5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Медената приказна на Рената Трајчевска

Рената е дописничка на италијанската државна агенција АНСА и судски преведувач. Вљубена е во италијанската кујна, но и возењето со велосипед. Често на социјалните мрежи споделува здрави рецепти со мед од нивниот пчеларник во околината на Лешочкиот манастир. За Приказна ја сподели својата лична приказна.

Нема достапен опис

Приказна Како се роди вашата „медена‘ приказна?

Трајчевска Сите ние како луѓе сме дел од природата, дел од планетата Земја. Таа им припаѓа на сите и на инсектите. Пчелите се можеби највреден дел од светот на инсектите. Пчелите, после човекот се најпроучувани од секаков аспект: медицински, биолошки. Напишани се безброј книги и литература. Треба да се прашаме – зошто пчелите го заслужуваат тоа? Што е она што ги маѓепсува луѓето да го сакаат медот и другите медени производи? Пронајден е мед во грне уште од старите Египќани. Значи медот е безвременски.

Ако порано се сметал и се користел за лек, денес неговата употреба е планетарна: медот во сурова форма, па се до лекови од најразличен тип и за разни болести.

Сепак, медот е храна и тоа најздравата храна која дава многу енергија да го издржиме денот и да бидеме продуктивни. Да се почитува природата значи да се даде придонес кон нејзиното чување. Пчеларството е благородна мисија. Грижата и одгледувањето на пчелите е макотрпна работа и бара голема љубов и посветеност. Од друга страна, пак, пчелите ќе ви возвратат со мед кој е најдобрата храна со други пчелни производи: полен, матичен млеч, прополис, пчелин отров. Македонија има свој ендемски вид на пчели – apis melifera macedonica. Треба да го зачуваме за наше добро.

Водени од оваа помисла направивме современ пчеларник во околината на Лешочкиот манастир на манастирски имот и со благослов од игуменот Теодосиј. Пчеларството прерасна во семејна дејност и сериозна обврска.

Нема достапен опис
Приватна архива

Приказна Кои се придобивките на медот?

Трајчевска Придобивките не можат да се опишат. И затоа се напишани безброј статии и се направени огромен број истражувања во кои се говори за медот како „божји дар“. Медот е блага, леплива течност направена од пчелите. Пчелите собираат шеќер, главно нектар од цвеќињата. Откако ќе го преработат, крајниот производ е медот. Мирисот, вкусот и бојата, зависат од видот на цветовите од каде што пчелите собирале нектар.

Нутритивно, една супена лажица мед, или околу 21 грам, содржи 64 калории и 17 грама шеќер, вклучувајќи фруктоза, гликоза, малтоза и сахароза.

Медот изобилува со биоактивни растителни состојки и антиоксиданти. Потемните видови мед имаат поголемо количество од овие состојки. Генерално, антиоксидантите кои ги содржи се поврзуваат со намален ризик од срцеви заболувања, удари и некои видови канцер, медот го намалува крвниот притисок, го намалува холестеролот, со намази од мед заздравуваат рани и изгореници, медот во комбинација со прополисот ги смирува настинките и кашлицата итн. Но, медот е само еден деликатес од пчелите. Поновите истражувања говорат дека и другите пчелни производи како поленот, прополисот, матичниот млеч и отровот се исто толку важни како медот. Тој е класика. Мислам дека треба да се свртиме и кон овие производи.

Приказна Вие подготвувате интересни комбинации на мед. Која е формулата за нивно успешно комбинирање?

Трајчевска Медот се користи најчесто како храна. За жал кај нас во Македонија по глава на жител годишно користиме само една тегла, а на пример во Јапонија 17 тегли, Германија 15 тегли по глава на жител. Медот е уште поделотворен доколку се комбинира со полен и прополис. Но, и со други билки и растенија, како ѓумбир, лимон, цимет, куркума, лук, мајчина душица итн. Има безброј рецепти на комбинации. Сето тоа е природно и делотворно за човекот. Најчесто моите рецепти се од стручна литература и списанија, каде што мерките и содржините се строги, а не од око. Еве еден рецепт за мешавина која го јакне имунитетот на организмот, ги регулира хормонските процеси, го намалува холестеролот во крвта. Потребен е следниов сооднос: мед 60%, полен 35%, ѓумбир 3% и цимет 2% со соодветни грамажа. Еве друг рецепт за мешавина кој е моќен антибиотик, го подобрува варењето, полесно ја совладувате настинката, ги намалува главоболките. Потребен е следниов сооднос: мед 50%, свеж лимон 35% и свеж насецкан ѓумбир 15%, се разбира сето ова во соодветни грамажа.

Нема достапен опис
Семејството Трајчевски

Рената е вљубеник во убава храна, па често можеме да ги видиме нејзините инспиративни рецепти.

Приказна Како се роди љубовта кон готвењето?

Трајчевска Љубовта кон убавата храна е всушност кај мене тесно поврзана со љубовта кон италијанскиот јазик. Уште од средно училиште со мојот прв курс по италијански јазик, а подоцна и на факултет со студиите, тоа чувство само се продлабочи и прерасна во начин на живот. Од тогаш до денес, тоа е мое секојдневие, да се појадува по италијански, а тоа е вообичаено едно добро кафе и некоја бисквита, колаче или кроасан, потоа ручекот кој е вообичаено ран, и скоро секогаш предвидува паста се разбира доколку денот и условите дозволуваат.

Пастата е моето омилено јадење, за мене, а од неодамна и за моите деца. Тоа е омилената храна за душа, која нуди топлина и задоволство, ситост, а сепак зборуваме за јаглехидрати кои се трошат при првата физичка активност.

Убавината на италијанската кујна е што е многу разновидна, изобилува со комбинации и продукти кои скоро во секој регион се различни или имаат различна примена. Има толку многу комбинации што би можеле цела година да јадеме нешто различно, постојано голицајќи го нашето непце со различни вкусови и задоволства.

Рецептите најчесто ги наоѓам во моите стари рецептури на италијански јазик и сега од неодамна и електронските изданија на некои италијански инфлуенсерки од оваа област, од кои секако љубам да ја имам и хартиената форма па така од мојата омилена Бенедета Роси, лани во пандемијата по ДХЛ си ја добив на подарок. Италијанското домашно готвење претставено на едноставен начин од познатата Бенедета и едноставно како „Фатоинказадабенедета“, е алманах на современата италијанска кујна. Рецептите не се само азбука во италијанската традиционална кујна, туку и многу повеќе од тоа. Собрани од цела Италија, напишани на едноставен начин.

Готвењето отсекогаш ми било интересно, сум ја следела мојата мајка која готви прекрасно класична традиционална македонска кујна. И покрај тоа што не беше лесно јас успеав и на моите родители да им го сменам менито и да внесам италијански рецепти и во нивното секојдневие, но навистина зготвени според италијанските правила, паста исклучиво ал денте со рагу сос подготвуван подолго време од зеленчук и месо. Љубовта кон готвењето отсекогаш сум ја имала и најчесто читав сè што е врзано со готвење, следев телевизиски емисии за готвење претежно странски, а имав и многу блиски пријателки од Италија кои оставија многу голем печат во мојот начин на исхрана што јас сега го пренесувам и на моите деца.

Една од тие пријателки Италијанки ме научи скоро на сè, италијанска домашна паста, канелони, лазањи, слатки задоволства поточно најтипичните благи бисквитни колачи кантучи, кростата со мармалад, торта дела нона, миљачо наполетано, пастиера наполетана, панбриош, кроасани со путер, фокачи и многу други. Таа беше толку несебична во споделувањето на тајните на италијанската кујна да пред нејзиното заминување издаде и книга со нејзините рецепти за предјадења, главни јадења и десерти, двојазично која се продаде со брзина на светлината, а парите беа донирани за хуманитарни цели. Тоа пријателство трае сè уште, и колку времето дозволува ние успеваме да се сретнеме скоро секогаш во нивниот роден град, вечниот Рим. Тоа пријателство трае скоро 18 години и секое навраќање буди преубави спомени.

Јас сметам дека културата на живеење и навиките кои ги имаат италијаните се за пофалба и од нив можеме само да учиме, нивната кујна е една од најомилените во цел свет, да бидеш доследен пропагатор на таквите навики за мене е предизвик и задоволство, немерливо со ништо материјално, мерило се превртените очи на домашните и најблиските кога ќе ги вкусат за првпат некои од поспецифичните деликатеси на италијанската кујна, а поголемо задоволство од тоа верувајте нема.

Приказна Велосипед или автомобил?

Трајчевска Е и овде има интересна приказна, јас возачка дозвола стекнав многу доцна, поточно на 39 години, затоа што си ветив дека пред 40 ќе ја земам од инает. Но, тука заврши инаетот, возењето автомобил можам да го набројам на прстите од двете раце. Најчесто сум со велосипед, можеби веќе десетина години сум постојано на велосипед. Изборот беше случаен, домашните секогаш ги молев за роденден да ми купат нов велосипед затоа што стариот маунтибајк повеќе не ми беше предизвик и сакав нешто дамски, каде ќе можам да возам и на потпетици во фустан, во костим дотерана, кој нема да го смени мојот стил на облекување.

За среќа, живеам во населба која со центарот на градот е поврзана со многу велосипедски патеки, замислете можам дури и да бирам, дали покрај Кеј, дали на Партизанска или Илинденска ќе возам. Тоа многу ми се допаѓа, бидејќи секое возење е разновидно посебно доживување и прошетка. Да се навратам на велосипедот, сама си го купив бидејќи ако чекав можеби никогаш немаше да дочекам, секогаш изговорот беше имаш роденден во месец кога не се вози велосипед, зимски месец кога нема услови и забораваме итн. Токму климатските промени придонесоа времето на користење велосипед да нема ограничувања, јас еве како лани паметам цела година возење без прекин, само снегот може да ме спречи да не се качам на велосипедот.

Нема достапен опис
Рената Трајчевска

Точакот ми е како издувен вентил од секојдневието, јас кога сум на велосипедот најчесто слушам италијанско радио, се телепортираме во Италија, гледам само во дрвјата и птиците и тивко и ги потпевнувам песните кои верувајте ги знам наизуст уште од мојата 19 година. Тоа за мене е јога за мозок, ме релаксира, ме опушта и ме враќа во живот. Да пешачам можеби сум мрзелива, но на велосипедот мислам би одела и до друг град, не се уморувам воопшто. Има моменти кога неретко знам и два пати во денот да појдам до центар и назад, а тоа во километри би значело и до дваесетина на ден. Многу сакам кога одам во набавки со велосипедот, затоа што навистина овозможува брз пристап до секое место, се паркираш најблиску до посакуваното место. Најчесто и многу добро знам да го натоварам со сè и сешто. па неретко размислувам за некоја верзија и на задна корпа ,бидејќи предната редовно ја преполнувам. И кога би требало да изберам јас повторно би одбрала велосипед, можеби некој нов уште поголем и згобатен со гаџети од модерното време, но дефинитвно на црвени штикли во костим на велосипед се чувствувам најубаво, најсигурно, своја на своето.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ