Дома Став Интервју Миа Џидровa: сонувам да станам светска пијанистка

Миа Џидровa: сонувам да станам светска пијанистка

Миа Џидрова е дванаесетгодишна пијанистка која во септември годинава учествуваше на Интернационалниот натпревар MusicCometitionOnline2021 во Париз – Франција и освои прво место во огромна конкуренција.

Нема достапен опис
Онлајн-натпревар „Опус артист – Париз“ каде Миа Џидрова ја освои првата награда

Љубовта кон музиката ја наследува од нејзината мајка.

Уште како малечка постојано ја слушав мојата мајка како свири на клавир, а и додека бев мал, а таа ме седнуваше на клавирот и ми свиреше, а јас само ги стискав дирките. Уште кога сум се родила, моите родители додека сум била во инкубатор (родена сум многу порано на 6 ипол месеци) ми пуштале постојано музика, секаква … класична, рок, поп …, ни открива Миа. Таа додава дека во музичкото одделение се запишала во второ одделение. Имав среќа да ме стават во класата на најдобрата наставничка Станислава Поцевска која максимално се труди и е посветена и кон мене и кон останатите ученици.

Миа учествува на повеќе концерти. Во јуни 2018 година учествувала на Интернационалниот натпревар за музика во Вал Тидоне – Италија „Concorsi Internazionali di Musica della Val Tidone“ каде освоила прво место со 95 поени. Во 2019 година учествувала на Интернационалниот натпревар „Даворин Јенко“ во Белград и освоила второ место. Во април 2020 година ја освоила Специјалната награда за интерпретација на современа музика на MusikTalente 2020 кој се одржува во Лимбург – Германија, а во февруари 2021 година ја освоила првата награда на Интернационалниот натпревар во Словенија – In Musical Lace from Idrija, Slovenia Online Competition 2021

Немам посебно некој идол, вели Миа. Постојано слушам музика. Слушам различни пијанисти. Едно време го слушав многу талентираниот Токио Маерс од Велика Британија кој победи на Britain’s Got Talent. Тој освен што свири одлично пијано комбинира и други инструменти во неговите настапи и звучи перфектно. Дома имам и електрична клавијатура која е поврзана на компјутер па пробувам и сама да создавам музика. Се’уште не сум многу вешта, но се трудам.

На еден од концертите во Филхармонија се запознав и со нашиот светски познат пијанист Симон Трпчевски и сум воодушевена од него, открива Миа за Приказна. Додава дека повеќе композитори и се омилени. Кога започнав да свирам најмногу сакав да свирам дела од Јохан Себастијан Бах. Сега ги сакам композициите од Бетовен, Шопен, Моцарт. Изминатиов период ги слушам Квин и веќе ја научив да ја свирам Боемска рапсодија која е исклучително убава и моќна песна, открива ова прекрасно талентирано девојче.

Интернационалниот натпревар за музика во Вал Тидоне – Италија „Concorsi Internazionali di Musica della Val Tidone“ каде Миа освоила прво место

Таа е свесна дека патот до успехот не е лесен. Бара многу вложувања. Без исклучок, вежбам секој ден 2 до 3 часа … Кога имам натпревари може да се случи да вежбам и повеќе, но со паузи, вели Миа. Сонува да стане голема пијанистка.

Сакам да бидам голема пијанистка, но во исто време сакам да бидам и уметник бидејќи освен што свирам на пијано, многу сакам и да цртам. Дома имам многу мои. Се замислувам како свирам во некоја огромна сала со голем оркестар, а сите мои блиски се во публиката. Мојот сон е да се преселам во Италија и таму да продолжи мојата музичка кариера. А и да, сакам да имам веспа и со неа да ја прошетам Италија.

Враќањето во училиште го доживеала со воодушевување.

Со нетрпение чекав да се вратам на училиште заради дружењето со моите другарки и другари, но и учењето е сосема поразлично. Онлајн наставата беше добра, но никако не може да се спореди со одењето на училиште, а посебно за изучување инструмент, открива Миа.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Exit mobile version