Дома Најнови Марко Јовановиќ: Секој треба да остане во тек со новите технологии

Марко Јовановиќ: Секој треба да остане во тек со новите технологии

Марко Јовановиќ е графички дизајнер, предавач на акредитираната Академија за графички дизајн, при СЕМОС едукација.

Дали со појавата на вештачката интелигенција, генерирањето слики, загрозена е работата на фотографите, графичките дизајнери и креативците воопшто? 

Марко Јовановиќ – Не би рекол затоа што секогаш фотографите, дизајнерите се издвојуваат преку својата уникатност, креативност, професионализам… Овие можности што ги нуди вештачката интелигенција, мислам дека се една добра алатка која може да помогне во дадени аспекти од дизајнирање или процесот на креација. 

Од тој аспект, дали вештачката интелигенција им помага да станат поконкурентни? 

Марко Јовановиќ – Дефинитивно да. Мислам дека секој треба да остане во тек со новите технологии, можности, алатки, софтвери и сл. што се достапни на пазарот, па и ова како една можност која постојано расте, мислам дека помага. 

Вие како предавач дали поддржувате користење алатки од вештачка интелигенција?

Марко Јовановиќ – Да, со тоа што еден од предметите кои ги предавам е Дигитална манипулација на фотографија. Тоа и до сега се правеше со алатки како што е фотошоп, сега има други достапни, но мислам дека креативноста секогаш треба да остане кај креативецот т.е. да се користи до некоја граница.

Како ќе го оцените досегашниот развој? 

Марко Јовановиќ – Овие алатки се тука за да останат, нема да си одат во скоро време. Токму затоа ние во Семос едукација сега правиме програма за дизајнирање со користење на вештачката интелигенција односно како можат сите дизајнери, илустратори, уметници и сл. да ги искористат овие алатки во нивна полза. Можеби да заштедат време или да го забрзаат процесот на развој на идеја.

Сепак, дали постои опасност и ризик од вештачката интелигенција

Марко Јовановиќ –  Секако дека постои, но во сите креативни индустрии: музичка, дизајн, уметност, мора да се задржи креативата кај самиот креативец. Константно има нови закони, регулативи во различни држави, има правила за што и до каде може да се користи вештачката интелигенција. Како дизајнер секојдневно учам нови правила.

Дали дипфејк е опасност што треба да не’ загрижува од аспект на користењето на вештачката интелигенција и за фото и за видео материјали? 

Марко Јовановиќ – Донекаде да. Со оглед на тоа што имам претходно искуство во филмската индустрија како артист за визуелни ефекти, многу често се случува да се менува лик на некој глумец во филм или во серија, како што сега во најновиот Индијана Џонс на Харисон Форд, но и апликациите од социјалните медиуми како Инстаграм, Тикток со нивните филтри постојано го полнат тој дата сет со фацијални експресии и движења. Дипфејк е донекаде некое загрозување, но затоа тука се службите и константно се развиваат софтвери коишто можат да препознаат дали е нешто вистински снимено или е на некој начин изманипулирано со тоа видео или со фотографија.

Документарен магазин Приказна

Која е Вашата претпоставка за иднината на вештачката интелигенција во фотографијата? 

Марко Јовановиќ – Вештачката интелигенција ќе остане овде, постојано се прават нови алатки, нови можности, апликации… Ние треба да ги задржиме тој момент на креација кај нас луѓето, а овие да ги користиме како алатки. Зошто? Креацијата ( идејата, иновацијата) е нешто што е најчовечко, така што мислам дека секогаш ќе се почитува тој аспект. Ќе има новости и мислам дека сите треба да бидеме во тек со нив, да ги следиме затоа што нема да престанат.

Наташа Јанкулоска Торевска

Exit mobile version