4.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Срна Мајсторовиќ: Извидништвото ми помогна да станам подобра личност

Најголемите пријателства започнуваат меѓу извидниците. Извидништвото придонесува за правилен детски развој. За придобивките од извидништвото разговараме со Срна Мајсторовиќ, програмски координатор на Сојузот на извидници на Македонија.

Како почна вашата приказна? Што ве натера да станете извидник?

Срна Мајсторовиќ Тоа беше многу одамна, бев 2 одделение. На час дојдоа извидници и нè повикаа за големиот одмор. Имаа спремено некои активности во училишниот двор. Сите бевме возбудени. Извидниците беа поинакви од сè друго што претходно имав видено. Од тогаш до ден денес не престанав, односно тоа се веќе 16 години активно членство. Можам да кажам дека пораснав на извидници.

Зошто е важно извидништвото за детскиот развој?

Срна Мајсторовиќ Лично морам да кажам дека се осамостоив на извидници, затоа што навистина станав подобра личност. Пред тоа имав некои негативни карактеристики кај мене кои ги забележував и на извидници со текот на времето со поддршката на групата, водичите, успеав и тие работи да ги надминам.

Тоа што извидништвото го разликува од останатите работи е тоа што работата, активностите и сето неформално образование се одвива во природа. Тоа е многу значајно за физичкиот развој кај децата и младите. Јасно ни е кои се сите користи кои можеме да ги добиеме од природата. Тоа е еден голем плус кој извидништвото го нуди. Луѓето на извидници ги прават работите водејќи се по одреден метод, а тоа е извидничкиот метод којшто предвидува враќање на заедницата, работа во мали групи, ја поттикнува тимската работа.

Како реагираат децата во природата и кои физички вештини ги учат додека се во природа?

Срна Мајсторовиќ Мене ми е интересно самото сознавање кое се јавува кај децата на таа возраст. Едно е да имаме активност која ќе трае 4 часа на Водно, но кога сме на тридневно кампување во природа, тоа е предизвик за децата да знаат да ја почувствуваат природата како свој дом, да бидат едно со лисјата, растенијата, инсектите, животните. На почеток секогаш има предизвици, се плашиме од скакулци, да не ни дојде некоја мечка и сл. Сето тоа еволуира во едно огромна приврзаност што децата ја развиваат кон природата.

Се вели дека најголемите пријателства траат и по завршување на извидништвото. Колку развивањето на социјалните вештини е важно во рамките на извидништвото?

Срна Мајсторовиќ Самата работа во мали групи нè учи дека твоето семејство овој викенд е тука. Сè што правиш го правиш во рамките на оваа група, оваа заедница. Сите ние учиме за емпатија, мултикултурализам, за меѓусебно разбирање што е доста значајно. Секогаш имало и ќе има деца што имаат тешкотии во тоа, но секогаш е тука поддршката од возрасните. Тие се тие кои ги водат децата кон нивното осамостојување. Децата развиваат одговорност и вештини и тие еден ден да станат водачи и да го вратат истото на новите генерации.

Има ли некое ниво кое им паѓа тешко на дечињата и честопати сакаат да се откажат од тоа ниво?

Срна Мајсторовиќ Откажување нема. Секогаш е заразна енергијата на извидници. Вистина е тоа дека пријателите со кои ќе се стекнеш на извидници остануваат засекогаш. Тие се тука со тебе кога си на патека и ќе почне да врне дожд и ти ќе бараш засолниште, но исто така ќе сакаш да ги освоиш сите поени и да ја завршиш патеката и да го добиеш пехарот. Тие се предизвикувачки моменти за секој.

Како се откажуваат децата од мобилните телефони?

Срна Мајсторовиќ Мораат. Извидничкото движење мора да е во чекор со трендовите бидејќи мисијата на самото движење е да придонесе во создавање на подобар свет. Ние знаеме дека мора да допреме до што повеќе млади, за да и тие го направат светот подобро место за живеење. Наоѓаме начини како да ја користиме технологијата за доброто на младите. На времето ако извидничката програма била многу застапена со топографија, со ориентација, со вештини за преживување во природа, сега ние учиме како нашите паметни уреди можат да ни помогнат во учење на сите дисциплини. Телефоните децата ги добиваат да се јават дома, да кажат како се. Првите моменти кога доаѓаат се малку покритични, тие се во природа нема тоалет, нема туш. Многу лесно влегуваат во целата приказна, па немаат потреба од телефон.

Документарен магазин Приказна

Од која возраст може да се почне извидништвото?

Срна Мајсторовиќ Сојузот на извидници во Македонија е составен од повеќе од 17 извиднички одреди и секој одред си прави своја регрутација на членство. Ние како сојуз не работиме директно со младите туку си извидничките одреди. Секој одред си има своја долна граница за запишување на членство, но повеќето се од 6,7,8 години. Највисоката граница за запишување е 99 години. Возрасните во извидништвото имаат важно место во целата приказна. Секогаш сме отворени и за возрасни кои сакаат да се впуштат во извидништвото.

Кои поуки се пренесуваат на смотрите? Што како поука добија младите извидници од настанот во Крушево?

Срна Мајсторовиќ Ова лето се одржа 13 македонска извидничка смотра. Смотра е едно големо кампување кое се организира на секои 5 години од стана од одреден сојуз на извидници. Смотрата е всушност круна на извидничкото работење во изминатите 5 години. Се што извидниците научиле да го прават или се испраксирале, тоа го покажуваат пред извидници од цел свет. Ние годинава имавме извидници од 16 држави. Бевме околу 1000 извидници собрани на ски терените во Крушево, каде што низ 10 дневно кампување научивме најмногу за интернационалната димензија на извидништвото. На извидници не учат дека сме дел од едно огромно семејство ширум целиот свет. Сето тоа било во нашите глави апстрактно, сè додека не отидовме на тој настан и го видовме светското извидништво пред нас. Прекрасно е чувството да си извидник и дел од таква смотра. Имаш пријатели кои ги делат истите вредности, принципи, луѓе кои секогаш ќе ти пружат рака, ќе ти помогнат и ќе ти бидат поддршка.

Што се прави на кампувањето?

Срна Мајсторовиќ Во нашата годишна програма, извидничките одреди организираат кампување секоја година. Сите се одвиваат низ различна тематика и симболика. Симболиката е многу вкоренета во нашето движење. Најчесто кога одиме на кампување имаме некој натпревар. Тој може да биде од вештините за ориентација, топоградфија која е една од потрадиционалните вештини.

Одредите се повеќе организираат натпревари за климатски промени, како младите да се борат со тие промени, родова еднаквост, инклузија и слично. Тоа е играта која децата и младите треба да ја поминат, да ја совладаат. Кампувањето подразбира пристигнување на локација, кревање шатори, правење патенти односно правење предмети и мебел од сè што наоѓаш во природата. Децата сами си прават канти за отпадоци, огради, си поставуваат јарбол, стражарница итн. Тоа е дел од извидничката приказна на ваквите кампувања. Следниот дел со компас и мапа тргнуваат на натпреварувањето да ги бараат нивните контролни точки за да ги покажат своите знаења, па потоа се враќаат кон крајот на денот и утредента се објавуваат победниците и се доделуваат пехари.

Секоја година имаме и национален летен камп на кој се собираат 200-300 учесници од целата држава. Тука програмата е пообемна затоа што имаме повеќе денови на располагање.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,754FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ