Технологијата верувам дека е солуција за многу проблеми. Но, клучно е да се има визија, стратегија, конкретен план, да ги имате правилните луѓе, лидерство и да се стави во пракса, за навистина да се искористи моќта и да се решаваат овие проблеми со кои се соочуваме, вели во интервју за Приказна, Нина Ангеловска, поранешна министерка за финансии, основач на Grouper.mk и претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Приказна Дали дигитализацијата може да се изедначи со дигиталната трансформација?
Нина: Како што и самото име кажува да се трансформира нешто, значи да се направи значајна промена во начинот на функционирање на нештата, на изгледот и природата, така да дефинитивно дигитализацијата не може да се изедначи дигиталната трансформација. Едноставно имплементирање на некоја дигитална алатка само по себе не претставува никаква трансформација.
Дигитална трансформација мора да е проследена со организациска промена, промена во културата, промена која ќе поттикне иновација, нови процеси, нови модели и всушност ќе ги даде ефектите, ќе ја вклучиме моќта којашто ја носи дигиталната трансформација ако е правилно применета.
Практично, на пример имплементирање или отворање на една е-продавница, сама по себе не претставува дигитална трансформација. Ако имате тим кој рачно ги презема нарачките и не е поврзан со нивниот систем, или не е проследено со нивната организациска промена и култура, која е визијата и стратегијата која ние сакаме да ја постигнеме, ова секако не претставува дигитална трансформација.
Секако мора да се тргне од некаде, меѓутоа мора да се има стратешки пристап, правилно лидерство, да се поттикнат организациски промени, правилни луѓе на правилни места, за да може да зборуваме и од аспект на компании, на организации и на држави, за трансформација со употреба на дигиталните технологии.
Дали дигиталната трансформација може да се примени за подобро функционирање на градовите, државата?
Нина: Секако, всушност еден од главните корист на дигиталната трансформација е зголемената продуктивност. Ургентно ни е потребна зголемена продуктивност, и на бизнисите за да остварат подобри резултати, раст и профит, за да имаат позадоволни клиенти, поефикасни процеси. Но, и на државите и градовите потребна им е зголемена продуктивност на населението и граѓаните, со што ќе го подобрат квалитетот на живот и благосостојбата. Значи зборуваме за дигитална трансформација и потребата како од најниско ниво па нагоре во компаниите, така и во градовите, државите итн.
Смарт градовите или општествата се способни да ја искористат технологијата и моќта на технологијата за да го подобрат живот на граѓаните, да ја зголемат продуктивноста внатре и надвор, да понудат дигитални услуги и решенија, и да го олеснат животот на граѓаните.
На пример, Естонија која е пример за дигитална нација и држава, уште во 1991 година започнува со својата визија за дигитално општество и паметна општество. Над 99% од услугите кои државата и градот ги нуди на граѓаните можат да се направат дигитално. Што значи дигитална трансформација, еден пример за таква иновација поттикната на ниво на држава, е дигиталниот идентитет којшто го издаваат на граѓани кои се препознаени како дигитални граѓани и уживаат посебни бенефиции.
Друг пример, којшто имав прилика да го видам пред неколку години на една програма во Америка. Имав прилика да видам како работи градот Чикаго, односно што може да се направи со технологијата кога е правилно поставена и со правилен пристап. Кога податоците не само што се собираат туку се користат за носење на паметни одлуки, коишто ќе го подобрат животот или ќе придонесат за подобри услуги.
На пример, велосипедите кои ги нуди градот Чикаго имаат во себе вградени уреди кои ги мерат вибрациите на патиштата каде што се движат, и воедно ги следат патеките каде се движат, односно дали се движат по велосипедски патеки или не. И кога се решава кои патишта треба први да се реконструираат, се користат овие податоци. Врз база на вибрациите се одлучува кои ќе бидат приоритет, а од друга страна, ако граѓаните многу често се движат на места каде нема велосипедски патеки, да изградат таму патеки.
Ова е само еден пример, ние сме може малку далеку од оваа употреба на новите технологии, но сметам дека мора да почнеме што побрзо, да прогресираме и да се движиме што побрзо во имплементација на различни решенија и трансформирање со технологија.
Ние не сме голема држава и би требало да сме флексибилни во промената и имплементацијата на нови работи, меѓутоа мислам дека она што е потребно е да имаме унифицирана визија каде сакаме да биде државата.
Кога ќе ги прашате сите претставници на Владата и пошироко, на бизнис секторот, коморите: Која е визијата на Македонија? Каде ќе бидеме за 5,10, 20 години? Сите треба да ви го дадат истиот одговор, пред сè за да можеме да почнеме, а има многу примери од кои може да учиме. Естонија е еден пример за дигитализација на владини услуги и сè она што се нуди за олеснување на животот на граѓаните со технологија.
Финска е добар пример за најдобро образование. Тоа е клучот дека ние мора да бидеме брзи, адаптабилни, да може да применуваме најдобри практики и стратегии, да ги носиме и да ги имплементираме тука, бидејќи стратегијата сама по себе не е доволна, ако нема силна имплементација. За силна имплементација треба напорна работа, дисциплина, капацитети.
Приказна Пандемијата ги натера компаниите забрзано да размислуваат за дигитална технологија. Каква е состојбата во нашата земја 2 год. после ковид пандемијата?
Нина: Пандемијата предизвика промени во многу сфери, начинот на кој купуваме, на кој функционираме, плаќаме сметки, поттикна компаниите да имплементираат нови работи, кои доколку не била пандемијата немало да ги имплементираат. Всушност се покажа дека оние коишто беа најподготвени или оние кои беа најадаптибилни беа оние кои на некој начин кризата, ја претворија во можност и ја искористија. Некои успеаја дури и да остварат раст во своите компании, други успеаја да компензираат за падот на физички локации и целокупно тоа предизвика промени во навиките во граѓаните.
Ние имавме и едно истражување кое го правевме за влијанието на ковид врз е – трговијата. Тоа точно покажува дека над 20% од граѓаните, прв пат поради ковид почнале да ги плаќаат своите сметки онлајн или дека почнале да користат владини услуги.
Значи, пандемијата ги натера компаниите да се адаптираат но и граѓаните да стекнат нови дигитални вештини. Секако дека клучно е компанијата да се трансформира во компанија која постојано ќе се трансформира, затоа што трансформацијата нема крајна дестинација. Тоа е процес кој трае и ќе трае. Постојано излегуваат нови работи, постојано има потреба од нови организациски промени и нови начини на размислување кои ја прават една компанија поадаптибилна, посилна да се справи и да оствари раст и прогрес.
Приказна Во кои области е неопходна дигиталната трансформација?
Нина: Во сите сфери и области, насекаде. Технологијата и дигиталната трансформација може да реши бројни проблеми, како на општеството така и во компаниите. Како што споменав во компаниите значи зголемена продуктивност, ефикасност, подобри услуги за клиентите, а од аспект на државата може да реши проблеми како што е на пример, поголеми можности и права, да придонесе за родова еднаквост, да реши проблеми како корупцијата.
Технологијата верувам дека е солуција за многу проблеми. Но, клучна е да се има визија, стратегија, конкретен план, да ги имате правилните луѓе, лидерство и да се стави сето тоа во пракса, за навистина да се искористи моќта и да се решаваат овие проблеми со кои се соочуваме.
Би сакала да потенцирам дека промената е тешка, тешко е да ги промениме навиките, од друга страна реформите и дигиталната трансформација се тешки за компаниите. Затоа и не е чудо што има многу страв од промени и резистенции.
Мора да работиме многу на едукација, како на населението така и на компаниите, и компаниите да се приклучат преку понудата на нови софистицирани решенија. Кога еднаш ќе го искористите тоа решение, ќе речете ова било лесно и ќе продолжите да го користите. Сите заедно мора да туркаме кон промени, и да сфатиме дека добрите работи најчесто во животот не се лесни. Така е и со дигиталната трансформација.
Приказна Во споредба со земјите од западен Балкан дали дигиталната трансформација заостанува или имаме напредок во некој аспект?
Нина: Погледнав неколку клучни показатели коишто даваат некоја слика за дигиталните вештини и подготвеност на земјите. Ако ги споредиме земјите од Западен Балкан, се гледа речиси истиот модел кај сите показатели. Зборувам за показателот за мрежна подготвеност кој дава слика за тоа колку една земја е подготвена да ги капитализира и искористи можностите од дигиталната трансформација и технологиите за раст на економијата. Тој показател е доста сложен, вклучува многу параметри.
Ако го погледнеме нивото на дигитални вештини кај сите земји од западен Балкан, и подлабоко во конкретни показатели кои се составен дел од дигиталните вештини, се забележува истиот модел. Она што можеби е различно, е тоа што Црна Гора и Србија, на овие показатели отскокнуваат како поподготвени и подобри, за разлика од другите земји. Меѓутоа, главно сите земји од регионот се на крајот на графиците, што значи дека кризата забрза многу процеси, ја забрза дигитализацијата, но секогаш прашањето е споредено со кого и како се движиме. Не само да ја споредиме нашата земја со претходните години, туку да е споредена со земјите во регионот, па и со Европа. Ако така споредиме, ние бавно се движиме. Значи потребно ни е ургентно забрзување на растот и прогресот.
На пример, Македонија пред 2 години беше прва во користење на социјални медиуми, сега тоа место и припадна на Албанија. Целиот регион е многу присутен. Граѓаните користат социјални медиуми. Добро се поврзани на интернет и знаат да ги користат тие алатки. А кога станува збор за алатки кои се составен дел на овој индекс на дигитални вештини, како на пример користење на „Word“ или колку проценти од населението направиле пренос на одреден фајл од еден во друг фолдер, тука сме навистина многу нискорангирани. Ако просекот во Европа е 56%, во Македонија е 27%, Црна Гора 70%, Србија 60%.
Приказна Имаме ли национална стратегија за дигитална трансформација и колку тоа е важно?
Нина: Национална стратегија за дигитална трансформација, како таков документ, колку што сум информирана нема, но има национална стратегија за ИКТ која во себе содржи и дигитална трансформација. Меѓутоа, тука можеби поважно прашање е колку се имплементира, не е само на хартија да ја имаме стратегијата.
Ако не е проследена со акциски план и реализација, ќе остане само стратегија, или како што се вели во бизнисот идеја без реализација е ништо. Она што е важно е дали имаме унифицирана визија за каде ја гледаме државата за 5, 10, 15, 20 години. Во последно време актуелен е еден нов документ кој верувам дека се изработува, најавен беше од Владата. Тоа е национална развојна стратегија за 20 години, односно 2021-2041, во која треба да се даде визијата каде ќе биде, односно каде треба да биде Македонија за 20 години од сега.
Останува да ја видиме имплементацијата, да видиме дали сите ќе ја имаме таа унифицирана верзија, бидејќи треба тој документ да претставува водилка и натпартиска програма, со којашто кого и да прашате каде ќе биде Македонија, ќе ви го даде истиот одговор. Мислам дека стратегиите се потребни, но и визија е потребна, како и правилното лидерство. Меѓутоа без проследена квалитетна имплементација, силна реализација и следење ќе останат само на хартија.
Автор Ване Маркоски