23.8 C
Skopje
Sunday, September 8, 2024
spot_img

М-р Тина Васков: Деменција, епидемија на денешницата

Ова е болест која трае со години. Не е болест која оддеднаш ќе се појави и ќе ни земе член на семејството. Многу е важно навреме да се дијагностицира, да се почне на време со терапија, луѓето да се адаптираат како човекот кој има деменција, така и семејството. Секогаш мора да мислиме и на семејството затоа што за жал се даваат бројки дека лицата кои се грижат постојано за лице кое има деменција страдаат од анксиозност, депресија, несоница, многу поголем е ризикот за телесни заболувања, па токму од тој аспект секогаш треба да водиме сметка и за членовите на семејството коишто не само што пружаат 24 часовна грижа, едноставно и нивните потреби тешко може да ги задоволат. Затоа се важни тие дневни центри, каде лицето со деменција ќе ја добие сета своја потребна стручна помош, а семејството ќе може да има време за себе и за своите потреби, вели во интервју за Приказна, м-р Тина Васков од Центарот за невропсихологија, психотерапија и за психодијагностика, Когниција

Што е деменцијата?

Тина Васков Деменција не е единствен ентитет, подразбира збир на симптоми, но во основа станува збор за прогресивно пропаѓање на когнитивните способности коишто не е дел од нормално физиолошко стареење, туку последица на некој процес што се случува во централниот нервен систем.

Што може да ја предизвика деменцијата?

Тина Васков Повеќе чинители. Вообичаено кога ќе кажеме деменција мислиме на Алцхајмерова болест којашто е 2/3 од сите деменција отпаѓа на Алцхајмерова болест. Станува збор за дегенеративна кортикални промена. Причини можат да бидат од дегенеративна природа, Алцхајмер, фронтотемпорална деменција, паркинсонова болест, меѓутоа може да има и други етимологии. Една од почестите е васкуларна етиологија, промени во когнитивните функции и промени во поведение предизвикани од последица, на пример на мозочни инфаркти ако станува збор за поголеми крвни садови, меѓутоа и помалите крвни садови доколку имаме повеќегодишен проблем со хипертензија, дијабет, може да доведат до промени во мозочното ткиво а тоа понатаму да доведе до нарушување на мозочните функции. Исто така причини можат да бидат од метаболистичка природа, можат да бидат од инфективна природа, од недостаток на Б12.

Деменција може да биде предизвикана и од различни тумори. Етиологијата е широка. Деменцијата ја разликуваме и според локализацијата на промените. Таа може да биде кортикални кога се зафатени горните структури, сивата маса и субкортикална кога се зафатени структурите под сивата маса. Оваа поделба можеби на почетокот додека не е напредната болеста може да кажеме кортикални или субкортикална, но кога ќе напредне болеста таа се шири и ги зафаќа сите структури. Лечиви и нелечиви деменција може да биде другата поделба. На пример со надоместување на витаминот Б12 може да дојде до повлекување на деменцијата или ако е од инфективна етиологија со средување ан основното заболување се повлекува и клиничката слика на деменција. За жал, тоа се помали примери. Вообичаено кога зборуваме за деменција мислиме на кортикално наративна етиологија од која за жал нема враќање.

Кои се симптомите за да се препознае дека се случува деменција?

Тина Васков Ќе набројам симптоми кои се однесуваат на дегенеративната етиологија бидејќи групата е широка и не би можела да зборувам за сите. Би сакала да ги истакнам следните симптоми: вообичаено почнува со тешкотии во помнење и тоа помнење има различни видови, кога станува збор за дегенеративна етиологија вообичаено станува збор за способноста за помнење на ново научени содржини, на пример нема да знаат дали вчера се напиле лек, а ќе се сетат како биле облечени во прво одделение на приредба. Ако забележат тешкотии со нови учења, каде ги оставив клучевите, каде го оставив паричникот, ако забележат тешкотии со именување, односно забележат како да им недостасуваат зборови, како речникот им се намалува се почесто, ќе почнат мисла и ќе ја завршат со т.н. стереотипи или ќе забележат тешкотии со манипулирање на пари, водење на финансии. Некои од почетните симптоми може да се случи во непознат простор, на пример го паркираат автомобилот во гаража и не можат потоа да се снајдат.

Ние пациентите ретко ги добиваме во таа фаза. Најчесто кога болеста ќе напредне. Сакам да ја искористам приликата, да апелирам, свесноста се менува. Се повеќе семејствата стануваат свесни што значи когнитивно пропаѓање и почнуваат да реагираат порано отколку што тоа било порано. Ние зборуваме за деменција, но пред да случи деменција има една состојба која е меѓу нормално физиолошко стареење и деменција и се вика умерено когнитивно оштетување. Всушност, ако тогаш дојдат пациентите тоа е најдобрата варијанта, бидејќи имаме најмногу можност да им помогнеме. Во тој стадиум се случува страдање на една функција, меѓутоа квалитетот на секојдневното живеење не е засегнат. Лицето е функционално, оди на работа, ги извршува вообичаените активности, но забележува тешкотии во помнење. Тоа го загрижува и реагира на тоа. Еден добар процент од овие лица на годишно ниво ќе премине од умерено когнитивно страдање ќе се развие клиничка слика на деменција. Ако доминирале проблеми во помнење најчесто таа слика потоа се развива Алцхајмерова болест. Секој кој чувствува каков било дискретен проблем, сметам дека треба да побара стручна помош.

Тина Васков во Приказна

Како да се справат семејствата кои се соочуваат со членови кои имаат деменција?

Тина Васков Тоа е предизвик за лицето кое страда и за семејството. Деменцијата го засега целото семејство, пошироката околина. Јас на пациентите кога ќе дојдат им давам едни мали карти, тоа е мала но клучна работа. Ги советувам да ги носат како приврзок за клучеви. На таа картичка е запишано име, телефон за контакт, пишува јас се викам … имам проблем со помнење, ве молам помогнете ми да стигнам на таа и таа адреса. Ова е важно затоа што лице кое страда од деменција и без тоа има проблем со помнење, конфузни се, дезориентирани, кога ќе се изгубат се исплашени, вознемирени, па и тоа малку знаење што го имаат ако некој ги сретне нема да го знаат.

Има и други алатки кои евентуално можат да потпомогнат тоа е навечер да се грижиме вратата да е заклучена, ако лицето има тенденција да излегува, тогаш го вадиме клучот, вообичаено не ги оставаме сами дома. Идејата е претходно да се побара стручна помош. Во одредени ситуации има потреба од континуиран надзор, но не секое семејство може тоа да го обезбеди и тогаш се доаѓа до точка кога помислуваме на сместување во центрите за згрижување за стари лица.

Тоа не е единствен проблем со кој се соочуваат семејствата. Овие лица имаат тешкотии да им обезбедат достоинствено стареење бидејќи покрај проблем со помнење имаат проблем со говор. Говорот осиромашува, отежнато ги изговараат своите потреби. Многу често се повторуваат, семејството многу пати. Некогаш тоа се 10-15 години, губат трпение. Тоа е тивок континуиран стрес. Стануваат нервозни, избувливи, се компромитираат, доколку не се во можност да обезбедат нега од друго лице, често еден член од семејството е 24/7 задолжен за овие лица, така што страда квалитетот на живеење не само на болниот туку и на околината. Може да имаат халуцинации, да станат агресивни, ноќе се будат и остануваат без спиење, во тие ситуации се препорачува да се држат будни во денот колку може повеќе, за да ја користат ноќта за спиење. Ако ги оставиме преку ден да спијат, ноќе не можат да ги легнат во кревет.

Дали деменцијата ги погодува повеќе жените или мажите?

Тина Васков Кога зборуваме за Алцхајмерова болест а и генерално, деменцијата повеќе ги засега жените. Долго се веруваше дека тоа е така затоа што жените имаат подолг животен век. Од новите студии се вели дека веројатно станува збор за естроген, се поврзува со функцијата на овој хормон, но немаме 100% поврзаност.

Документарен магазин Приказна

Колку се свесни да донесуваат одлуки, како во тој случај да се реагира во смисла на некакви однесувања кои можат да бидат злоупотребени, изманипулирани? Како е решена регулативата кај нас?

Тина Васков Јас иако сум психолог, некако околностите се такви да честопати знам да отворам закон и да прочитам за оваа проблематика. За жал, луѓето кои страдаат од деменција како напредува болеста, така нивните потенцијали за расудување стануваат се засегнати и оштетени. Доаѓаат до точка каде не можат да донесуваат исправни одлуки за себе, неопходна им е одговорност, континуиран надзор.

Кога на лицето со деменција ќе се постави дијагноза Алцхајмерова или некоја од другите видови деменција, тогаш веќе нашите закони предвидуваат дека може да се одземе деловната способност. Уште додека е почетен стадиум додека симптомите не се напреднати и лицето може само да процени, да донесе одлука, не е засегнат ракописот, може да се потпишат, говорно јазичните функции се релативно сочувани, па може да се изразат, во таа фаза препорачуваме да се донесат легално правни одлуки или незавршени работи. Се почесто препорачувам самите да донесат одлука, дали сакаат да живеат во домашни услови, кој да се грижи за нив, дали сакаат во институција, сами да одлучат каде сакаат да ги поминат деновите и годините од своето живеење.

Дали деменцијата се лекува и постојат ли препораки за здраво живеење или нешто што би можело да влијае на стадиумите на деменција?

Тина Васков За ова за кое зборуваме, дегенеративната деменција, лекувањето се состои во делумно подобрување на клиничката слика и во одложување на пропаѓањето. Прогресивните деменција во основа нема лек кој ќе ја излечи деменцијата, меѓутоа лековите помагаат многу, бидејќи не е сеедно дали лицето ќе биде самостојно уште еден месец, или уште 6 месеци или една година. Лекувањето, кога ќе дојде до понапреден стадиум се состои од медикаментозна терапија.

Оној што го препорачуваме е т.н.когнитивен тренинг. Ние работиме и едукација на колеги за когнитивен тренинг. Во исто време се препорачува да користат физичка активност, таа да биде составен дел од секојдневното живеење, им даваме препораки во домашни услови доколку не е напредната болеста и се во можност да го прават тоа да решаваат судоку, да играат шах, да комуницираат, да се изложени на социјална интеракција, физичка активност како пешачење, најмногу може да се направи доколку се појават на почеток или во стадиум на лесно когнитивно нарушување.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,630FansLike
3,305FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ