-1.2 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

Наумче Мојсоски: Ние сме спортска нација и сакаме победи

Нас како нација повеќе нè возбудува екипниот спорт. Лани беше најуспешна година во спортот од нашето осамостојување. Фудбалската репрезентација првпат беше на едно големо натпреварување, ракометната и кошаркарската репрезентација стандардно имаат настапи на Европско или Светско првенство, одбојката држи големи натпреварувања, имавме медалист од Олимпијада, имавме постигнувања во карате, борење, кикбокс … Се надевам дека тој тренд ќе продолжи. Имаме смена на генерации, се гледа тоа и во ракометот, и во кошарката, и во фудбалот. Во индивидуалните спортови се надевам дека ќе продолжат напред, а во тимските спортови исто така и да не направиме некој застој во промена на генерациите, вели во интервју за Приказна, Наумче Мојсоски – директор на Агенција за млади и спорт.

Дали Агенцијата за млади и спорт има стратегија за талентираните деца?

Наумче Мојсоски Дефинитивно Агенцијата има стратегија. Во спортот 500 спортисти талентирани деца се стипендисти од различен спорт.

Кај нас во Македонија има 60 федерации кои гравитираат во дејноста спорт. Тие во јуни предлагаат талентирани деца, кои се членови на нивните федерации, да ги стимулира државата со десетмесечен надомест во износ од 5600 денари месечно. Ние како агенција не можеме да ги знаеме сите талентирани деца, туку федерацијата прави избор, го праќа до нас, а ние со внатрешна и надворешна комисија ги проверуваме и од септември ги потпомагаме. Даваме и награди и стипендии, зависи од успехот. Може да земаат и двегодишни и четиригодишни награди за успех на натпреварување признаено од европската и светската федерација. На тој начин на младите им даваме поттик да се вложуваат во спортот, а тоа е успех и за државава.

На кој начин им овозможувате подобри услови за тренинзи на децата спортисти?

Наумче Мојсоски Спортските објекти се на општините. Ние градиме објекти и по закон во рок од седум дена ги предаваме на општината. Склучуваме договори и наложуваме објектите да ги користат матичните клубови во општината и училиштата. Салата мора да биде во функција на децата. Имаме и побарувања за реновирање на салите. Сме правеле реконструкции низ цела држава. Сакаме да направиме увид на салите, да направиме селекција, со тие сали што се од национален интерес да стопанисува државата, а со останатите општините.

На кој начин ја правите селекцијата за стимулирање на млади спортисти?

Наумче Мојсоски Пред сè селекцијата ја прави матичната федерација. Ние ги проверуваме резултатите кои ни ги доставуваат и потоа одлучуваме. Тој е критериумот. Федерацијата носи одлука кое дете треба да добие стипендија.

Што се случи со младинската картичка?

Наумче Мојсоски Младинската картичка зема замав. Членка сме на европската картичка. Оттаму ни испратија кодови. Ние сакаме да направиме да биде апликација, да си ја имаат во телефон за да не мора да ја носат со себе. Таква е и насоката од Европската асоцијација за младинско учество. Ние испративме кои фирми-членки кај нас може да даваат 10%, 15%, 20% попуст. Се јавуваат уште фирми да помогнат.

Се надевам дека од Европа ќе стигне брзо, веќе има во Стразбур состанок за младински политики во текот на март. Електронската верзија на картичките ќе биде признаена од нивна страна. За да можат нашите деца да ја користат во странство, а и странците да може да ја користат кај нас. Да биде тоа вмрежување. Имавме средба и со министерката за култура да ги ставиме и културните знаменитости во понудата на младинската картичка и да имаат поголема посетеност.

Документарен магазин Приказна

Затоа што сте човек од спортот, би сакала да ни кажете што мислите дека ќе се случува со спортот во Македонија следните десет години. Која е Вашата визија?

Наумче Мојсоски Нас како нација повеќе нè возбудува екипниот спорт. Лани беше најуспешна година во спортот од нашето осамостојување. Фудбалската репрезентација првпат беше на едно големо натпреварување, ракометната и кошаркарската репрезентација стандардно имаат настапи на Европско или Светско првенство, одбојката држи големи натпреварувања, имавме медалист од Олимпијада, имавме постигнувања во карате, борење, кикбокс …

Се надевам дека тој тренд ќе продолжи. Имаме смена на генерации, се гледа тоа и во ракометот, и во кошарката, и во фудбалот.

Во индивидуалните спортови се надевам дека ќе продолжат напред, а во тимските спортови исто така и да не направиме некој застој во промена на генерациите.

Како што сега се вложува во спортот, не се вложувало никогаш. Државата издвојува средства по основ на ваучер, по основ на програми на федерациите, се надевам дека ќе го држиме тој континуитет. Ние сме спортска нација. Наше е да вложуваме и да помагаме. А, спортистите само да тренираат. Што помалку да се мешаат родителите, тоа е работа на тренерите и на селекторите. Би требало да имаме успех. Мала држава сме, но покажавме дека можеме да победуваме поголеми држави. Сакаме спорт и се надевам дека ќе одиме во нагорна линија.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,755FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ