Модната дизајнерка Росица Мршиќ ја лансира новата лимитирана капсуларна ’Bloom‘ колекција со која го продолжува својот моден израз на употреба авторски дизајнерски решенија и принтови во своите колекции. Изработена со голема посветеност и внимание и „нула“ отпад во производствениот процес, оваа колекција на женски блузи е со препознатливи рачно изработени детали, карактеристични за дизајнерката, и безвременски дизајн. Блузите се изведени во приспособлив крој за да одговараат на сите величини, изработени од памук во бела и црна боја. Bloom колекцијата е создадена да ја мотивира женската индивидуалност и креативност.
Блузите можат да се комбинираат со различни парчиња облека за постигнување софистициран изглед за различни прилики во текот на целиот ден.
Колекцијата, освен што е направена според принципите на општествено одговорна изработка има и хуманитарен карактер, 10% од секоја продадена блуза од оваа колекција, е наменета за помош на децата во СОС детско село Македонија.
Росица Мршиќ е интернационално наградувана македонска дизајнерка, активна со својот бренд уште од 2008 година на домашниот и странскиот пазар. Таа применува соработка со домашната модна индустрија, со уметници, артизани, лица од ранливи категории во изработка на своите колекции и модни додатоци и создава колекции во соработка со други брендови.