Трчањето ми дозволува да соберам повеќе енергија во текот на денот. Ако трчам после работа, ми овозможува да се опуштам по напорниот ден. Доколку не трчате, не можеме, ние кои се занимаваме со трчање, да ви објасниме како е чувството кога ќе го завршите тренингот, бидејќи се чувствувате исполнето. Ако не трчам не сум тоа јас, вели за својата убава пасија, Татјана Лопарски, сопственичка на агенцијата за односи со јавност, Елемент ПР
Приказна Како ја донесовте одлука да трчате?
Татјана Лопарски Случајно, моја другарка која се занимава со трчање, ми предложи да почнам да се занимавам со овој тип на спорт. Се обидов да направам неколку чекори, прво одев па потоа трчав, одев-трчав, и после 3 месеци, ова мое трчање стана „зависност“, а последниве 6 години веќе секојдневие на мојот живот.
Приказна Кои се придобивките од трчањето, според вас?
Татјана Лопарски Трчањето ми дозволува да соберам повеќе енергија во текот на денот. Ако трчам после работа, ми овозможува да се опуштам по напорниот ден. Доколку не трчате, не можеме, ние кои се занимаваме со трчање, да ви објасниме како е чувството кога ќе го завршите тренингот, бидејќи се чувствувате исполнето. Ако не трчам не сум тоа јас
Приказна Имате ли ментор?
Татјана Лопарски Често ги менувам менторите. Доколку имате еден ментор цело време, телото се навикнува на таков тип на вежби. Сега имам ментор од Америка кој ми праќа вежби за спречување на повреди, ми дава тренинзи во текот на неделата, го следи развојот и ми дава совети каде грешам. Во исто време во Македонија комуницирам со физиотерапевт, кој понекогаш трча со мене да види дали падот на ногата е како што треба и дали телото при трчањето го држам исправено. Ако тоа не го правите правилно, се случуваат повреди. Тие повреди можат да бидат лоши.
Приказна Имате ли доволно време за физички активности?
Татјана Лопарски Времето не е проблем, секој си бара изговор.
Ако можам јас да најдам време, секој може. Потребни ви се 1-2 часа во денот, да си посветите на себе, бидејќи користа од трчањето или каква било физичка активност придонесува многу за секој човек.
Приказна Кога вообичаено трчате?
Татјана Лопарски Трчам најчесто во утринските часови, посебно летно време, кога температурите знаеме дека се многу високи. Во 5 часот наутро сум на Кеј. Кога се други годишни времиња, правам комбинација, некогаш трчам наутро, но некогаш и попладне, во зависност од работните обврски.
Приказна Како изгледа еден ваш тренинг?
Татјана Лопарски Во текот на неделата, постојат различен тип на тренинзи. Најчесто се започнува со загревање пред трчање, потоа се трча должина или забрзување, и на крај 20 минути се посветуваат на истегнување. Истегнувањата се доста важни, бидејќи ако не се прават правилно можна е појава на повреди.
Приказна Имате ли одреден вид на исхрана кој го практикувате?
Татјана Лопарски Ја менувам исхраната. Многу помалку јадам јаглехидрати, иако понекогаш се потребни за трчањето.
Во целиот процес ме води нутриционист, кој ме следи и ми дава совети што да внесувам, а што да намалам, бидејќи мора да се внимава на физичкиот напор. Посебно доколку учествувате на некоја трка, тогаш внесот на течности треба да се зголеми 3-4 недели пред трката, поради можност за дехидрација. Сето ова не чини многу.
На интернет може да се најдат совети од нутриционисти и тие да се спроведуваат. Но, доколку сакате да се занимавате со нешто и сакате резултати, тогаш потребно е да посветите време, а понекогаш и да одвоите и финансии.
За Приказна,
Вики Чадиковска