Ѓурѓица е напатена жена. Има 47 години. Потеклото и од Скопје. За себе ќе рече имала тежок живот. На своите родители не се сеќава, зашто кога имала само две години, нејзиниот татко и брат загинуваат во сообраќајна незгода. Мајка ѝ ја дава во дом за деца без родители. Подоцна баба Лефтерија или нејзината втора мајка како што ќе каже Ѓурѓица, ќе и ги понуди најрадосните моменти, но, таа ќе го допре и дното од нејзините роднини
По завршувањето на образованието, иако тешко, сепак Ѓурѓица се вработува во печатницата. Тогаш започнуваат вистинските проблеми во нејзиниот живот. Вујко и, не сакајќи Ѓурѓица да земе дел од имотот ја протерува на улица. Таа била принудена да спие под железничката станица во Скопје, и којзнае што ќе се случело со неа, ако наставник од училиштето каде учела како дете не ја препознал и не ја прибрал во својот дом.
Можеби единствена светла точка во животот на оваа несреќна жена е запознавањето со нејзиниот иден сопатник. Од бракот со Трајче има четири деца. Меѓу нив има слога и разбирање, но тие немаат средства за и соодветен дом за да гледаат и растат своите наследници.
– Живееме навистина тешко. Да не се соседите не знам како би опстанале. Тие ни даваат храна што ќе им остане, среда и петок одиме јадеме во народната кујна … Има и денови кога немам што да им дадам на децата.
Додека била жива баба Лефтерија сè била полесно. Со нејзината пензија, имале барем за храна. Ова семејство тешко живее, но, не се предава. За тоа се придонесуваат и соседите кои понекогаш и последниот залак го делат со овие несреќни луѓе
– „Земам помош од осум илјади денари. Зарем е тоа доволно за шестчлена фамилија. Кога ќе земам социјално веднаш купувам поголема количина брашно, барем да имам за да месам леб. Куќата е пред распаѓање. Децата немам кај да ги бањам. Ги праќам кај соседите. Бојлерот не работи, немам машина перам на раце. Сè е дотрајано.“
Покрај лошата здравствена состојба на Ѓурѓица таа е осудена и да се бори со секој вид на болка, затоа што не смее да пие лекови. Како резултат и на сообраќајната незгода во детството, кога загинале таткото и братот, таа има проблеми со главата кои ја спречуваат да работи. Иако нејзиниот сопруг Трајче е можеби единствениот магистер во ова село и пошироко, сепак за него општината и покрај неговите години, досега не успеала да најде работа.
Ѓурѓица секоја ноќ се обидува исто. Да пронајде трошка надеж во овој сив и студен свет. Свет во кој посилните подобро поминуваат од оние кои имаат поголемо срце. Додека трае болката се прашува уште колку долго ќе трае. Како да ја намали болката и дали некогаш ќе помине. Додека го размислува тоа се надева дека некој ќе и подаде рака сега кога и е најтешко.
Доколку сакате да и помогнете на Ѓурѓица и на нејзиното семејство, тоа можете да го направите на телефонскиот број 075/524677 или на следната трансакциска сметка 300277101678046 Комерцијална банка.
Автор
Оливера Петрушевска