5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Стоп за кругот на омразата во јавниот простор!

Насилството не им се случува на другите. Ни се случува нам. На секој од нас поединечно. Крајно време е алармот да ѕвони за крај, пред навистина да биде предоцна. Всушност и сега е доцна. На социјалните мрежи врие од омраза. Секој има порив да си ги разлее своите хирови, да „хејта“, деградира, да дискредитира. За жал, ни за миг не размислувајќи дека тоа може да има страшен ефект. Како снежна топка, која на крајот може да не разнесе сите.

Умри! Засрами се! Глупак си… Ова е само мал дел од она што е достапно дигитално. Вакви коментари се пишуваат лесно, без да се размисли за последицата која може да ја предизвикаат. За жал, сè присутноста на говорот на омраза предизвикува општествена состојба, која верувам сигурно сте ја почувствувале. Сè почесто се среќаваме со проблемот на апатија, кој како силен вирус го зафатил и силно го угушува нашето општество. Толерирањето на говорот на омраза претставува лесно запалива искра.

Говорот на омраза претставува емотивен израз, кој може да деградира, заплашува, поттикнува омраза, насилство и/или дискриминација против поединец или група. Преку говорот на омраза се создава чувство на презирање и стереотипизирање базирано на негативните конотации кон лица или групи, или кон нивните карактеристики. Говорот на омраза функционира врз основа на основни и силни емоционални концепти, тој создава и шири дискриминација, закани, страв и омраза.

Ние мора да станеме свесни за улогата која ја има културата на говор во јавноста. Јазикот како култура на говор, го има најважното место во нашите активности како луѓе. Благодарение на јазикот, ние може да се образуваме, да формираме манири и обичаи, некои од нас да бидат уметници, наставници, па и политичари.

Ние мора да станеме свесни дека лицата со култура на говор се сигнал не само за високо ниво на интелектуален и духовен развој, туку и сигнал за професионална соодветност за луѓе од различни професии. Јазикот е наше огледало. На секој од нас поединечно, но и како општество во целина. Културата на говор во јавниот простор е многу важна, поради што мора да ја почитуваме и негуваме.

П.С: Секој има право на слобода на изразување и слобода на информирање. Но, тоа право не е еднонасочна улица. Со секое право, следи обврска за одговорност. Јазикот на кој се говори во јавноста е една од најважните алатки кои имаат стратегиско значење во справувањето со говорот на омраза и дискриминацијата, покрај законската регулатива. Токму тој, треба да биде појдовната основа со која треба да започне стратегијата за справување со говорот на омраза.

Сопри го кругот на омразата во јавниот простор. Утре и ти можеш да бидеш мета. Не дозволувај агресијата да ни го улови нашето секојдневие. Јас, ти, ние, нашите деца се важни. Да им пренесеме вредности и култура. Да си подадеме рака за заедништво. Само заедно може да ги решиме сите проблеми.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ