Родителството се учи. Често се среќаваме со оваа порака. Има многу вистина во неа. Се’ во животот се учи. Вклучително и родителството.
Секој од нас како родител, бил во најмалку една ситуација, кога се почувствувал виновен. Најголем дел од нас како родители, постојано се преиспитуваат, ги анализираат ситуациите и своите постапки. Препоставувам и вие сте се запрашале, што и колку направиле вашите родители за вас. Што ви покажувале и укажувале? Што се обидувале да изградат од вас? Кои грешки ги направиле во вашето детство, мислејќи дека ви прават добрина. И, да во тоа време, можеби тоа било најдоброто родителско решение. Не размислувајте дали тоа што го направиле е грешка. Сите ние како родители правиме избори. Да, и нашите родители го правеле тоа. Пред да одлучат, веројатно имале свои причини кои влијаеле на нивната одлука. И да, она што сите мора да го разбереме е дека и родителите грешат. Понекогаш повеќе, некогаш помалку.
Односот родител – дете почнува да се формира веднаш при самото зачнување на детето, иако некои истражувања покажуваат дека односот почнува да се гради и многу порано, односно тука станува збор за перцепцијата и убедувањето на родителот во однос на родителството, иако не може да се исклучи моментот дека кога ќе се роди детето, многу од тие ставови може да се сменат или моделираат. Затоа повеќе акцент не би ставила на тоа кога се создава односот, туку на тоа дека односот е нешто што е променливо, нешто коешто можеме уште денес да го смениме и да работиме на тоа. Немаме пречка којашто тоа може да спречи убав и хармоничен однос на родителите и децата, смета Христина Стефановска , психолог за деца и адолесценти.
Во суштина сите треба да го научиме, она што го сфатиле и нашите родители, дека процесот на растење е процес на учење од правилни и погрешни одлуки. Многу е важно да научиме да учиме брзо особено од грешките, за да не ги повториме во иднина. Во таа насока, како родители денес, мора понекогаш да дозволиме и грешки.
Дисциплината е нешто што е насочено кон тоа детето како да научи само да се контролира. Дисциплината значи дека родителите треба да планираат и однапред да предвидат некои работи. Во дисциплината се вклучени многу позитивни техники на позитивни пристапи на воспитување, односно тоа значи дека има многу наградување, многу пофалби – смета Фросина Ивановска – психотерапевт.
Затоа многу е важно на децата да им пренесеме порака, дека може да паднат. Не дека падот е убав туку затоа што падот е лекција како да станеш и како да внимаваш да не паднеш повторно. Паѓањето е само уште една лекција и за нас како родители, но и за нашите деца да научат каде е границата.
На родителите многу полесно им е да кажат „немој да го правиш тоа“, одошто да им укажат на децата што да прават. Ова е една од суштините на родителството, кога станува збор за помали дечиња, кога детето ќе тргне нешто да бара – родителот вели „не може“. Што и да е тоа што не може – сладолед, чоколадо или некоја скапа играчка. Нормално, на тоа детето почнува некако да реагира, можеби да плаче, смета психологот од Институт за брак, семејство и системска пракса, Вида Гаврилоска.
Не можеме децата да ги заштитиме од сите падови кои може да им се случат во животот. Но, може да им ја дадеме слободата самите да учат колку далеку може да одат.
Кога зборуваме за попустливо родителство, каде што емоционалноста на детето е на многу високо ниво и на родителите им е важно, некаде дел по дел тие почнуваат да го презаштитуваат детето со тоа што ќе пишуваат домашни задачи за него, ќе му бираат другарчиња, постепено сите одлуки во животот на детето ќе почнат тие да ги носат. На некој начин детето, неспецифично за неговата возраст, станува зависно од родителите и на еден начин наместо да ја градат самостојноста – тие сè повеќе ја намалуваат, до степен на инвалидитет, нефизички, меѓутоа ако дете во еден развоен стадиум на возраст од 10-11 години, не може самото да одлучи со кого ќе се дружи, нема да може да се справи ниту во социјалните релации со другарчињата, па тоа тато или мама ќе го прават за него. Тие и ќе учат за него. Детето на тој начин станува сè повеќе и повеќе зависно од родителите. Така што идејата да му се помогне, станува идеја да му се одмогне на своето дете, со тоа што самостојноста се одложува на некој начин, вели Вида Гаврилоска.
Ова секако не значи дека треба да им дозволиме се’, затоа што тоа не е систем на воспитување. Но, децата мора да ја почувствуваат онаа слобода која нашите родители ни ја дозволувале кога ние сме биле деца.
Она што секогаш важи, важи и сега за родителите, а тоа е приказната со позитивното внимание. Ако вие му дадете на детето позитивно внимание, тоа нема да посегне по однесување кое бара негативно внимание. И тогаш е сè во ред. Јас дури би им кажала дека е многу добро да направат една семејна рутина, особено кај помалите деца, па потоа да премине во навика кога секојдневно ќе се обидат да бидат присутни барем по десетина минути, меѓутоа со фокусирано внимание, кога детето ќе ја води активноста, а тие само ќе слушаат, без да влегуваат во збор, без да критикуваат – затоа што ние родителите критикуваме, не дослушуваме секогаш, сè со некоја идеја дека треба да ги преправиме, да ги прекроиме нашите деца. Тоа не. Ако ова го правиме секојдневно, мислам дека не треба да бидеме премногу загрижени, смета Елизабета Петровиќ, семеен и системски психотерапевт
Децата многу добро и многу брзо учат од игра. Она што може да им го дадеме на нашите деца покрај слободата е разговорот. Децата треба да ја добијат пораката дека се важни, за да овозможиме да порасне нивната самодоверба и сигурност. Затоа разговорот со вклучена поддршка е најважната поддршка која може да ја обезбедиме во тој систем на воспитни вредности.
Родителите постојано прават избори. Мерат, анализираат и одлучуваат. Во тој процес на одлучување, разговорот со деца е клучна алатка. Ние како родители мора да сфатиме дека едно е да му помогнеме на детето, а сосема друго е кога ние наместо детето, ја завршуваме задачата на детето. Децата мора да ја изградат својата самостојност, а тоа нема да се случи додека ние како родители тоа не го овозможиме.
„Има родители кои се претерано загрижени околу онлајн наставата, па влегуваат во улога на онлајн наставници, на соученици кои шепкаат, бројат грешки, „помагаат“ … Ова е погубно за детската самодоверба. Замислете под таков стрес, како може детето да биде мотивирано за работа, а исто и оние кои имаат самодоверба, немаат потреба од споредба, тие се споредуваат со себе, со својот успех вчера и денес, и си дозволуваат да грешат. Грешките се дел од животот“ укажува Елизабета Петровиќ.
За Приказна,
Бранка Чочковска
Ване Маркоски
Вики Чадиковска