Атина Бојаџи е македонска маратонка во пливање. Родена е на 13 март 1944 година во Охрид, а почина во Скопје на 28.12.2010 година.
На 11 години успеала да ги собори сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки во слободен стил, делфин итн. Таа била светски првак во маратонско пливање на слатки води на Охридскиот маратон одржан во 1962 година.
Вкупно двапати била светски првак на слатки води. Првиот пат само со 18 години, а вистински подвиг испишала истата година кога на исклучително опасниот маратон Саида – Бејрут, од 23 натпреварувачи на целта успеала да стигне само таа и еден пливач од Египет. Претседателот на Либан, восхитен од нејзината пливачка моќ, и доделил орден за храброст. Таа по овој настан веќе е ѕвезда во Југославија.
Атина Бојаџи до денес останува најмладиот првак на Охридскиот пливачки маратон на сите времиња. Бојаџи два пати била прва на Охридскиот пливачки маратон.
Маратонска кариера на Атина Бојаџи трае цели 12 години. По многуте трки се враќала во родната земја со бројни признанија и награди, златни или сребрени медали.
1962 година со испливување на патеката Капри – Неапол станала светски првак на солени води. Врв на нејзината пливачка кариера е препливувањето на Ламанш на 9 септември 1969 година, за 13 часа и 20 минути. Со овој пливачки подвиг станува првата Македонка, а воедно и првата пливачка од Југославија, која го остварила овој успех.
Овој нејзин подвиг ќе го инспирира режисерот Александар Ѓурчинов во 1975 година да го сними филмот „Исправи се Делфина“. Главната улога ја толкуваше Неда Арнериќ, а самата Бојаџи е еден од соработниците на филмот.
Пливачката кариера подоцна ја заменува со тренерска. Почнува во белградскиот клуб “Црвена звезда“, а потоа продолжува во спортскиот центар во Лос Анџелес, САД.
Единствената во многу нешта, пожртвуваната мајка и пред сè голем човек, легендарната Атина Бојаџи беше прогласена за спортист на 20-от век во 1998.