Несекојдневна авантура на еден млад човек од Македонија – целомесечна велосипедска тура низ европскиот континент.
Ако Филеас Фог од култниот роман „Пат околу светот за 80 дена“ на Жил Верн ја обиколи Земјата за точно 80 дена, поради прифатен џентлменски облог, Коста Митрески реши да се обложи со себе, односно да се предизвика и да го исполни сонот од детството.
Коста на авантурата со велосипед низ Европа, извозе преку 3.100 километри. Возеше низ 12 европски држави, во просек над 100 километри на ден, „товарен како брод“, како што вели и самиот, со опрема тешка 40 килограми.
Идејата за вакво патување е вмрежена во мене уште од тинејџерските денови кога активно учествував на МТВ натпревари, а велосипедизмот ми стана една голема љубов која до денес постојано си ја негувам. Ако добро се сеќавам, првата идеја уште пред дванаесетина години ми беше патување со велосипед низ цела Италија, од каде би се вратиле со брод до Албанија и назад во нашиот роден крај. Знаете како викаат: „не можеш да убиеш идеја“. Таа си тлее длабоко во нашата потсвест и чека момент на будење и акција за истата да оживее во реалноста. Уште од мали нозе бев човек склон на предизвици, а со тоа ја разгорував и мојата љубопитност која ме однесе по разни патишта и искуства низ животот. Поблиските пријатели кои ме знаат можат подобро да потврдат дека не постои момент кога би одбил каква било активност, доколку сум слободен за истата. Длабоко во себе бев убеден дека еден ден ќе дојде времето и местото за реализација на ова мое патување, кое низ светот е познато како bike-packing. Што се однесува до причината за тура со велосипед низ Европа, би кажал неколку работи: Покрај силната желба од младоста за патувања од ваков тип, следен најважен предизвик е мојата желба за предизвици, а верувајте ова е страшен психо-физички предизвик, особено патувањето соло, без партнер со кого би ги делел и убавите, но и тешките моменти. Причината лежи во тоа што во овој период ми излезе прилика да имам повеќе слободни денови, пред 6 месеци имав операција на колено, со годините се добив уште неколку надоврзани повреди кои ќе ме следат низ животот, додека од друга страна сите кои ме знаат ми викаат дека сум челичен човек. Па си реков, ајде да се тестирам дали сè уште е таа теза валидна. Верувајте, ова патување ми приреди повеќе психички предизвици, отколку физички, кои вклучуваа возење над 100 километри дневно со велосипед кој заедно со торбите и опремата тежи 40 килограми. Си реков, кога ако не сегам раскажува за својот подвиг Коста.
Поради временското ограничување и специфичната рута, не можев да ги поминам сите европски земји, но верувам дека го поминав поубавиот дел од нив. Моето патување почна од Барселона, Шпанија. Односно, самото патување почна од Тирана, соседна Албанија од каде што со авион се упатив кон Барселона. Тоа значи дека поминав низ Албанија, па оттаму почнав со Шпанија, Франција, Италија, Швајцарија, Австрија, Германија, Чешка, Словачка, Унгарија и Србија. Тоа би биле вкупно 11 држави кои го одбележуваат моето патување. И на крај стигнав и во 12-тата држава. Најважната. Мојата татковина, Македонија, додава Митрески
За Приказна,
Павел Донески