19.8 C
Skopje
Thursday, September 19, 2024
spot_img

Проф. д-р Ратко Дуев: Прекумерното користење на мобилните телефони го успорува развојот на вештините кај децата

Јас сум против целосно да се исклучат мобилните телефони, бидејќи тие се дел од нивниот социјален живот. Но, сметам дека треба да се ограничи нивната употреба. Факт е дека на мобилните телефони, местото не им е во училницата. Има истражувања според кои, околу 78% од младите во еден час, го проверуваат телефонот. Она на што се жалат, а и јас како наставник го забележувам, е дека тие и за време на наставата ги проверуваат телефоните, што значи дека губат концентрација, а тоа е главен проблем, укажува проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет при УКИМ.

Каков е ставот кај нас за употребата на мобилните телефони во училиште? И за учениците, но и за наставниците

Проф. д-р Ратко Дуев Во Франција уште пред пандемијата, собранието изгласа еден закон со кој се забрани употребата на телефоните, во САД околу 77% од училиштата веќе ги забранија телефоните. Мое мислење е дека кај нас ставовите се поделени колку се штетни а колку полезни. За жал, ние немаме некои истражувања, ги користиме туѓите, но, мора да сме свесни дека секој новитет кој доаѓа во нашата средина тој се преадаптира на нашата културна традиција. Нашите млади се дружат како и сите млади во светот, но со одредни разлики на местата на кои излегуваат.

Не верувам дека многу се разликуваат од истражувањата на развиените земји и под влијание на англосаксонската литература, генерално ги користиме нивните истражувања. Сметам дека треба да направиме едно истражување и да се започне со барање излез, да се најде некоја средина. Секогаш помеѓу две крајности, сметам дека треба да се фокусираме на средината како најдобро решение. Да се види што е полезно, што негативно и како нашите училишта да ја користат целата дигитална технологија, не само мобилните телефони. Проблем е што после пандемијата, тоа користење се засили. За многу краток период, цел тој виртуелен и дигитален свет се преточи во нивните телефони. Интернетот стана достапен и евтин. Самиот начин на живот и родителството, но и сè што следи понатаму, ги смени не само навиките на децата, туку и навиките за учење. Деликатно е да се издвои колку телефоните како издвоен фактор, влијаат на сите проблеми, а колку останати фактори.

Преку социјалните мрежи, се следат трендови кои може да бидат опасни. Имам впечаток дека ни фали емпатија. Дали тоа можеби е сигнал дека нешто треба да се направи?

Проф. д-р Ратко Дуев Клучните проблеми во користењето на социјалните медиуми и употребата на мобилните телефони, е фактот, дека тешко може да се следи што се случува. Децата на дигиталните алатки имаат море од информации. Порано компјутерите ја имаа опцијата за контрола од страна на родителот. За жал, кај мобилните телефони, тоа тешко се постигнува.

За младите во развој, спиењето, сонот е основа за благосостојба на менталното здравје, но и за здравјето во целост. Секако тука е и физичкиот развој. Каде е тука проблемот? Предолго користење на мобилните телефони и социјалните мрежи, ги спречуваат децата во физичките активности. Тука се и девијациите и дигиталното силеџиство, кои се дел од воспитниот систем.

Во минатото имавме систем кој беше поделен, образование и воспитание, сега некако ни остана само образованието, а воспитанието го тргнавме. Ако се направи еден систем во училиштата, преку кој на родителите и учениците им се објаснат сите позитивни и негативни страни на користењето на мобилните телефони, верувам дека ќе се развие свеста за поставување на извесни норми.

Јас сум против целосно да се исклучат мобилните телефони, бидејќи тие се дел од нивниот социјален живот. Но, сметам дека треба да се ограничи нивната употреба. Факт е дека на мобилните телефони, местото не им е во училницата. Има истражувања според кои, околу 78% од младите во еден час, го проверуваат телефонот. Она на што се жалат, а и јас како наставник го забележувам, е дека тие и за време на наставата ги проверуваат телефоните, што значи дека губат концентрација, а тоа е главен проблем.

Самото море од информации, резултира тие да создадат навики со кои, наместо да се задлабочуваат во содржината на учењето, тие се дефокусираат, па затоа и сметам дека најдобро е да се има мера, да се ограничи нивното користење. Дополнително, самостојното користење на мобилните телефони, не е препорачливо за мали деца до 6 години. За жал, секојдневно сме сведоци на сцени како на пример, во некое кафуле кога пиеме кафе, родителите во овој модерен свет, за да бидат слободни, им ги даваат мобилните телефони и таблетите. Образовниот систем е клучен за овој сегмент.

Целокупната намалена концентрација кај децата, води кон пад на квалитетот во поглед на нивното знаење. Во последно време, студентите ја немаат онаа длабочина во размислувањето или она општото познавање, како претходните генерации. Тие се целосно потпрени на дигиталните вештини.

Јас практикувам усен испит, а тој покажува лоши резултати. Студентот молчи, со што забележувам дека неговите когнитивни вештини, говорни вештини, снаодливоста, ги нема. Многу мал процент од студентите покажуваат снаодливост, а другите инсистираат да полагаат писмено. Нивната навика за учење е адаптирана на некаков друг систем. Дури во САД 48% од студентите признале дека ги користат мобилните уреди за време на тестирање на испит. Кај нас, сметам дека таа бројка е поголема. Го видовме примерот со државната матура, еден добар систем кој ни помагаше да се направи селекција на вистинското знаење кај студентите, за жал, на некој начин, дојдовме до ситуација тој да стане и бескорисен, токму заради употребата на мобилните телефони и социјалните медиуми.

Колку како родители сите имаме вина?

Проф. д-р Ратко Дуев Родителот е модел, пример за секое дете. За жал, л голем дел од родителите не водат грижа. Ние не може да му забраниме на детето да користи мобилен телефон, кога ние самите го користиме секојдневно.

Улогата на родителот е да ги покаже позитивните аспекти на таа алатка. На Филозофскиот факултет почнавме еден проект, пандемијата малку нè запре, сакавме да ги споредиме начинот на образовниот систем во минатата држава и нашиот. Порано правевме баланс, сега немаме понуда за тие деца. Немаме извиднички, младински центри, во минатото имаше аероклубови, планинарење, спорт, дури и понудата беше преголема, па секој според афинитетите, се определуваше за некоја активност.

Мобилните уреди ги олеснуваат некои работи. Сега немате потреба од компас, имате систем за лоцирање, имате и позитивни примери за препознавање на растенијата, што е добро во биологија.

Ако се најде мера, оваа алатка може да биде од голема полза, не само за развој на децата, туку и за целиот систем. Често реагирам за екскурзиите што се одвиваа во основните и средните училишта, коишто немаа образовен карактер. Постои закон за организирање на екскурзии, но тоа се прескокнува преку договорот со родителот, па децата шетаат, без водич, без цел. Одат во некоја околина на Скопје и повторно таму се со мобилните телефони, не прават ништо. Ако се направи еден баланс, можеби тие негативни страни, ќе се намалат, а ќе се создаде поголем простор за позитивната примена на мобилните телефони.

Документарен магазин Приказна

Како да препознаеме разлика помеѓу употреба и злоупотреба?

Проф. д-р Ратко Дуев Сè е во образованието и во воспитанието. Колку порано се создадат граници кај младите за позитивно користење, особено во раната фаза во нивниот развој, мислам дека ќе се намалат негативните ефекти.

Главниот проблем е физичкиот развој на децата, несоницата, дигиталното силеџиство. Со одредени обуки на родителите, мислам дека дел од овие негативности ќе исчезнат. Мене најмногу ме плаши и физичкиот развој. Имаше една состојба, во одделението на синот, само тој имаше прав ’рбет. Речиси 95% од учениците, поради предолгата употреба и несоодветната положба при користењето на мобилните телефони, имаат проблем со развојот. Што ќе се случи со нив, кога ќе имаат 30 години? Обично спондилозата, порано се јавуваше подоцна во животот, сега ние ќе се соочиме со подем на таквите заболувања кај луѓето на многу млада возраст.

Нужна е едукацијата. Сите како родители се обидуваме да најдеме некоја средина. Многу е важно да се научиме што е корисно од технолошките алатки, но соодветно приспособено на возраста на децата. Препорачливо е децата на возраст од 10 до 12 години, да го задржи социјален момент овозможен од тие уреди, но да не се користат апликации како Твитер, Инстаграм, Тик Ток. Додека родителите се на работа, тешко е да се контролира до какви информации може да дојде детето. Многу од тие апликации бараат корисникот да биде на возраст 18+, но никој тоа не го контролира.

Со ограничување при користење на посложените социјални медиуми, може да се дојде до еден баланс. Како родители, во тие критични периоди да се обидеме да контролираме, што следат децата. Во образовниот систем да ги насочуваме кон позитивната употреба на овие уреди, односно како тие можат да им помогнат во знаењето. За жал, не можеме комплетно да ги заштитиме.

Јас сум против забрани, самата забрана може да предизвика поголем интерес. Сметам дека треба да се поработи на одредени законски решенија. Сите информации кои доаѓаат, скоро и да не подлежат на законски последици и на одговорност. Ние сè уште не сме дел од оној систем во Европа, во кој самите дистрибутери на информациите имаат забрана за пристап на одредени портали, страници. Треба сериозно да се поработи на ова како проблематика.

После пандемијата, зголемен е трендот на менталното нарушување кај младите лица, особено кај тинејџерите. Дигиталната технологија ги засилува и забрзува, но корените не се само таму, туку се последица на останатите сегменти од општеството. Системот на вредности, начинот на живот, желбата за заработка, некако ги ставаат младите на секундарна позиција. Убаво би било да имаме некоја стратегија за ова. Време е да се вратат оние активности кои придонесуваат за зајакнување на социјалната интелигенција кај децата и нивното физичкото здравје.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,659FansLike
3,323FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ