Младата пливачка Миа Блажевска е една од најуспешните млади пливачи. Нашата најмладата олимпијка годинава, победи во својата квалификациска група на 100 метри слободно на Олимписките игри во Токио, но не се пласираше во полуфиналето и во конечниот поредок беше 40 во конкуренција на 52 пливачки. Миа реди успеси во кадетска, младинска и сениорска конкуренција. Досега има соборено над 50 национални рекорди во сите возрасти и има освоено преку 20 трофеи. Неслучајно, јавноста за неа вели дека е новиот бисер на македонскиот спорт.
Со пливање почнав од 4 години. Почнав случајно, за да научам да пливам, за кога ќе одам на одмор. Тоа беше предлог на татко ми. Со текот на времето почнав позериозно да се занимавам со пливањето и тогаш и моите родители сфатија дека може да биде нешто од мене и да станам подобра во тоа што го правам, па така и тие почнаа да се ангажираат околу пливањето и моите потреби, вели Миа за „Приказна“.
Миа Блажевска Еминова е најмладата олимпијка во историјата на Македонија.
Миа за желбата да се учествува на Олимпјада, за „Приказна“ зборуваше уште пред неколку месеци. Тогаш кажа дека поддршката од семејството е важна, но соработката и целите кои се поставуваат со еден тренер, како и дисциплината, пресудни се за успех во спортот, а токму ова се покажа како успешна формула.
Таа учествуваше на Летните олимписки игри во Токио, каде победи во својата квалификациска група на 100 метри слободно. Блажевска-Еминова делницата од 100 метри ја помина за време од 57.19 секунди што беше за шест стотинки послабо од нејзиниот најдобар личен резултат, но беше доволно за победа во нејзината квалификациска група.
Емисијата Приказна посветена на талендирани и надарени деца
Тренерот на Миа, Илија Стојановски откирва дека заедно работат неколку години: Точно соработуваме пет години. Почнавме во март 2016 година. Ние и претходно се познававме. Бевме во ист тим. Тренерот што до тогаш работеше со неа, замина од клубот и нејзините родители одлучија да продолжи кај мене, се надевам на нејзина и моја среќа. Во изминативе 5 години постигнавме одлични резултати и се надевам дека и понатаму ќе продолжиме така.
И Стојановски има настапено на преку 60 маратонски трки во пливање. Беше национален првак и рекордер во кадетска категорија во дисциплината 100 метри грбно. Играше и беше член на младинската ватерполо репрезентација. Стојановски внимателно ја насочува Миа во градењето на пливачките резултати.
Тренерот цело време ме советува. Во однос на исхраната ми кажува како да се хранам, а јас се трудам на секој начин да го применам тоа. Си легнувам порано, за да станам сабајле за утринските тренинзи, а и да бидам одморена. Знае да биде строг со мене, но тоа ми се допаѓа, бидејќи доколку грешам, тука е да ме исправи, додава Миа.
Тренираме девет пати неделно и трипати во теретана. Пливачките тренинзи, како и теретаната се имплементираат подоцна, пример во најраната возраст пливаат по три пати, па по четири пати и слично, односно секоја година се додава по еден тренинг за да се предизвика пливачот да има успех. Исто така почнавме со теретана изминатата година и тоа постепено, за да не се направи некое префорсирање, додава Илија.
Дисциплината, визијата, стратегијата, поддршката и соработка ги донесоа до Олимпијада. Нивните заеднички планови за понатака се големи. Им посакуваме среќа и будно ќе ги следиме нивните успеси.
За Приказна,
Ване Маркоски