5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Филип со наша поддршка може да добие нормален живот: Со нов бубрег и јас ќе можам да се радувам на убавините на младоста

Виолета Петрушевска е 47 годишна мајка која се бори за животот на своето дете. На шестгодишна возраст таа забележала дека тој не се развива како и сите останати деца. Мислејќи дека станува збор за хормонот за раст, го носи на испитување каде е констатирано дека боледува од вродена хронична бубрежна инсуфициенција. Таа дијагноза ќе му ги скратат и детството и убавите моменти од младоста, бидејќи додека сите другарчиња играат безгрижни игри тој мора на секој четири часа да прави дома перитонеална дијализа. На 12 години Филип станува најмладиот пациент на нефрологија каде му е направена трансплантација на бубрег од жив донатор-неговиот татко. Иако, се враќа на безгрижниот живот таа слобода нема да трае долго. Нема да траат ниту олеснувањата на Виолета, зашто бубрегот од дарителот одлучува да откаже. Но, нема да се откаже таа мајката, синонимот за топлина, блискост, но и борба, кога станува збор за спас на животот на сопственото детето. Состојбата на Филип се влошува во 2018 година и оттогаш до денес тој три дена во неделата оди на хемодијализа, после која се чувствува лошо и изнемоштено. Денес, Виолета моли за помош, да и помогнеме да собере доволно средства за да може со вкрстена трансплантација да му биде пресаден нов бубрег во Турција и да овозможи и нејзиниот 26 годишен син да живее безгрижно како и другите млади луѓе на негова возраст.

Виолета е борбена жена која ни самата не е свесна колку е силна. За жал на тоа ја научил животот. Таа веќе 20 години често е присутна по болниците борејќи се да го одржи во живот своето дете Филип, кој на шестгодишна возраст престанал да расне и да се развива бидејќи боледува од сериозна болест на бубрезите која влијае на хормоните за раст.

– До шест години сè беше нормално. Си растеше како и сите деца. Кога забележавме дека не продолжува да расте, отидовме на лекар каде ни кажаа дека има сериозна хронична болест на бубрезите. Продолжи да оди на училиште иако му беше скратено детството, а на секои четири часа дома, му правевме дијализа-се присетува за „Срце на дланка“ оваа 47 годишна тажна мајка.

Тешки години минува Филип и неговото семејство додека тој е дете. Тешки операции, непроспиени ноќи, неизвесности … Еден ден семејството дознава дека доколку се пресади бубрег од жив донатор, може да се продолжи нормалниот живот на малиот Филипче.

– На 12 годишна возраст дознав дека мора да одам на операција за трансплантација на бубрегот. Татко ми беше дарител. Жив донатор. Бев најмладиот пациент во земјава, на кого му е извршена ваква операција. Знам само дека едвај чекав да легнам и да продолжам да живеам нормално како сите дечиња – се присетува Филип на своето тешко детство.

Кратко трае среќата. Па, немајќи друг излез,тој на 17 мај 2018 година започнува да живее нов живот. Овојпат шансата за живот ќе му биде хемодијализата која мора да ја прави три дена во неделата.

– Последните години секој три дена во неделата одам на хемодијализа. Многу ми е тешко тој ден. Буквално не функционирам. Само легнувам и спијам до другиот ден. Тешко ми е другите денови. Имав неколку операции кои ми ја отежнаа состојбата. Сакам како и другите на моја возраст да работам, да шетам, да уживам в животот. Јас освен во болница и во кревет, ништо друго не правам. Ова не е живот. Сега имам нова шанса но, дали ќе успеам не знам. Животот мој зависи од парите-завршува ова младо момче.

Денес, Филип е пред нова шанса за живот. Повторно ова 26 годишно момче може да се радува на животот ако му се помогне да замине на вкрстена трансплантација во Турција каде ќе му го прочистат телата од антитела и ќе му пресадат нов бубрег. Патот и шансата за тој нов живот, зависат само од финансиите.

– Многу ми е тешко за син ми. Секој миг додека сум на работа го мислам. Пропаѓа во најубавите години. Го замолувам хуманиот народ да ни помогне да собереме пари за да заминеме во Турција за да може и моето дете да се врати и нормално да живее како и сите останати-со солзи во очите замолува Виолета.

Жиро сметка за помош на Филип Петрушевски: 300007102736281

Телеком број: 143125

А1 број: 143463

Контакт број: 078/939924

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ