Една од највпечатливите градби во Скопје, зелената куќа-дворец во населбата Црниче, околу која со години се плетеа загатки и легенди, е главната инспирација за приказната во новата книга „Зелениот дворец“ од авторот Сибо. Романот, кој е добитник на наградата „Пегаз“ за 2022 година, беше промовиран вчеравечер (26 април) во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, во присуство на многубројна публика од културната и книжевната сцена.
По врачувањето на плакетата, авторот Сибо истакна дека е поласкан што ја добива наградата за најдобар необјавен роман – „Пегаз“.
– Отсекогаш сум сакал да напишам книга за Скопје, да му се оддолжам за сè што сум преживеал со него. Книгата ја напиша градот, вметнувајќи дел од приказните на неговите жители. Ова е книга за градот, за скопјаните, за скриени приказни на малите, но големи луѓе, за Ристиќева палата, за поплавата, земјотресот, за едно Скопје што веќе го нема и за Скопје што го познаваме. Оваа книга можеби не е само за една куќа, една загатка, ниту за една љубов ниту за нечиј живот. Но, приказната е во Скопје. Можеше да се случува каде било, а сепак е блиску до нас. Ова е роман за Скопје и за неговите животи, за физичката формула за љубовта. И секоја врска меѓу луѓето, градбите, различната хронологија и различните димензии, дури и различните жанрови што се испреплетени во оваа приказна ги врзува една емоција. – изјави Сибо.
Романот „Зелениот дворец“ е роман – временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век, и во сегашноста.
Во фонот на урбанистичките промени на градот, поттикнати од различни човечки и природни влијанија, Петар – средовечен маж и научник од совремието – се чувствува како да не припаѓа на времето во кое живее и доживува необични случки што го поттикнуваат да ја продлабочи идејата за постоење на паралелни универзуми. Привлечен од нејасна внатрешна сила, доаѓа до куќата-дворец во населбата Црниче во Скопје, изградена во дваесеттите години на 20 век на тогашната периферија на градот. Легендата вели дека таа куќа била опседната од духови и проколната, но за Петар ќе биде поаѓалиште кон неговото следно патување.
На годинашниот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, што ја организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 38 ракописи. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2022 година беа разгледани и ракописите: „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на победничкиот роман во посебна едиција.
Ова е четврто издание на книжевната награда „Пегаз“, што се доделува од 2019 година. Досегашни добитници на признанието за најдобар необјавен роман се: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Лазарка“ од Љупчо Петрески и „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски (2020) и „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021). Конкурсот за петтото, јубилејно издание на „Пегаз“ за 2023 година, ќе биде објавен наскоро.
Романот „Зелениот дворец“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, наскоро ќе биде достапен во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.