Универзитетскиот професор Атанас Кочов е човек кој ужива во возењето велосипед. Скоро и да не користи автомобил во последниве три години. Љубовта кон велосипедот, практично е замена за неговата љубов кон возењето ролерки. Со нас ја сподели својата инспиративна приказна.
Приказна Што ве натера да возите велосипед?
Атанас Кочов Почна во 2010/2011 година. Претходно бев постојано на ролери на Кеј на Вардар, и седејќи со еден пријател, ми рече дека ролерите не се за мене, со годините, па да почнам да возам планински велосипед. Интересно е дека сметав дека не можам, дека ќе биде тешко. Во моментот кога пробавме, направивме една мала дружина од 4 лица и оттогаш до ден денес, тоа стана хоби во коешто нема ден или недела без да се помине одреден временски период на велосипед.
Приказна Може да забележиме дека бројот на луѓе кои ја користат оваа пасија се зголемува. Кои се рутите кои најчесто друштвено ги практикувате?
Атанас Кочов Многу ми е драго што кај нас во Македонија почна поинтензивно да се посветува внимание на велосипедизмот, посебно на оној хоби-велосипедизам, во кој луѓе од различни категории органзирани меѓусебе, самостојно се пронаоѓаат себеси во освојување на некои планински врвови, или на некакви друмски места, и едноставно во тие моменти на дружење да се разменат мислења, да се размени таа позитивна енергија меѓу луѓето и да се ужива.
Мора да признаам дека и јас членувам во една група, во којашто во моментов има 35 членови, во кои доминираат дамите. Оваа група не обврзува, се даваат предлози каде да се оди, дали ќе се вози за Јегуновце, Свети Николе или на врв на Водно. Ова е важно не само за празнење на негативната енергија и полнење со позитивна, и по завршување на тој час и половина или два часа се чувствувате како нов човек. Луѓето не се поврзани меѓусебе ниту со бизниси ниту со работа, туку едноставно се луѓе од различен калибар, најдени во група и уживаат во тие дружби. Интересни тури се од Скопје до Јегуновце, од Скопје до Лешок, од Скопје во врв на Водно, до Петровец, Охрид-Галичица итн.
Приказна Како се планираат рутите и што ви треба како ресурс во поглед на реализирање на рутата?
Атанас Кочов Тоа е тој социјален момент кој е значаен. Се објавува во групата дека утре се вози пример за Јегуновце, се собираме сите заедно на едно збирно место, секој си е одговорен за сопствената одговорност, да си обезбеди добар велосипед, кацига, заштитен шлем, ракавици итн., и секој носи храна во мали количини, за да се стигне до одредено место и откако ќе се пристигне, ќе се испие кафе, чорба или салата и се враќаме назад. Тие спомени се нешто што останува засекогаш. Мислам дека тоа е она што не исполнува.
Секоја рута се објавува на социјалните мрежи, и се прават анализи колку била тешка, лесна дали следен пат треба нешто да се промени итн.
Приказна Освен уживање во убавиот дел, љубовта кон велосипедот носи придобивки и по здравјето. Дали и тоа го имате како факт?
Атанас Кочов Апсолутно, она што е собрано и како работа, оптоварување, храна итн., треба да се потроши. По мене, многу е подобро наместо да се помине еден час во теретана во затворен простор, многу е полесно да се вози велосипед на отворено, во природа и да се ужива.
Многу е убаво да се качите до средно Водно, ќе се испразните со сè што било негативно, ќе повозите до Пантелејмон, низ една прекрасна шума, ќе се наполните со суперпозитивни мисли, и ќе се вратите дома како нов човек. Нема поубав лек за добро здравје. Навистина позитивно влијае на менталното и физичкото здравје.
Приказна Колку често возите на две тркала во секојдневието во сообраќајот?
Атанас Кочов Искрено да ви кажам во последните 3 години многу ретко користам автомобил, особено во текот на денот кога треба да одам до работа и да се вратам, дури и да треба да завршам некаква обврска во градот, користам тротинет. Сметам дека секој од нас треба да придонесе кон одржливиот развој и намалување на загадувањето.
Свесни сме во Скопје што се случуваше во изминатите години, со каков тип на загадување и колкав број на ПМ честички коишто штетно влијаат на здравјето. Во таа насока, препорачувам тој што има можност да користи алтернативно средство за превоз, дали е тоа тротинет или велосипед. Треба да размислуваме за иднината на нашите деца.
Од страна на градот, ќе треба да се обезбедат соодветни услови. Не може да се пожалиме во Скопје дека нема услови. Има добро опремени вело патеки коишто може да ги користат и оние кои се со тротинет или велосипед. Со добри напорни на градот и општините може се да се регулира. Совеста и свесноста на тие што се со автомобили треба да проработи. Не треба да се паркираат на патеките за велосипеди. Мислам дека Скопје оди во добра насока, и многу работи се имаат променето последните години.
Приказна Колку велосипедистите се безбедни?
Атанас Кочов Безбедноста на секој од нас зависи од самите нас. Едно е кога има организирани и означени патеки за движење на велосипедисти и тие треба да се користат. Често пати велосипедистите знаат да ги прекршат тие правила, што не е добро. Често пати на семафор кога има застанати автомобили, па велосипеди да поминат помеѓу нив, што не е добро. На тој начин даваме лош пример. Најзначајно е дека за безбедноста треба и двете страни да си ги преземат своите улоги и да се однесуваат согласно правилата кои се пропишани. На тој начин бројот на повреди ќе се намали.
Приказна Како да ги поттикнеме децата да користат повеќе велосипеди?
Атанас Кочов Од сопствено искуство, веќе 30 години работам во високото образование, и се соочувам од година во година со помлади во однос на мојата возраст. Таа љубов кон природата и велосипедизмот пробувам низ наставни планови и програми коишто ги имаме, на некој начин да се примени, и да им влезе во мислите дека тоа слободно време коешто го имаат да го поминат надвор во природа, со дружење.
Постојат различни начини и методолошки принципи кои ние во образованието можеме да ги внесеме за да им укажеме на младите, не само тоа колку е значајно да ги користат алтернативните начини на транспорт, да уживаат со другарите и родителите, истовремено да се научат на правилата на игра, односно правилата кои мора да ги научат. Постојат начини, и секој од нас треба да ги имплементира, приспособи и претстави на младите генерации.
Вики Чадиковска