0.8 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

СИЛВИЈА МИТЕВСКА: Ние сме население коешто не спортува, особено младите не спортуваат

Ние сме население коешто не спортува, особено младите не спортуваат. Немаме големи истражувања, мислам дека и тоа е многу важно, да се направат истражувања затоа што стратегиите мора да се темелат на факти и на бројки. Од постарите истражувања знаеме дека 50-60% од младите воопшто не спортуваат. Тоа е лоша последица од тоа како досега сме го менаџирање спортот. За да успее спортот, треба да се воведат суштински реформи. Спортот одамна е поставен кај нас на едно многу незавидно и хаотично ниво. Имаме стари стратешки документи, кои не се надградени. Имаме стар закон за спорт, а потребен е нов. Ни требаат едуцирани луѓе со високи лидерски способности кои ќе имаат издржливост за сето ова да го понесат, вели во интервју за Приказна, Силвија Митевска – експертка за спортска дипломатија

Дали Македонија има стратегија за спорт?

Силвија Митевска Би сакала да кажам дека имаме стратегија за спорт, меѓутоа веќе подолго време спортот кај нас се развива без никаков стратешки документ, за жал.

Спортот како една општествена сфера, не е доволно важна за нашата држава, за сите кои ја водат политиката. Спортот едноставно не може да се развива без еден стратешки документ којшто ќе биде изработен по високи европски стандарди.

Постоеше идеја, зошто не се реализираше и што содржеше таа?

Силвија Митевска Идејата постоеше уште пред неколку години. Се формираше или беше во формирање и работна група. Меѓутоа работите просто запреа. Претпоставувам дека нема доволно политичка волја. Нема капацитет и повторно преку тоа се гледа колку државата смета дека спортот е (не)важен во таа конотација.

Вие имате визија за спорт, што треба да преземеме за да има успех македонскиот спорт?

Силвија Митевска За да успее спортот првин треба да се воведат суштински реформи. Спортот одамна е поставен кај нас на едно многу незавидно и хаотично ниво. Имаме стари стратешки документи, кои не се надградени. Имаме стар закон за спорт, а потребен е нов. Ни требаат едуцирани луѓе со високи лидерски способности кои ќе имаат издржливост за сето ова да го понесат.

Значи, ние може да зборуваме за т.н. шминкање на спортот каде што ад хок ќе може нешто да промениме. Меѓутоа, за да пркне спортот и да видиме резултати и на професионално и на рекреативно ниво, тогаш мора да имаме суштински реформи што ќе ги водат лица кои нема да подлежат на политички притисоци.

Нам ни треба кадар кој ќе биде едуциран и ќе знае дека кога ќе се зафати со ваков тип работа ќе мора докрај тоа да го изведе. Затоа што репутацијата на спортот кај пошироката јавност не е многу добра и ние мора тоа да го промениме.

Со тоа што ќе вложиме и внимание, и капацитет, и финансии во спортот и во спортскиот сектор.

Кажавте дека се потребни темелни промени, но од каде треба да се почне?

Силвија Митевска Сигурно дека треба да се почне од стратегија за спорт како водечки документ. Треба да знаеме како држава во кои спортови и спортски дисциплини сметаме дека ќе имаме најмногу професионални резултати во следните 10-15 години. Понатаму, таа стратегија треба да даде една добра поделба помеѓу аматерскиот (рекреативниот) и професионалниот спорт.

Ние сме население коешто не спортува, особено младите не спортуваат. Немаме големи истражувања, мислам дека и тоа е многу важно, да се направат истражувања затоа што стратегиите мора да се темелат на факти и на бројки. Од постарите истражувања знаеме дека 50-60% од младите воопшто не спортуваат. Тоа е лоша последица од тоа како досега сме го менаџирање спортот.

Би апелирала и би посакала да видам сите челници (и оние што ги креираат политиките на спортот и оние кои ги водат спортските организации) ова да го земат предвид. Да знаат колку е важно да имаме една стратегија каде што активно ќе ги вклучиме сите граѓани рекреативно да спортуваат. Меѓутоа, пред сè ќе креираме услови младите да се вклучат во спортот.

Како да ги стимулираме младите да се занимаваат со спорт?

Силвија Митевска Постојат многу модели и начини. Ние не треба ништо да измислуваме. Има се во европските земји. Треба само да се инспирираме и да видиме што е апликативно во нашиот контекст. Не би одела подалеку, би споделила два добри примери кои може и тука да се преземат.

Тоа е примерот со Албанија. Таму започнаа со голема иницијатива на спортски план. Државата вложува големи финансиски средства за да отвори одбојкарски школи во сите основни и средни училишта низ Албанија, атие ќе бидат бесплатни за да учествуваат сите деца.

Е сега замислете како е кога еден родител има дете кое после часовите може да спортува. Од тој квантитет понатаму, нивната идеја е да ги идентификуваат талентираните млади кои ќе може да преминат во нивните школи и тимови. Ова е еден добар пример од Албанија, која сега почна да го имплементира заедно со Олимпискиот комитет и другите спортски организации.

Друг позитивен пример е секако Словенија. Тоа е спортска нација што живее во духот на спортот. И кај нив на општинско ниво имаат многу бесплатни часови по различни спортови и на тој начин се стимулираат, се инспирираат децата да живеат во духот на спортот. Зошто не би можело такво нешто да се имплементира и кај нас? Освен централниот буџет кој треба да поддржи вакви иницијативи, уште поважно е да е насочен и локалниот буџет.

Во репрезентативниот спорт секогаш некаде запнуваме. Зошто?

Силвија Митевска Да бидам искрена не сум компетентна да коментирам затоа што не сум била на столчето на тренер или селектор. Меѓутоа од моја перспектива на спортските клубови им недостига едукација, им недостигаат човечки ресурси, идеи и иницијативи. Им недостигаат и развојни политики кои ќе подразбираат како да се стимулира детето, како да имате безбедна средина.

Тоа што го знаеме од терен е дека многу девојчиња се откажуваат од спорт, зашто не се чувствуваат безбедно или немаат жена тренер. Тоа може да биде причина зошто девојчињата помалку спортуваат од момчињата. Треба да го надминеме тој јаз и да се приближат барем малку. Доколку имате стратешки документ кој ќе ги обедини сите овие идеи, ќе знаете дека за десет години овој е показателот и резултатот кон кој ќе се водиме и ќе тежнееме. Успехот ќе биде неминовен. Ќе имате логичка рамка кој ќе ве води кон нашиот успех.

Документарен магазин Приказна

Што предвидувате, како ќе се одвива тимскиот и индивидуалниот спорт во Македонија?

Силвија Митевска Генерално ние многу повеќе вложуваме во тимскиот спорт. Ако сакаме да го развиваме, тогаш треба да знаеме во кои спортови ќе добиеме медали, ќе бидеме први и преку тоа ќе се етаблираме и на меѓународната сцена. Да не ни се случи пак да добиеме олимписки медал и да не знаеме како да го наградиме освојувачот. Треба да имаме претходно сè подготвено за да може да ги донесеме успесите во земјава.

Кај нас сè е ад хок, не е координирано, недостига комуникација, меѓу главните актери и челници во спортскиот сектор. Додека не видиме секојдневна комуникација и координација меѓу овие главни актери, нашиот спорт ќе стагнира, дури може и да назадуваме.

Се надевам дека ваквите емисии ќе допрат до младите и до челниците на организациите да сфатат колку е важен спортот и колку треба да се вложува во спортот. Затоа што секој што спортува значи дека е здрав граѓанин, исполнет и задоволен. Мислам дека секоја држава треба да тежнее кон благосостојбата на својот народ.

Стратегија под итно ни треба, закон за спорт, развој, едукација на ниво на спортски клубови, спортски федерации, комуникација, координација и политичка волја да докажеме дека спортот е подеднакво важен како сите други општествени сфери.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,756FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ