Дома Инспирација Приказни за цвеќињата: Предраг-Цветко: Да ги поддржиме маалските цвеќари, за да создадеме...

Приказни за цвеќињата: Предраг-Цветко: Да ги поддржиме маалските цвеќари, за да создадеме култура кон цвеќарството

Откако памтам за мене имам растенија и сум опкружен со растенија. Морам да ги пофалам баба ми и дедо ми. Тие се од едно село Кривогаштани и секогаш кога одевме кај нив на гости, моравме да посадиме нешто. Ни покажуваа како се зачнува семе и слично. Мене лично ми беше фасцинантно како ставам дел од растение во земја и тоа расте, се размножува. Вака ја започнува својата приказна за цвеќињата, Предраг Митрикески Клекачкоски кој сите го знаат како Цветко.

Кој беше првиот цвет што го посадивте и одгледавте?
Цветко Тешко ми е да се присетам кој беше првиот, но едно од омилените ми беше алоето. Кога ќе го скршев внатре, имаше како крем. Фасцинантно беше колку сочност имаше во него. Дефинитивно алоето е растението кое ми го одбележа периодот на детството.

Од каде стекнувате знаење? Како може и луѓето правилно да се информираат за цвеќињата?

Цветко Во денешно време имаме премногу информации. Првичното знаење го добив од дедо ми којшто има завршено земјоделски факултет, потоа преку книги, светски инфлуенсери кои се занимаваат со растенија преку видеа на социјалните мрежи и Јутјуб. Коментарите под тие видеа ги потврдуваат или отфрлаат тие факти. На тој начин можам да ги проверам информациите кои се споделени.

Кога станува збор за растенијата има некои факти до кои мора да се држиме, но за сè друго, станува збор за искуство. Во сечиј дом има различна температура, различна влажност на воздухот, така што, она што јас го правам може нема да одговара во некој друг дом.

Социјалните мрежи се добар извор за информации, но и на дезинформации. Како да се справиме со ова?

Цветко Најголемите проблеми со кои се соочувам на мојот профил се луѓе кои ми пишуваат како ставиле банана во вода, па го поливаат растението, како ставиле лушпи од јајца. Иако навидум сето ова има доста логика, ваквите начини на прихрана или домашни експерименти најчесто можат да направат поголема штета. Доколку бананата ја ставиме во вода, таа почнува процес на декомпозиција. Вие во земјата ставате толку многу бактерии и непријатни мириси што за едни домашни услови не е препорачливо.

Мислам дека најдоброто нешто што може да го направиме за да избегнеме дезинформација е да знаеме дека изворите кои ги користиме за информирање се сигурни, односно да користиме луѓе кои директно зборуваат на нивните следбеници, да биде вистинска личност, а не само блог. Кога зборува човек, сета грижа и совесност му припаѓа нему. Па така, доколку погреши, целиот негов бренд греши.

Најчесто, таквите инфлуенсери не си дозволуваат да шират такви дезинформации. Кога станува збор за блогови и пишани текстови по Фејсбук, дефинитивно би ги проверил тие информации пред да им поверувам.

Колкав е интересот за цвеќињата кај нас?

Цветко Има многу голем интерес. Би ги поделил на неколку категории. Едната категорија се луѓе кои се опседнати со убавината на нивните дворови, па цело време експериментираат со тоа. Имаме луѓе кои го гледаат растението како подарок. Но, ги има и оние фанатици односно мои следбеници на инстаграм, со кои константно си комуницираме за ретки видови, за растенија коишто не се секојдневни и се специфични за одгледување.

Каков е потенцијалот на цветниот пазар кај нас?

Цветко Во Македонија сите ја знаеме куповната моќ на цветниот пазар во целина. Кога станува збор за некои работи кои не се нужни како растенија, дефинитивно е малку потешко. Малите цвеќари многу страдаат затоа што големите молови имаат грандиозни цвеќари со многу поинаква куповна моќ.

Мислам дека треба да им дадеме љубов на нашите локални, маалски цвеќари. Би ги повикал сите да си ги сакаат и негуваат тие локални дуќанчиња. Сè додека има љубов за растенијата, ќе има интерес.

Дали луѓето купуваат со причина или само за празници?

Цветко Дефинитивно мнозинството купуваат за некој повод. Но, можам да забележам дека после карантинот, сфативме што значи да си го разубавил животот и домот. Оттогаш дефинитивно гледам раст. Одгледувањето цвеќиња е вистинска наука.

Која е вашата препорака за почетници, како успешно се одгледуваат цвеќиња?

Цветко Видот на растение кое ќе го изберете. Не мора секогаш тоа да биде растението кое најмногу ќе ви се допадне. Оние шарени и грандиозни растенија, најчесто се поспецифични. Би почнал со некое поедноставно растение. Не секое растение сака да биде полевано секој ден. Многу често гледам скапани корени, а тоа е најчестата причина за смрт кај секое растение – преголемото количество вода.

Зошто е важна прихраната на растенијата?

Цветко Прихраната е важна од неколку причини. Не се водата и сонцето единствени начини и извори на енергија, па затоа балансирана прихрана која си има свои mph вредности. Тоа се нутритивните вредности кои им се потребни на растенијата. Тие се потребни за растението да продолжи да расте.

Земјата во којашто доаѓа најчесто нема никакви нутритивни вредности. Секогаш ја препорачувам природната прихрана од причина што хемикалиите никогаш не се добар одговор. Доколку на почеток не ставаме прихрана е во ред, но по 6 месеци би било подобро да се става прихрана на секое 2-3 наводнување.

Дали во Македонија може да се живее од цвеќарство?

Цветко Многу би сакал одговорот да е да, но е не, за жал. Немаме култура на негување на локални бизниси. Кога ќе дојдат странски гиганти, сите најчесто трчаат кон нив. Исто како и за другите локални брендови, тоа се случува и со цвеќарството. Локалните цвеќари се во изумирање и дефинитивно тоа не може да биде единствениот извор на приходи.

Секој бара цвеќе кое е лесно за одгледување. Има ли такви видови?

Цветко Прво нешто што морам да кажам е дека кактусите не се лесни за одгледување. Повеќето кактуси бараат директно сонце, директна светлина и многу треба да се внимава како ќе се наводнуваат. Малку повеќе вода и веднаш скапуваат. Голден потос е ползавец кој во Америка го викаат ѓаволско растение, бидејќи може да живее во сите услови. Секогаш го препорачувам како прво растение. Го има во сите цвеќари.

Повеќето цвеќиња кои ги гледам во цвеќарите таму се затоа што се лесни за одгледување. Секој цвеќар знае да одговори на прашањето кое цвеќе да го земам како прво растение, кое растение како се одгледува.

Дали вие лично имате омилено растение?

Цветко

Да, имам. Во моментов сум благодарен што имам две метарски примерок од него. Тоа е Монстера делиоса (monstera deliciosa). Во Македонија ја викаат филадендрони иако тоа е друга фамилија на растенија.

Exit mobile version