5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Пејкова: Не дозволувајте употребата на петардите, да ви ги уништи празниците

Со цел спречување на повредите кои можат да настанат заради користење на петарди и пиротехнички средства Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија беше неколку години наназад во овој период од годината организира кампања. Со доц.д-р Софија Пејкова разговараме за последиците кои можат да настанат од употребата на пиротехнички средства.

Приказна Децата и родителите треба да сфатат дека петардите не се играчка. Кои се последиците и опасностите по нивното здравје?

Пејкова Повредите стекнати поради употреба на пиротехнички средства настануваат најмногу за време на новогодишните празници.

Понесени од еуфоријата на празничната атмосфера, од некои причини луѓето имаат потреба атмосферата да ја надополнат со користење на петарди и пиротехнички средства. Нивната експлозија дава спектар на различни бои придружени со силен звук. За да биде експлозијата што поголема, што погласна, по спектакуларна адолесцентите особено, прават импровизирани експлозивни направи користејќи повеќе петарди истовремено. Навистина експлозијата е појака но затоа и повредите се поекстензивни. За да настане експлозијата потребни се само неколку секунди а за жал последиците од повредите се трајни. Инвалидетот од овие повреди може да биде доживотен и да има последици на физичкото и психичкото здравје на пациентот.

Приказна Што велат бројките? Какви се статистиките од повредите предизвикани од употреба на петарди, особено кај деца?

Пејкова Со цел за спречување на повредите кои можат да настанат заради користење на петарди и пиротехнички средства Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија беше неколку години наназад во овој период од годината организира кампања. Пред почетокот на пандемијата кампањата беше спроведена преку едукативни предавања во основните училишта за последиците кои може да настанат при користење на петарди.

Пандемијата наметна поинакви правила, но и покрај тоа во пресрет на новогодишните празници продолживме да ја спроведуваме кампања преку телевизиските медиуми, интернет порталите за информирање како и социјалните платформи. Паралелно со оваа кампања се и активно истите на Министерството за внатрешни работи за спречување на користење на петарди. Така како резултат на овие активности бројката на примени во болница заради повреди од пиротехнички средства која во 2018 год беше двоцифрена, мината година се сведе само на неколку пациенти.

Приказна Купувањето непроверен огномет може да биде причина за сериозни повреди, особено неправилното користење. Кои се најчестите повреди кои може да настанат?

Пејкова Петардите и другите пиротехнички средства можат да предизвикаат различни типови на повреди при што секоја повреда е различна од другата и покрај истиот механизам на настанување.

Изгореници – се едни од најчестите повреди кои можат да бидат површни или длабоки и ги зафаќаат обично деловите од телото што не се покриени, т.е. шаките, лицето и вратот. Третманот на длабоките изгореници од е долготраен.

Слепило – Искрите кои ги создаваат пиротехничките средства може да предизвикаат привремено слепило. Од друга страна при самата експлозија на пиротехничко средство мали искри може да завршат во окото и да предизвикаат оштетување на анатомските структури или трајно слепило.

Во изминатите години сме биле сведоци на животозагрозувачки повреди настанати при експлозија на петарди. Од таа експлозија под притисок се добиваат сериозни повреди кои зафаќаат повеќе органски системи. Овие пациенти се здобиваат со изгореници од тежок степен, скршеници на коските, дефекти на кожата односно со екстензивни повреди.

Најтешките повреди настануваат всушност кога експлозијата на петардата настанува во дланката на повредениот. Експлозија од неколку секунди може да ги уништи структурите на дланката кои се од витална важност за нејзината функција. Затоа кај овој тип на повреди кај пациентите многу често се потребни повеќе реконструктивни оперативни интервенции, физикална терапија, долги болнички лекувања.

Шаката претставува совршен механизам и само ние луѓето имаме привилегија да ја користиме. Таа е составена од комплексни коскени, лигаментарни, невроваскуларни структури кои хармонизирано функционираат и ни овозможуваат да ги извршуваме секојдневните активност.

Шаката е огледало на нашиот мозок. Со неа создаваме, комуницираме, се изразуваме. Таа не прави да бидеме најсовршениот вид во скалилото на еволуцијата и затоа треба да ја чуваме и почитуваме нејзината вредност.

Приказна Петардите не се само опасност за децата, возрасните, туку и за животните. Колку сме свесни за овој податок?

Пејкова Високофреквентните, интермитентни звуци, имаат поголема веројатност да предизвикаат вознемиреност кај животните, наспроти нискофреквентените, континуирани звуци. Животните се премногу чувствителни на звуците од експлозија и реагираат со страв и вознемиреност. Исто така ако се во близина на местото на експлозија од пиротехнички средства и тие може да се здобијат со повреди.

Приказна Точно ли е дека пиротехниката го загадува воздухот и водата?

Пејкова Огнометот создава токсична магла од фини честички, отровни аеросоли и тешки метали во воздухот а, со тоа директно има негативно влијание врз животната средина. Огнометите предизвикуваат големо загадување на воздухот за многу кратко време. Убавите бои на огнометот кои ги гледаме на небото потекнуваат од различни хемиски соединенија. Кога огнометот ќе заврши, металните соли и експлозиви се подложни на хемиска реакција што ослободува чад и гасови во воздухот.

Приказна Како да ја зголемиме свесноста и да придонесеме да не се користат петардите?

Пејкова Честитајте ги празниците со честитка, а не со петарда!

Почитувајте ја совршеноста на нашата рака.

Паузирајте за момент: врзете ги врвките од чевлите полека и намерно и гледајте ја оваа поезија во движење. Потоа, запрашајте се како е можно да извршувате толку комплицирана активност секој ден – лесно, брзо и без размислување.

Одговорот: неверојатната човечка рака.

Раката е огледало на нашиот мозок, раката не прави да бидеме најсовршениот вид во скалилото на еволуцијата и затоа треба да ја чуваме и негуваме нејзината вредност.

Среќни и безбедни новогодишни празници!

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ