2.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Проф. Гордана Попсимонова: Наши студенти успешно се занимаваат со цвеќарство во Канада, Америка, Швајцарија, но, не и во Македонија

За цвеќарството и потенцијалот за негов развој во Македонија, разговараме со Проф. Гордана Попсимонова, ФЗНХ

Што е цвеќарство?

Проф. Гордана Попсимонова Цвеќарството е дел од хортикултурата. Многумина сметаат дека хортикултурата исклучиво е хортикултурно уредување односно цвеќарство, а не е така. Во хортикултура спаѓаат свежиот зеленчук, свежото овошје, трпезното грозје, цвеќето и тревниците. Ние го произведуваме репро материјалот за хортикултурното уредување. Цвеќарството е масовно производство на цвеќе.

Драго ми е што воведовме нова студиска програма и инсистиравме да постои профил земјоделски инженер по хортикултура. Досега тоа не постоеше.

Дали младите имаат интерес да се запишат на вашиот факултет?

Проф. Гордана Попсимонова Мене ми е многу драго од една страна, а од друга страна ми е жал, што моите студенти се успешни деловни луѓе, се занимаваат со цвеќарство во Канада, во Америка, Швајцарија, но, не во Македонија. Драго ми е што научиле нешто, што имаат основа да се надградат.

Факултетот може да ви даде насока и да ве научи каде да ги најдете одговорите. Имаме добри деца, студенти немаме многу. Имаме нова насока, повеќе акцент е ставено на цвеќарството. Имаме хортикултура во заштитени простори како посебен предмет и мислам дека вреди да пробаат. Тешка е науката. Првите две години ќе учат хемии, ботаника, работи кои можеби ќе им изгледаат непотребни меѓутоа ќе им требаат затоа што инженерскиот дел од називот земјоделски инженер значи да го познаваме растението и неговите потреби за да смислиме технологија што ќе одговара на неговите потреби.

Имаме ли потенцијал за развој на цвеќарството во Македонија?

Проф. Гордана Попсимонова Стандардот на една земја, економскиот развој, се гледа по тоа што одгледуваат. Најсиромашните земји ги одгледуваат житните култури. Земјите во развој во кои припаѓаме и ние се занимаваат со градинарство, овоштарство и помалку цвеќарство. Високо развиените земји кои се бројат на една рака, се занимаваат со цвеќарство. Тоа не значи дека кај нив се произведуваат цветните култури. Обично наоѓаат земји каде што и климата и работната рака е поевтина, а самите земји како што е Холандија, САД, Боливија само го дистрибуираат готовиот производ.

Ние во Македонија, за жал, ја живееме онаа клетва да се има, па да се нема. Порано бевме на врвот во регионот и во производство на градинарски култури, овошје, па и цвеќе. Во Гевгелија први почнавме на Балканот со размножување на каранфил со култура на ткиво. Се произведуваше на околу 24 хектари стакленички простор. Пазарот беше презаситен од каранфили. Сè што беше продавница за цвеќе, дури и мојот бидермаер, беше со каранфили. Колешката којашто работеше таму, се пресели во Сплит и така замре производството.

Следно поголемо производство сме имале од ружи во Виничките оранжерии, во Кочани. И тоа се затвори. Гербер исто така во виничките оранжерии. И тоа за жал не постои. Кога ќе кажеме хектар, тоа се 10 илјади квадратни метри. Кај нас во хортикултурата приносот или добивката се пресметува на квадратен метар. Не на хектар. Едно семејство со неколку стотици метри квадратни може да оствари сосема пристоен приход под услов, системските мерки за поддршка на земјоделството да се добро решени.

Во Европа се прави јасна разлика што е полјоделство или одгледување на отворено и таму функционираат т.н. директни плаќања, по наше субвенции. Кај нас и производителите на хортикултурни производи, овоштари, градинари и цвеќари ги добиваат директните плаќања на хектар. Дури и ако е сума од 90 илјади денари, кога ќе го поделите на 10 илјади, на еден метар квадратен доаѓа 9 денари. Производителот ако е добар домаќин би требало далеку над тоа да добие како приход, така што безначајна му е поддршката од државата. Тука би требало да има повеќе развојни механизми во смисла на воведување на нови технологии.

Одгледувањето на отворено барем во нашиот домен е скоро невозможно. Имаме сезонски и дневни големи температурни разлики. Акцентот се става на контрола на температурата, контрола на влажноста, посебно при одгледување на цвеќе. Тука не смеете да имате дамка, ниту на листот, ниту на цветот. Тоа треба да биде совршено чисто, совршено одгледано. Се да биде под контрола.

Кои реони во Македонија имаат поволните услови за цвеќарство?

Проф. Гордана Попсимонова Во принцип цвеќињата не сакаат големи осцилации во температурите. Погодни реони се реоните околу водените површини кои служат како бафер, не дозволуваат големи температурни поместувања и северо источниот дел кој има изменета медитеранска клима.
Кога би можеле нашите производители да воспостават убаво оранжериско производство во принцип и на гаража би можеле да одгледувате, не ви треба почва, не ви треба ништо специјално. Целата земјоделска наука се адаптира почнувајќи од селекција, до доработка или стандардизација на цвеќето. Не треба да сме зависни од тоа што климата го нуди како фактор за одгледување. Почвата и водата се ресурси на кои треба да се внимава.

Кои цветни култури се најзастапени во Македонија?

Проф. Гордана Попсимонова Во моментов тоа се едногодишните култури и тоа расад од тие култури. Остатокот го увезуваме и за режен цвет, што е исклучителна категорија, и саксиско цвеќе.

Може ли цвеќарството да биде профитабилен бизнис?

Проф. Гордана Попсимонова Тука имаме два аспекта кои треба да се видат. Кога јас лично би влегла во деловен ризик, прво го испитуваме пазарот. Кога сте виделе последен пат некој да носи букет цвеќе за која било пригода освен кога се матурите или Осми март. Прво социјалните навики, да не кажам дека владее извесна депресија кај народот, секој ќе рече гледајте прво што ќе јадеме. Ова се гледа како луксуз, за жал. Остануваат јавните површини како битен консумент на тоа што цвеќарите го произведуваат. Тука би требало да се поработи, да се направат долгорочни договори со уредувачите на зелените површини, со цел нашите производители да знаат што би требало во следниот период да произведуваат. Ова не е вообичаено само за цвеќарството. Ова се однесува за сите сегменти на хортикултурата.

Кои цвеќиња ги увезуваме, кои ги увезуваме? Каква е законската регулатива?

Проф. Гордана Попсимонова Извезуваме нешто од расад на едногодишни култури пред сè во Косово. Дел во Грција. Ова се искуствени податоци, статистиката за жал не ги води цветните култури. Ги имаме како семе и саден материјал, но не е одвоен од градинарските култури, од зеленчукот. Се останато увезуваме.

Законската регулатива е иста за цело производство. Стриктно е кога се однесува за семенски материјал и саден материјал. Тука се бараат сертификати за здравствена состојба и за вообичаеноста на продуктот.

Наташа Јанкуловска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ