2.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Уметничката приказна на Петар Хаџи Бошков ќе го оживее духот на Стоби

Во волшебен амбиент, пред неколку стотини луѓе на археолошкиот локалитет „Стоби“ отворена е голема изложба на дела од реномираниот скулптор Петар Хаџи Бошков со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“. Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои го опфаќаат четиридеценискиот период од 1962 до 2004 година.

Обраќање на министерката за култура

„Присуствуваме на редок културен настан. На дијалог меѓу Стоби и Петар Хаџи Бошков. Се вкрстуваат цивилизации и епохи. Модерната е внесена во античкиот град. Сигурно имаат што да си кажат. Овој храбар уметнички предизвик, не е само атрактивно случување за афирмација на локалитетот или на модерната во македонската уметност. Овој проект е и рефлексија на современата ангажирана уметност, која е свртена кон актуелните општествени текови. Она што особено ме радува е што изложбата, на креативен начин, го реактуализира прашањето за местото на модерната денес. Скулптурите на Хаџи Бошков, кои се веќе културно наследство, ги бараат своите врски со античката уметност. Две и пол илјади години потоа, поставени вака во Античкиот театар, на Виа сакра, Храмот на Изида и Серапис, тие по подолг период, на свој начин ги реафирмираат вредностите што ги има модернизмот во земјава, а кои беа тргнати од нашето сеќавање. Вредност на која постојано мора да се навраќаме. Со овој проект вниманието е повторно кон уметник кој е доајен на модернизмот во нашата земја. Автор и општествена фигура која преку своите дела и ангажмани остави траен белег во формирањето на денешната еманципирана, модерна македонска држава. Очекувам овие модернистички дела – кои зрачат со слобода, интегритет и индивидуалност, со европски дух, поставени на древниот локалитет – да влијаат врз подигнувањето на свеста за значењето на заштитата на културното наследство“, потенцираше министерката за култура Стефоска.

Делата на Хаџи Бошков

Хаџи Бошков е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век, човек со космополитски дух и отворен светоглед. Неговите дела инспирирани од античката култура, го најдоа своето упориште во Стоби во просторот пред театарот, потоа Полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и коридорот под гледалиштето, Храмот на Изида и Серапис, како и големиот неистражен простор, кој се протега до градбата со Арки. Поставката на интересен начин овозможува заемно разоткривање и суштинска врска меѓу вредностите на модерната и антиката.

Куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски. Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство, кое одлучи да ги позајми, со цел да бидат пренесени на локалитетот Стоби. Поставката на локалитетот „Стоби“ ќе биде отворена до 11 октомври.

Иницијативата за реализација на овој проект е на Спасе Перовски, директор на Археолошкиот локалитет Стоби, чиешто настојување, меѓу другото, е и да го заживее локалитетот во рамките на долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,754FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ