Дома Инспирација Мила Јовановска: Младите мора да партиципираат во активностите против климатските промени

Мила Јовановска: Младите мора да партиципираат во активностите против климатските промени

Промените во климата се повеќе се чувствуваат. Додека ние луѓето ги живееме нашите модерни животи, глобалното затоплување предизвикува збир на промени во климата на земјата, а засега мерките на светско ниво не се испорачуваат доволно

Според Мила Јовановска – претседателка на „Go green“ – Скопје, имплементацијата на мерките на светско ниво не оди како што се очекуваше. Токму оттука произлегува и итноста и важноста на конференцијата која се одржа минатата година во Глазгов, затоа што она што земјите го договорија на претходната 21-ва конференција во Париз за климатски промени – државите не го испорачуваа. Требаше да се поднесат поамбициозни планови за да може да се достигнат целите, да го спречиме глобалното затоплување од над 1,5 до 2 степени – во полошо сценарио, смета Јовановска.

Младите се директно засегнати од климатската криза. Тие најмалку придонеле, но сепак директно ќе ги чувствуваат најлошите последици во наредните години.

На национално ниво, она што цел свет го препознава кај нас се навистина амбициозните цели што ги поднесовме во Глазгов и служиме како пример кај земјите во развој како една држава како нашата може да придонесе во борбата против климатските промени. Тоа што не го очекувавме е енергетската криза што се случи, па наместо повеќе да искористуваме и да се подготвиме за поголемо искористување на обновливите извори на енергија ние се најдовме во ситуација уште повеќе да користиме јаглен и фосилни горива за производство на електрична енергија, укажува Јовановска.

Многу е важно младите да бидат вклучени во донесувањето на одлуките, националните стратегии како и во нивната имплементација.

Кај младите се соочуваме со две работи, вели Јовановска. Од една страна е нивната летаргичност и пасивност, преголема окупираност со социјалните медиуми, што ги исклучува како активни чинители и граѓани во општеството, меѓутоа, од друга страна во нив има огромна енергија, страст и желба за акција, само е потребен вистинскиот пристап и да им се овозможат услови за тие да направат повеќе, додава Мила.

За да можат да бидат дел од решението, младите мора прво правилно да се едуцираат, но и да имаат волја за вклученост во овие политики и активности.

На последните локални избори во земјата кои се одржаа пред неколку месеци, забележавме дека повеќе од агендите беа „зелени“, забележува Јовановска. Од една страна има развивање на свеста и кај оние што ги носат одлуките, кај политичарите и кај институциите дека е важно да се справиме со еколошките проблеми, но и со климатските промени и добро е што се отворени за соработка, барем тоа го покажува нашето искуство, кога станува збор за соработка со младите. Како граѓански сектор работиме на тоа да се мобилизираат младите, но и да има соработка со институциите за којашто јас лично можам да кажам дека е добра и ние како организација сме задоволни. Потребно е и од двете страни да има волја и интерес и младите да сакаат да бидат дел од тој процес, да се запознаат со тоа како работат институциите, но и институциите да ги отворат своите врати, да не се плашат дека младите не доаѓаат искусни, туку да го пречекаат нивниот ентузијазам и иновативност, додава Јовановска.

Документарен магазин Приказа на тема климатски промени

Познавањето на причините за климатските промени би требало да ги освестат младите да преземат иницијативи.

Премногу често ја слушаме таа фраза „иднината е ваша, ајде вклучете се во борбата против климатските промени“, таа е веќе клише, но клише е со причина, укажува Јовановска. Колку и да сме досадни кога тоа кажуваме, ако сега младите не се вклучат во носењето на одлуките и на политиките, во активностите што се планира да се прават во иднина – резултатот може да биде само незадоволство од она што ним практично им следува. Сите акции, политики што сега се креираат, се креираат на подолг рок, нагласува Мила Јовановска – претседателка на „Go green“ – Скопје.

За Приказна

Ване Маркоски

Бранка Чочковска

Exit mobile version