3.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Со Даниела Спасовска, претставник на МАГДА: Развивањето на видеоигри е атрактивна индустрија

Со Даниела Спасовска, претставник на МАГДА, разговараме за потенцијалите на индустријата за развивање ири во Македонија, како и за најновиот Глобал Гејм Џем, кој се се одржува од 3 до 5 февруари на ФИНКИ

Каква е структурата на Македонската гејминг индустрија?

Даниела Македонската гејминг индустрија можеме да ја прикажеме од страна на оние мали компании, студија и индивидуалците коишто носат нешто ново и креативно, создаваат нивни авторски производи, развиваат авторски игри. Кога гледаме од форма на аутсорсинг, секогаш може да се најде, но никогаш тоа не е креатива која излегува од Македонија.

Зошто оваа гранка се води како дел од ИТ секторот?

Даниела Крајниот производ е софтвер, ако ги гледаме дигиталните игри. Ако го гледаме развивањето на игрите, сами по себе, тие можат да бидат дигитални или друштвени игри, но ако ги гледаме дигиталните игри како краен производ, тие на некој начин се софтвер, па претпоставувам заради тоа ги ставаат во ИТ. Инаку се збир од многу различни сфери и тоа е всушност спој на ИТ со голем дел од креативните индустрии, од глума до режија, до музика, сценарио.

Се чини дека македонските студија за развој на игри имаат тешкотии во пронаоѓање на стручен кадар. Имаме ли образовните програми кои може да придонесат за обликување на потребните професионални вештини?

Даниела Едукацијата и кај нас и во светот, сè уште не е толку поврзана со крајниот резултат, односно со развивањето на игрите. Луѓето коишто развиваат игри, програмерите, треба да знаат работи кои се учат вообичаено на факултетите како ФИНКИ или кај другите факултети кои се за информатички студии. Тие луѓе кои го имаат тоа знаење, многу е лесно тоа знаење да го насочат и да го употребат во програмите за развивање на игри. Ако го земеме овој факт како таков, всушност секој ИТ факултет реално продуцира кадри. Е сега, во иднина зависи и од желбата дали сакаат да се насочат кон игри.

Кај нас, кадар недостига од две нешта. Прво постојат попрофитабилни сфери од ИТ индустријата каде што програмерите се насочуваат, затоа што дизајнери, луѓе за нарација, донекаде и луѓе за музика, може малку полесно да се најдат. Програмерите се дефинитивно проблем. Тие ќе одата онаму каде има банкарски софтвер, софтвер во медицината или ќе работат во странство.

Каква е правната регулатива за гејминг индустријата?

Даниела Не постои посебна правна регулатива, а би требало да постои и да биде поврзана со софтвер и авторски права, начинот на кој би се заштитиле игрите.

Кои се најголемите бариери со кои е соочена гејминг индустријата?

Даниела Искрено мислам дека не постојат бариери. Пазарот е цел свет. Играта која се создава тука, може да се продава и во Америка и во Јапонија.

Играта која се создава ако е квалитетна, ќе го најде својот пат до издавачот и до публиката. Една бариера е тоа што постојат сетови за развој на игри како што се на пример за Плејстејшн, кои не можат да се увезат во Македонија.

Според развивачите, втора бариера е еден вид двојно оданочување. Еднаш се плаќа данок на стрим или платформа и потоа, уште еднаш данок тука. Луѓето што живеат тука работат тука и за издавач кој е надвор од Македонија, реално само физички се тука, а нивниот пазар е некаде подалеку.

Што покажуваат податоците во однос на жени. Колку оваа индустрија е атрактивна за нив?

Даниела Атрактивна е. Можеби не толку колку за машките, затоа што најверојатно момчињата порано почнале да бидат гејмери. Меѓутоа, има одлични девојки и секогаш во победничките тимови има девојки. Тоа е многу интересно. Тие носат некои нови квалитети и нови начини на кои изгледа играта и уште поинтересно е што на прсти се бројат оние кои останале во Македонија, што значи девојките редовно заминуваат од Македонија и прават игри со странство.

Документарен магазин Приказна

Македонската асоцијација за развивање игри МАГДА го најави настанот Глобал Гејм Џем Македонија 2023. Станува збор за настан каде млади учесници се натпреваруваат во брзо дизајнирање, креирање и развивање на видео игри. Глобал Гејм Џем Македонија ќе се одржи по 11 пат. Овој настан ќе се одржи од 3 до 5 февруари на ФИНКИ, во истите бараки каде и претходно се одржуваа вакви настани.

Пренос од Глобал Гејм Џем Македонија 2023 ќе биде овозможен и на Интернет

Што ќе донесе најновото издание на Глобал Гејм Џем

Даниела Кај нас се надевам дека ќе донесе прво, многу луѓе. Кај нас одамна не сме се собрале физички на Глобал Гејм Џем, а ова ни е единаесетта година.

Минатите две години ги поминавме на онлајн настан, а на нив се покажаа одлични технички способности.

Сега треба да видиме, кога ќе се вратиме физички, дали ќе го имаме истиот успех, затоа што луѓето не работат од дома и сконцентрирано. Но, она што очекуваме е големо дружење, очекуваме луѓето да направат нешто кое не сме го виделе до сега, а и да продолжат да го прават тоа. Игрите да продолжат и после викендот да се доработат.

Друга работа којашто ја очекуваме е да има многу нови и млади луѓе. Секогаш сакаме да има луѓе кои се од средните училишта, од факултетите, кои до сега не пробале да прават игри, а имаат желба.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ