Во домот на алкохоличарот, сите се жртви и губитници. Децата најчесто се сведоци на физички, вербални трауми и тортури. Жените не треба да останат во семејството заради децата. Откако се обиделе да му помогнат на алкохоличарот, ги исцрпиле сите ресурси, ако нема придвижување напред, жртвата не треба да остане во таква нездрава средина. Процесот на лекување алкохолизам е многу долг, вели во интревју за Приказна, м-р психолог психотерапевт Розалија Секуловска, од „Разговори.мк“.
Како се одвиваат сеансите, што ги советувате за почеток луѓето кои се лекуваат од алкохолизам?
Розалија Секуловска-Според моето искуство кога доаѓаат клиентите од оваа проблематика, најчесто доаѓаат заради некој сосема друг проблем од областа на менталното здравје: проблем на работа, во бракот, или личен проблем. Значи доаѓаат поради некој сосема друг проблем и при работата полека откриваме дека всушност имаат проблем со алкохолот. Кога ќе констатирам дека имаат проблем со алкохолот, некои од клиентите не го прифаќаат тоа како проблем. Тогаш работиме на освестување дека станува збор за алкохолизам, дека е болест.
Кога ќе сфати клиентот дека на тој начин си наштетува себеси. Понатаму продолжуваме да работиме на самиот проблем алкохолизам, а не за она за коешто првично дошол клиентот. Процесот е многу тежок и долг и честопати постои тенденција клиентот да се врати назад кон алкохолизмот. Затоа велиме дека тоа е долготраен и тежок процес и за клиентот и за неговото семејство. Меѓутоа, потребно е упорност, контрола, поддршка од сите страни.
Што претставува алкохолизмот?
Розалија Секуловска-Алкохолизмот спаѓа во групата зависности т.е. болести на зависност. Тука се и анорексија, булимија, наркоманијата, хазардните игри т.е. коцкањето, гејмингот (играњето игри). Алкохолизмот е комплексна болест на зависност. Алкохоличарот најчесто има длабоко несвесно незадоволена потреба, а не е свесен за тоа. При самата психотерапија ја откриваме која е таа базична емоционална потреба што не е задоволена и решаваме да се задоволи на соодветен начин. Зависникот ја задоволува незадоволената потреба на нездрав начин со дразба која не ја задоволува потребата.
Најчесто ако не е задоволена потребата за љубов, за базична сигурност, за самоактуализација, не се задоволува со алкохол, туку на некаков друг начин. Човекот оди до потребата со алкохолот, се одбива, а потребата е незадоволена. И повторно оди кон алкохолот и се враќа назад. Сето тоа е циркуларно, сè додека не се случи нешто за да престане. Тоа е сложен, комплексен поим, треба да се гледа и да се работи мултидисциплинарно.
Постои ли таргет-група, кој општествен слој е посклон кон алкохолизам?
Розалија Секуловска – Во Македонија не постојат многу истражувања кои навистина би ни биле потребни на сите стручни лица. Постојат истражувања во други земји, меѓутоа во глобала може да се каже дека алкохолизмот не ги напаѓа или не е карактеристичен за некој слој или пол. Алкохолизмот како зависност го има и кај мажите и кај жените, го има во сите старосни групи од зрелост, па натаму и го има во сите економски слоеви. Луѓето знаат да кажат дека го има најмногу кај пониската социјална класа, меѓутоа би рекла дека високата класа знае успешно да го крие тој проблем. На зависникот не му треба друштво да пие, туку најчесто пие и сам.
Кои се причините, а кои последиците од алкохолот?
Розалија Секуловска-Кога се испитувани причините откриена е генетска биолошка предиспозиција за да биде некој зависник од алкохол. Тоа е некаде 40 до 50%, што значи дека може и не мора да значи дека следното поколение ќе има проблем со алкохолизмот. Но, веројатноста да биде е доста голема. Од друга страна постојат средински фактори т.е. животни околности кои се случуваат. Тоа се поттик фактори: криза во животот, загуба или успех, можеби и траума. Самата личност кога ќе го доживее тоа, нема капацитет да се носи со тоа што се случува.
Некој оди во алкохолизам, некој во други пороци, но и во панични напади, во зависност од тоа какво е неговото ткаење. По Фројдовската теорија алкохоличарите се оралци. Тоа е орална фиксација, нешто се случило во оралниот развој. Најчесто имаат орална агресија (искажуваат агресивни зборови).
За да кажеме дека некој е алкохоличар, треба често да пие, како поминува времето алкохоличарот може од една чашка да се опие, значи прагот на толеранција на алкохол се намалува, не може да има контрола врз пиењето, не може да апстинира, тоа значи дека мора да внесе барем мало количество алкохол, па дури и да се долева. Има намалена толеранција на фрустрација и најчесто има алкохолични напади и има љубомора. Често без причина љубоморни се на сопругата, сопругот, мислат дека некој нешто им прави, им подметнува, нешто им се случува зад грб, па дури и халуцинираат. Тоа се типични елементи на алкохолизмот.
Последиците се многу големи, прво за самата личност, во однос на здравјето особено патат од цироза, имаат нарушен сон, нарушена исхрана. Од психолошки аспект имаат намалена концентрација, намалена работоспособност, раздразливост, нетолеранција, повлекување, самоизолација, ако е родител прашање е колку е функционален. Последиците за себе, за тие околу него и за работната средина, доколку успее да ја задржи работата, се многу големи.
Каква е семејната атмосфера кога има алкохоличар во домот? Дали семејството, посебно децата се жртви и на кој начин може да помогне?
Розалија Секуловска-Во тој систем сите се жртви и губитници. Децата најчесто се сведоци на физички, вербални трауми и тортури. Жените не треба да останат во семејството заради децата. Откако се обиделе да му помогнат на алкохоличарот, ги исцрпиле сите ресурси, ако нема придвижување напред, жртвата не треба да остане во таква нездрава средина. Процесот на лекување алкохолизам е многу долг.
Потребно е препознавање, прифаќање дека станува збор за зависност, чистење на организмот т.е. детоксикација, стручен тим кој ќе работи мултидисциплинарно (нутриционист, медицинар, психијатар, психотерапевт, социјален работник). Треба да се работи со зависникот, со семејството за да ги надживее тие трауми и понатаму чести контроли за да се одржува алкохоличарот да не потпадне повторно во системот на зависност. Веројатноста дека после година – две или повеќе, да се врати назад во тој образец е многу голема.
Сепак, постојат успешни случаи. Добро е навремено да се препознае, но и да не е така, битно да се реагира, тука е социјалната поддршка, поткрепата од семејството, водење на алкохоличарот, честа стручна работа со него, во трауматските моменти да се комуницира и да се разрешуваат, во тој случај може да се успее. Некои луѓе со години се ” чисти“ не примиле алкохол, па дури и не сакаат да го гледаат алкохолот. За зависноста има лек, но потребно е трпение и доследност.
Наташа Јанкулоска Торевска