Дома Инспирација Кристијан се бори за својот брат близнак Михаел кој има тумор: Многу...

Кристијан се бори за својот брат близнак Михаел кој има тумор: Многу го сакам и сакам побрзо да оздрави

Маја Стеваноска е мајка на дванаесет годишните близначиња Михаел и Кристијан. Поради проблеми, тие се родиле предвреме, во седмиот месец од бременоста, а за да се развиваат, се ставени во инкубатор. Кризата полесно ја минува Кристијан и за две недели излегува од таму, но, не и Михаел.  Тој ќе заостанува во развојот во однос на братчето близначе и врсниците, но, храбро ќе гази и ќе се бори за секој зрак, за секој здив, за секој нов ден….  Денес  е пред нов предизвик. Дијагностициран му е тумор на мозокот, а родителите немаат средства ниту да го однесат во Скопје на преглед.

Маја Стеваноска

Маја и Тодорче се во брак 15 години. Живеат во Приелп. Како и секој брачен пар сонувале за стабилен и среќен живот. Но, животот ќе им покаже дека соновите не може секогаш да бидат идеални. Близначињата Мики и Кико  се родени предвреме. Не растат еднакво, зашто, малиот  Мики, иако храбро  се бори,  заостанува во развојот зад своето братче Кристијан.

– Сите се радувавме на фактот дека близначињата ќе го збогатат нашиот живот. Но, во седмиот месец од бременоста, ме фатија болки и морав предвреме да се породам. Од тогаш се’ тргна наопаку во нашите животи. Двете деца завршија во инкубатор, за среќа Кристијан само неколку недели. Но, Михаел немаше толку среќа. Тој четири месеци остана таму. Доживеа мозочен удар кој му го оштети мозочето, а му се закануваше и ослепување. Итно мораше да биде опериран во Белград. Се снајдовме со пари и среќа на едното око му го спасивме видот. Но, сето тоа остави последици по неговиот развој. Сиот живот заостанува во растотот и развојот зад брат му и неговите врсници-со стегната душа ја започнува својата тажна животна исповед Маја.

Минуваат годините, иако Михаел повеќе  ги посетува болниците отколку игралиштата,  звукот на играчките е заменет со звукот на болничките инструменти, сепак, неговата поврзаност со близначето, братчето Кристијан ќе направат тој да ужива и во ваквиот живот. И Кико е храбро момче, лав во детски облик, па, теретот од состојбата на братот,  ќе ја поднесе одважно и ќе се бори заедно со него, само Мики да не се почувствува поразличен или небезбеден.

-Педагозите не сакаа да му дозволат на Михаел да оди во нормално училиште. Но, близнаците се многу поврзани, па, имавме среќа, на крајот да попуштија. Цело време и на почетокот и сега, најголемата обврска околу грижата на Михаел, паѓа врз Кристијан. Тој го носи, тој го пази на час, тој го храни, му дава лекови…. И неговото детство го скратив, но, храбар е и многу го сака Мики. Не можат еден без друг. Дури и кога сака да се опушти и да си игра со другарчињата, мора да го носи брат му на игралиште и повторно да игра во грч. Тоа било негова судбина-вели Маја.

-Секогаш му помагам на брат ми. Го носам во училиште. Го хранам. Мама ми објасни кои лекови и кога да му ги давам. Ако му се оди во тоалет, и кажувам на наставничката, па таа ако дозволи, го носам. Некогаш му смета галама, па не го носам на одмори надвор, за да не се плаши. Многу го сакам и сакам што побрзо да оздрави брат му-вели дванаесетгодишниот Кристијан.

Маја поради стресот со кои се соочени, ќе се разболи.  Пред неколку месеци е оперирана од тумор на мозокот.

-Од сите стресови изминативе години, заработив сериозни болести. Пред некое време ми беше дијагностициран тумор на мозокот. Ме оперираа, па, сега како последица имам и епилепсија. Знам да добијам напади и пред децата. Еве, пред некој ден ми се слоши, па, сум ги исплашила близнаците. Кико трчал по комшии, плачејќи барал помош. Се секирам и за моето здравје, но, најбитно ми е здравјето на Михаел. Навечер кога сите ќе заспијат, се затворам во некој свој свет и плачам. Преку ден не сакам да ме гледаат децата. Си велам, зошто Господе мене ми го правиш ова?!-вели Маја.

Неодамна на Михаел му е дијагностициран и тумор на мозокот. Семејството нема пари за преглед до Скопје, а  не за операција на најмилото. Грижата околу здравјето, нејзино и на детето, ќе ја принудат Маја да се откаже од работа, па ова семејство, живее само од платата на сопругот. А, кога ќе се земат предвид киријата, сметките и скапите лекарства кои месечно чинат и над 10.000 денари, некогаш во месецот семејството не може да се прехрани.

-Работите не одеа како што треба. На последното испитување на Мики му пронајдоа тумор на мозокот. Докторот му препиша терапија, па ако за три месеци не се стопи, ќе мора да се отвори главчето и да му вградат пумпа. Преплашена сум како ќе се одвива работата. Јас поради состојбата, не одам ниту на работа. Живееме во социјален стан, со примањата што маж ми едвај ги заработува. И тој веќе нема сили да се бори. Во Скопје, било за мене, било за  Михаел, одиме 2-3 пати во месецот. Едно одење не чини 3000 денари. Месечните лекарства ни се многу скапи, па, често остануваме и без храна. А каде ќе најдеме пари сега за операцијата не знам. За мене и нека нема. Важно да има за детето-очајно ја завршува својата приказна оваа напатена мајка.

-Сакам да бидам како сите деца и сакам да пораснам-рече за крај Михаел.

На ова семејство потребно е да му помогнеме. Михаел мора да победи и како што вели тој да биде како сите други дечиња-голем и здрав. Неопходни се средства за да може да се оперира.

Контакт телефон на Маја Стевановска 078/204183 и на следните жиро- сметки 300027087653847 Комерцијална банка и на девизна сметка 02-307-0282608.5

Автор Оливера Петрушевска

Exit mobile version