Македонија, за жал иако е мала земја има многу голем број на фемицид. Најчесто жените се соочуваат со смртни последици како резултат на насилство на своите сегашни или поранешни партнери. Повторно тука се соочуваме со неагилноста на органите на прогонот, но и неагилноста на другите органи кои треба да им стојат на жените на располагање кога се соочуваат со насилство. Тука пред сè мислам на Министерството за внатрешни работи и Центрите за социјална работа, вели во интервју за Приказна, Уранија Пироска, извршна директорка на Хелсиншиот комитет за човекови права.
Колку се почитува конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација во Македонија?
Уранија Мислам дека многу подобро стоиме во последните неколку години. Ние 10 години се боревме да се донесе соодветен закон за спречување и заштита од дискриминација. Тоа конечно се случи и имаме комисија во којашто не сите членови се избрани по партиска основа. Имаме тројца независни члена кои ја добија поддршката од граѓанскиот сектор. Мислам дека резултатите се видливи и има поголема агилност.
Граѓаните почнуваат да препознаваат дека комисијата е орган којшто може да ги заштити од дискриминација. Во Македонија има многу ранливи групи кои и понатаму остануваат на маргините. Таков пример се лицата со попреченост, Ромите, жените. До 2017 се боревме за правото на избор на жената за спречување на бременост. Тогаш беше изменет законот и на жената и беше смален просторот да избира сама дали ќе сака да роди дете или не. Тогаш имавме и протести, но законот сепак се донесе. Жените се сè уште категорија којашто е мета на напади, и којашто трпи прекршувања на своите права.
Жените кои имаат јавна улога се жртви на сексизам и дискриминација. Постои ли начин како да се надмине тоа?
Уранија Ние го следиме говорот на омраза. Имаме две веб платформи. Едната е за говор на омраза, а другата е за кривични дела и инциденти од омраза.
Говорот на омраза е мошне опасен феномен. За жал, во нашата држава не е перципиран како таков. И покрај нашите предупредувања, говорот на омраза е тој којшто понатаму продуцира насилство, кое најчесто се случува помеѓу младите луѓе.
Родово базираниот говор на омраза, е особено присутен кога станува збор за жена која врши јавна функција. Ќе забележите дека за кој било изборен процес, кога станува збор за жените, јавноста си дава за право да коментира за нејзиниот изглед, возраст, за нејзината гардероба, што не е случај со мажите. Ние постојано укажуваме дека несанкционирањето на говорот на омраза, без разлика од каков вид е, е нешто што може да доведе до заклучок дека едноставно се толерира.
Ние имаме поднесено дузина кривични пријави пред јавниот обвинител, меѓутоа по ниту една наша кривична пријава не е покренета постапка. Јавниот обвинител не констатирал дека постои потреба да се започне таква постапка и да се санкционира тоа кривично дело. Кога зборуваме за Македонија и за остварувањето на човековите права, законската регулатива не е причинител или проблем, туку имплементацијата на законските одредби, односно неагилноста на нашите органи на прогон да се справат со овој феномен и да го санкционираат.
На кој начин може жените и девојките да бидат третирани еднакво како мажите?
Уранија Законската регулатива е на страна на жените бидејќи кај нас се ратификуваше во 2020 и Истанбулската конвенцијата која ги третира најважните прашања кога станува збор за родовобазираното насилство.
Македонија, за жал иако е мала земја има многу голем број на фемицид. Најчесто жените се соочуваат со смртни последици како резултат на насилство на своите сегашни или поранешни партнери. Повторно тука се соочуваме со неагилноста на органите на прогонот, но и неагилноста на другите органи кои треба да им стојат на жените на располагање кога се соочуваат со насилство. Тука пред сè мислам на Министерството за внатрешни работи и Центрите за социјална работа.
Она што ние го забележуваме е дека жените не се застапени соодветно во политичкиот живот. Тука мислам дека имаат голем удел самите партии, бидејќи не мислам дека доволно ги охрабруваат жените да се борат за повисоки позиции.
Македонија има голема јавна администрација. Ако ги погледнете бројките 60% од државните службеници се жени, меѓутоа ако направите паралела по однос на раководните функции ќе видите дека мажите се во предност. Еднаквоста не може да се постигне само со законски или уставни гаранции. Мора да се постигне преку праксата. Кај нас жените се спречувани да се изразат и да земат удел во политичкиот и јавниот живот поради средината во којашто живеат. Жените не се само жигосувани од страна на оние коишто соучествуваат во јавниот живот, туку се критикувани и од семејството и заедницата во која живеат.
Колку врз градењето на родовата еднаквост имаат влијание медиумите?
Уранија Медиумите се наши сојузници. Иако не мислам дека во доволна мера се заинтересирани да ги пренесуваат содржините кои се однесуваат на родовата еднаквост. Ние веќе имаме неколку медиуми со кои соработуваме и секогаш ни ја даваат својата поддршка. Мислам дека не постои голема свесност дека родово базираниот говор на омраза не треба да се пренесува.
Медиумите треба да внимаваат на тоа бидејќи само повеќе ги потенцираат тие работи кои не треба да бидат потенцирани, а кои за жал највеќе ги восприемаат младите луѓе.
Кај нас не постои образование коешто би влијаело од мали нозе на младите да ја разберат родовата еднаквост. Сè уште се соочуваат со содржини во кои жените имаат потчинета улога. Медиумите треба да внимаваат да не објавуваат содржини со кои може да влијаат негативно кога станува збор за родовите стереотипи.
Ване Маркоски