5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Панел дискусија по повод 11 февруари – Меѓународниот ден на жените и девојките во науката: жените сè уште се недоволно вклучени во науката

По повод 11 февруари – Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, на иницијатива на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, се одржа панел-дискусија за улогата, застапеноста и видливоста на жените во науката, како и предизвиците со кои се соочуваат.

На дискусијата учествуваа жени научнички од земјава меѓу кои и асистентките Марија Прошева, Ива Димитриевска, Деспина Костадинова и магистрант Ема Стојчевска. Свои излагања имаа професорките Јана Клопчевска, Јадранка Блажевска – Гилев и Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет, Марина Стефова од Институтот за хемија на Природно – математички факултет и Ариета Алиу, стручен наставник во тетовскиот училиштен медицински центар „Никола Штејн“.

Елизабета Ѓоргиевска истакна дека родовата еднаквост и дисбалансот се сè уште предизвик во однос на целосен и еднаков пристап на жените и девојките до науката и учеството во неа.

„Жените обично добиваат помали грантови за истражување во споредба со нивните машки колеги. Иако тие претставуваат 33.3% од сите истражувачи, само 12% од членовите во националните научни академии се жени. Жените сè уште сочинуваат мал процент од дипломирани инженери, и честопати имаат пократки и помалку платени кариери и нивната работа е недоволно застапена во научните списанија“, посочи Ѓоргиевска. Таа додаде дека постигнувањето на глобалната родова еднаквост и развојот во науката се два клучни аспекти на меѓународните цели за одржлив развој до 2030 година.

Меѓународниот ден на жените и девојките во науката годинава се одбележува под мотото „Еднаквост, разновидност и инклузија: водата нè обединува“ и во таа насока на панелот се дискутираше за влијанието на науката во справување со климатските промени, од аспект на зачувување на водните ресурси и обезбедување пристап до чиста и безбедна вода, со цел заштита и спречување на болести.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ