Дома Инспирација Фолклорната приказна на Наташа Карчева: Без минато нема иднина

Фолклорната приказна на Наташа Карчева: Без минато нема иднина

Фолклорна приказна е дизајнерски проект на македонската модна дизајнерка Наташа Карчева. Проектот ги спојува традицијата и современоста, минатото, сегашноста и иднината.

дизајнерката Наташа за Приказна, авторка на Фолклорна приказна

Идејата за овој проект тлее многу одамна, но за реализација на проектот од ваков тип треба многу време и посветеност. Изминатата година, во оној период на изолација, имав многу повеќе време за да ја обмислам целата приказна и да започнам со реализација, раскажува дизајнерката Наташа за Приказна.

Секој влог во фолклорното наследство е влог во иднината, оставен траг и наследство за наредните генерации. Секоја генерација остава свој траг во историјата со својот начин на живот. Ја раскажува својата приказна на начин својствен во времето во кое живее. Богатството и разновидноста на традиционалната македонска култура највпечатливо се изразени во народните носии со сите свои изворно македонски етно белези. Македонскиот фолклор е надалеку познат по својата автентичност и природа

Инспирацијата за македонскиот фолклор, посебно македонската народна носија со сите оние облеки во разни форми, со апликациите, накитот, впечатливите орнаменти, ме водеа низ целиот процес на реализација на целата приказна, додава авторката.

Богатството и разновидноста на фолклорното наследство, а посебно на македонската народна носија со богатството и разновидноста на облеките во разни форми, апликации, украси, својот колорит, и впечатливи орнаменти се мотив и инспирација за оваа дизајнерска колекција, како емотивна и уметничка реакција на сегашноста.Секој модел од колекцијата е дизајнерски спој на современ моден дизајн и традиционалните фолклорни мотиви.

Документарен магазин Приказна

Многу истражував при самата реализација на моделите. Гледав колку што може да вметнам поавтентични моменти од македонската народна носија, и чудно е тоа што толку многу историја, вековна традиција е проткаена низ целиот тој процес на создавање на македонска носија, споделува Наташа.

Како активни чинители во културата на еден народ, како творци на сегашноста, наша должност и аманет е да оставиме колку што е можно повеќе културна оставина за идните генерации затоа што колку е помала оставината, толку е посиромашен идентитетот на овој народ, вели авторката на фолклорната приказна.

Многу занаети изумираат. Тоа и го нагласува креаторката Карчева која укажува дека и самата се соочила со овој проблем при реализација на оваа приказна.

Истражував носии од повеќе региони во Македонија. Најголемата препрека настануваше во моментот кога ми требаше човек за реализација на оние прави и вистински македонски везови. Жално е колку многу малку луѓе се останати што се занимаваат со тоа.

Дизјанерката Карчева порачува: Без минато нема иднина, без да се твори во сегашноста нема историја. Целта на овој проект ми беше афирмација на македонската мода и македонското фолклорно наследство, споделува дизајнерката. Да се спои минатото и сегашноста, како влог во иднината, како нешто што треба да го оставиме за наредните генерации, како сведок на времето во кое живееме и да му дадеме печат, а сепак да содржи и делови од нашето минато, открива Карчева.

Ване Маркоски

Exit mobile version