„Камп“ е градинка на отворено која има цел да им овозможи на децата да се чувствуваат како дека секој ден го поминуваат на извиднички камп. Градинката е фокусирана на промоција на здрав начин на живот уште од мали нозе, преку физичка активност, запознавање со природата и можностите кои таа ги нуди, нејзина почит и заштита како и здрава исхрана. Овие активности им овозможуваат на децата развој на борбен дух, тимска работа, поголема самодоверба, а резултатот е здрави, самостојни и силни деца кои се подготвени да се соочат со предизвиците на понатамошното учење.
Двајца млади луѓе од Штип планираат да ја реализираат својата идеја за камп градинка на отворено. Бојан и Ана Марија се авантуристи и ентузијасти кои со својата уникатна идеја почнуваат со создавање на многу повеќе од само една обична градинка.
Целата идеја дојде откако јас и Бојан поминавме некое време во шумски градинки во Литванија. Таму видовме колку им е интересно на децата, каков здрав живот водат, колку тоа не се водат според временските услови и колку забавно може да изгледа сето тоа. Ние увидовме дека во овие земји покрај лошото време, тие решаваат дека тоа не треба да ги спречи, и си го продолжуваат животот и ја сакаат природата, ја почитуваат и истражуваат. Рековме дека е време да го донесеме ова кај нас бидејќи сепак имаме некои подобро услови да се исполни сето тоа, открива за Приказна Ана Марија Павлова.
Ана Марија и Бојан имаат искуство како извидници, биле дел од извидничкиот одред Еквинокс од Штип. Тие велат дека нивната цел е да ги поттикнат децата да живеат здрав живот и да ја почитуваат природата, уште од мали нозе.
За почеток се подобрува нивната здравствена состојба со тоа што поминуваат поголем дел надвор, во природа, им се намалуваат алергиите со тоа што доаѓаат во контакт со природата и животните исто така помалку се плашат од нив додека растат, но исто така може да видиме дека им се зголемува фантазијата со тоа што се впуштаат на некој начин во не структурирана игра, ги наоѓаат природните реквизити во природата и сами замислуваат како понатаму ќе ја развијат приказната да си играат со истите.
Со помош на секојдневните активности во природа ќе има за цел да ги изгради како личност, да го изгради нивниот карактер каде што ќе се запознаат со нивните одговорности, чувства, емоции што е добро, што лошо, вели Бојан Андонов. Ќе стекнат навики за зачувување на природата и ќе дадеме еден акцент на вредноста на природата и како тие да се снаоѓаат во неа и како да ја чуваат.
Правилен развој, соочување со предизвиците, но и учење на убави навики е целта на овој проект, кој веќе се реализира во неколку светски земји, но и земји од соседството.
Секое утро започнува со почит кон националното знаме, со националната химна и почит кон знамето и химната на градинката. Потоа, децата се подготвуваат за активностите во зависност од временските услови, дали е сончево или врнежливо или има снег, вели Бојан Андонов
Оваа идеја за КАМП градинка беше избрана и како една од двете победнички идеи на натпреварот RISE на АРНО.
За Приказна,
Ване Маркоски