракот на дојка, статистиката покажува дека 98 до 100 проценти оди кон успешно лекување. Инциденцата ќе расте, но наша цел е да го откриеме во ран стадиум. Веќе имаме податоци дека ракот на дојка според инциденца го надмина ракот на бели дробови по бројот на новооткриени случаи, меѓутоа морталитетот е тоа на што ние треба да работиме, а тоа можеме да го направиме ако се открие во ран стадиум. Сите овие кампањи, како што е „Race for cure“ која се одржува во 14 градови, во едно лошо време со Ковид-19, успеавме да го децентрализираме целиот настан, благодарна сум до сите спонзори, но и до координаторките, вели Биба Додева.

Пандемијата смени многу работи, но нам приоритет ни се луѓето коишто во моментот имаат болест, акутна болест. Ковидот не само во Македонија, туку и во светски рамки ги смени приоритетите, меѓутоа, Националната стратегија за контрола на ракот воопшто, е тука, но чекаме подобро време за да може тоа да се имплементира, а од друга страна па и ни дава време да си ги увидиме грешките и согласно овие работи што ни ги наметна новонастанатата ситуација со Ковид, да видиме всушност и каде сакаме да одиме, додава Додева.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,354FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ