Да се нема потпора, поддршка и сам да ги учиш правилата на животот е најтешкиот пат на еден човек. Токму таков живот, осамен, тежок и без никој свој, имала и Љуба Стојановска со потекло од Волково, а, денес потстанарка во една соба во скопското маало Крњево.
Таа денес има шеесет години. Години кои сигурно ќе беа посреќни, ако еден ден додека била со другарчињата во кино, на свои 6 години, нејзината мајка не ја прегазил воз. Нејзиниот живот добил друг правец. Непознат, нов, осамен и неизвесен. Таа уште следниот ден, од службите била пренесена од семејниот дом во домот за деца без родители.
„Не беше лесен животот во дом-се присетува Љуба. Првиот ден бев во транс, не знаев што се случува. Од мака дури ја скршив лажицата со која требаше да јадам. Но, како поминуваше времето, сфатив дека мора да се смирам и да продолжам да живеам без мајка ми.“
Таа завршила основно училиште, па домот веднаш ја вработува во фабриката Тетекс, но, пред да и истече договорот за вработување, таа добива напад на слепо црево и не може да продолжи со работа. После итната операција се снаоѓа, работела сè, чистела, чувала возрасни лица.
„Нема ништо потешко и понеизвесно од моментот кога домско дете ќе наврши осумнаесет години и не знае што го чека понатаму. Првиот ден од отселувањето од домот ми беше најтежок. Најчесто работев како хигиеничарка. Или миев садови во ресторани. Чистев и по куќи. Не ми е тешко ништо. Но, животот пак ми ја покажа темната страна, па, еден ден дознав дека сум болна од рак на гениталните органи, па, ургентно сè ми беше отстрането, за да останам жива. Токму таа дијагноза и неможноста да имам потомство ќе ги одбива сите, кога ќе дознаат, ќе ме остават. Така останав сама. Без никој. Секој сакаше дете. Јјас не бев во можност да им подарам. Тоа направи сега во староста, да останам да се борам сама.“
Денес, оваа напатена жена има примања од само пет илјади денари. Од тие пари три илјади плаќа кирија и сметки, па некогаш не и останува ништо. Често со милион дијагнози, таа мора да оди да бара дополнителна работа, за да преживее.
Тешкиот живот ја принудува да плаче, но, таа вели-“Се обидувам да се држам силно.“
Некогаш немам ниту за јадење, па, знам да легнам и гладна. Не се дружам со никој, освен два тројца соседи кои ми доаѓаат и им одам на гости.“
Оваа жена одамна не знае што е радост, не знае што е смеа. Таа се радува само два пати годишно, за Нова година и за роденденот.
„Камо да не починеше тој ден мајка ми под воз, животот ќе ми беше подруг. Но, таква ми била судбината, а, од неа не се бега. Затоа и како млада, а, сега уште повеќе копнеам да се разбудам во свое, под свој покрив. Ако тоа ми се случи ќе бидам повторно родена – завршува таа.
Сите кои сакате да и помогнете на Љуба Стојановска од Скопје тоа можете да го направите на телефонскиот број 075 679394 или на жиро сметката 200002532178008
Автор
Оливера Петрушевска