Македонија за првпат во својата историја ќе има претседателка.Гордана Сиљановска-Давкова, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде првата претседателка во Македонија. Ова следи по нејзината убедлива победа во вториот круг на претседателските избори. Сиљановска-Давкова освои 560.170 гласови, односно 65,14%. Во своето обраќање синоќа, нагласи дека во својот претседателски кабинет ќе се опкружи со жени слични на себе и со тоа ќе го започне реформскиот процес.
Гордана Сиљановска-Давкова на 11 мај ќе наполни 71 година. Родена е во Охрид, 1953. Таа е македонска универзитетска професорка, правничка и пратеничка во Собранието на Македонија. Основно и средно образование завршила во Скопје. Дипломирала на Правниот факулет. Авторка е на огромен број научни трудови од областа на уставното право, членство во стручни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации.
Сиљановска-Давкова сака јога, пешачење во природа, цвеќе, танцување, музика, книги, не следи модни трендови, избира удобност и едноставност. За кандидатурата се инспирирала од примерот на ирската претседателка Мери Робинсон (1990 – 1997), која како и Давкова, не била членка на партија.