2.8 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

За исхраната на децата, треба постојано да се разговара

Александар Митов е магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето. Неговото искуство со пациенти  кои сакаат да ги променат своите навики и преку поздрав животен стил да стекнат подобро здравје, го искористивме за да говориме за исхраната, како да се воведат здрави навики кај децата за да им се обезбеди правилен раст и развој, како и кој вид на исхрана покажува најголема корисност врз нашето здравје.

Пандемијата на некој начин живее со нас и не можеме да ја заобиколиме. Како да се изгради имунитетот со исхраната во време на пандемија.

Др. Митов Не можеме да го одделиме нашето тело од тоа што се случува околу нас. И иако многумина ќе се запрашаат дали нашиот имунитет е врзан директно со исхраната, имаше околу ова прашање некои дебати и дилеми, сепак, функциите на нашето тело се остваруваат благодарение на начинот на живот којшто го живееме. Вклучувајќи ја тука исхраната, физичката активност и спиењето. Тоа се тие три клучни моменти. За среќа, има сè повеќе научни докази, научни студии коишто нè охрабруваат – коишто не велат дека сме немоќни по тоа како нашето тело ќе одговори.

Тука има голем дијапазон, ако одиме од правец на најсилните имуномодулатор, како што е витаминот Д, за којшто има јасни докази и студии, ако одиме во правец на Цинкот или некои други слични такви микроелементи коишто силно укажуваат на функција во имунолошкиот систем, меѓутоа не можеме да го исклучиме и целокупниот начин на живот. Оттука заклучокот би бил многу едноставен – не е неважно како живееме.

Многу истражувања во прилог на тоа како здравствените навики ни се менуваат како резултат на исхраната, покажуваат дека нашето население има сè повеќе луѓе кои се борат со дебелина. Овој тренд е уште позначаен и кај помладата популација, кај децата, а пандемијата тоа дополнително го нагласи. Како да помогнеме да се создадат вистинските навики и да знаеме колку храна ни е доволно?

Др. Митов Првиот чекор е отворено да се разговара за овие работи, бидејќи ние честопати можеме да стоиме до проблемот којшто е од таков калибар, меѓутоа да не бидеме свесни. Конкретно ако зборуваме за телесната тежина кај децата на пример, ние иако сите го зборуваме тоа како општествен проблем, ретко кој го прифаќа како проблем присутен во сопственото семејство. Правени се анализи во однос на ставови на родители во однос на тоа дали перципираат дали има зголемена телесна тежина кај нивното дете. Ќе се изненадите од огромниот процент на родители коишто не можат да го видат проблемот иако тој им е пред нос.

Интересно е тоа што се има случено во Велика Британија пред неколку години кога училиштето врз основа на објективни критериуми направило процена кои дечиња имаат проблем со зголемена телесна тежина и испратиле по едно писмо до семејството за да им го укажат тоа, дека би било добро да поработат со своето дете за да се намали телесната тежина. Огромен процент од родителите не ја прифатиле информацијата, биле навредени или едноставно не се помириле со тоа. Сакам да кажам, овој проблем не можеме да го решиме ако немаме јасна свесност и ако за тоа не се разговара, ако не се предочат последиците. Ние имаме една човечка навика, кога ќе почне да се зборува за нешто што е малку непријатно, некако ни е поприродно да свртиме поглед, да смениме канал, да не прифатиме и да се придвижиме подалеку од дискусијата, мислејќи дека и на тој начин се оддалечуваме и од проблемот. Но, тоа не е така. Оддалечувањето од разговорот за проблемот не го решава проблемот и не нè носи подалеку.

Податоците од Институтот за јавно здравје се многу добри, релевантни, но и загрижувачки. Степенот на нашето население коешто е физички неактивно, колку внесуваме сол во исхраната, колку од децата ни се со зголемена телесна тежина. Сè тоа тоа се релевантни податоци измерени од Институтот за јавно здравје. Овие податоци не треба да ги ставиме некаде во некоја фиока, туку како општество треба да ги разговараме.

Кога зборуваме за овој проблем со тежината, не само прекумерната, туку и намалената телесна тежина, каде е тука образовниот систем? Кога се децата на училиште имаат избор на храна во ужините која содржи голема количина шеќер, силна енергетска вредност. Често пати има ситуација кога родителите се обидуваат да воведат здрави навики кај децата, но тие не се прифатени од средината.

Др. Митов Убаво е тука да кажеме дека има и позитивни примери. Јас би тргнал од моето искуство. Пример од детската градинка „Мајски цвет“ којашто направи извонредни напори во однос на тоа каква да биде храната во претшколската возраст. Моите деца одат во таа градинка и работевме заедно. Имаме еден извонреден пример во Македонија каде што со истите буџетски средства на конкретна установа, имаме пред и потоа како храната може драматично да се подобри. Тоа е еден убав „студија на случај“ како што се нарекува во науката, тоа може да биде мотив и за останатите градинки или училишта. Како општество треба да научиме едно нешто, дека ако работите еднаш ги допреме не значи дека потоа треба да ги оставиме и да ги сметаме за решени. Се направија одредени промени во однос на правилникот за исхраната на децата во претшколска и школска возраст во Министерството за образование пред неколку години, но тоа не значи дека проблемот е решен, потребен е и следен чекор. Особено кога станува збор за здравјето на децата, со добра мисла и позитивна енергија постојано треба да се надградуваме. Не треба да се помириме во ниту еден момент дека тука имаме некоја работа недовршена, па ќе ја оставиме за подоцна. Нема причина зошто да се чека. Треба постојано да разговараме за исхраната на децата, за зголемената телесна тежина, што може семејството, но што може и системот да направи. Ако не можат да го препознаат проблемот родителите, тогаш прашање е и колку можат тоа да го препознаат и наставниците. Треба ли да им се помогне, да бидат обучени?! Треба да се вложува во нив, тоа е како вештина која се стекнува. Мислам дека тука има многу плодно поле за работа и треба да се работи на тој проблем.

Го споменавме проблемот со прекумерна тежина, но да го споменеме и обратниот проблем, кога одат во минус со тежината, особено во периодот на адолесценција. Сакаат да изгледаат како некои ликови коишто ги сретнуваат како свои идоли. Што се случува тогаш?

Др. Митов Овој проблем е поредок, но потребна е стручна помош од лице кое медицински е стручно во таа област. Од моето искуство семејството не би требало многу да чека и да се надева на свој начин или со притисоци и други начини ќе го решат проблемот бидејќи тоа влошување од ден за ден, недела за недела е сè поголемо и таму има доста стрмни трендови. Може да се чека еден месец и во тој месец да биде драматично влошена состојбата. Мојот совет е веднаш да се упатат кај психолог или психијатар кој работи со деца. Не треба да се чека штом се забележи драстично намалување на тежината, треба брзо да се интервенира. Вредностите сè повеќе се менуваат и овој проблем за жал сè почесто се среќава

Медитеранската исхрана многу често се сретнува во анализи и се издвојува како храна којашто е добар пример и којашто би требало да се консумира. Каков е вашиот став во врска со овој тип исхрана?

Др. Митов Јас постојано се трудам да ја промовирам медитеранската исхрана. Факт е дека и официјалната медицина, ако земеме да зборуваме за ставови на лекари и научни студии наназад неколку децении, недвосмислено укажуваат на тоа дека медитеранската исхрана е најдобрата од медицинска гледна точка. Тоа значи дека генерално таа се докажала како најдобра за превенција, но е докажана и како најздрава со јасни модификации кај некои хронични болести – кардиоваскуларни болести, дијабет и низа други состојби. Тие болести се под директно влијание на начинот на исхрана, а медитеранскиот режим помага најмногу. Тука треба да се нагласи дека ова е стандард што го преживува тестот на времето, ако се земе предвид дека постојано излегуваат некои трендови во исхраната. медитеранскиот начин на исхрана се покажува кристално јасно дека е над сите други режими и тоа е нешто што треба да го искористиме. Дополнително корисен момент е тоа што медитеранскиот начин на исхрана не е далеку од нашиот. Кога ќе слушнеме медитеран, па нè асоцира на море, а ние немаме море, па тоа го доживуваме како далечно. Нашата традиционална македонска кујна е под огромно влијание на турската кујна. Ако сега треба да дискутираме и да аргументираме, турската кујна е чиста медитеранска кујна. Имаме влијанија и од грчката кујна. Затоа велам, не станува збор за нешто што е далечно, дека ќе треба да јадеме школки и ракчиња за да се храниме на медитерански начин. Како нација генерално имаме три отстапки во однос на исхраната – претеруваме со месо, претеруваме со млечни производи и претеруваме со теста. Кога тие три работи би ги намалиле нашата исхрана всушност целосно ќе дојде во рамките на тоа што спаѓа во рамките на медитеранската исхрана.

Колку храна е доволно за да ги задоволиме нашите енергетски потреби, а да не биде вишок за да се складираат масти кои потоа ќе направат проблем во нашиот организам?

Др. Митов Тоа ќе ни го каже телесната тежина. Ако излегуваме надвор од тие граници кои спаѓаат во т.н. физиолошка телесна тежина, во тој интервал на нормална телесна маса, ние треба да сфатиме дека или имаме нешто премногу плус или имаме малку минус, во смисла на калории. Или премногу внесуваме, или воопшто не трошиме или многу малку трошиме. Тие два параметри, плусот и минусот, треба да бидат во еден баланс за да биде добро. На дневна основа треба да трошиме повеќе калории отколку што внесуваме. Можеби звучи комплицирано, но секој ако се одлучи за подобрување, може да постигне ефект.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,758FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ