5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Како да преживеат три браќа и сестричка: деца со попреченост, без мајка и татко!

Влатко, Иван, Марина и Мирослав се родени како деца со попреченост. Живеат од кога знаат за себе во семејната куќа во населбата Радишани. Кога биле цело семејство, ќе речат Влатко и Марина, било сè поразлично. Биле среќни. Но, во 2015 година умира таткото, 2019-та мајката, па со тоа се рушат и носечките столбови во овој дом и ова семејство.

-јас прва ја најдов мама како лежи беспомошно. Многу се исплашив. Ја допрев, беше многу ладна. Но, не смеев да плачам да не го вознемирам Мики, зашто тој ако не разбира, сепак чувствува. Но, и да плачам и да не плачам не можам да ја вратам мама назад-вели Марина, единствената сестра во ова семејство.

Најмалото братче Мирослав, или Мики како што знаат да го наречат најблиските од сите нив е со најголема попреченост. Марина секој ден го носи и враќа од училиште за деца со попреченост

-Многу лошо искуство имам од моите средношколски денови. Никој не сакаше да се дружи со мене во класот. Постојано ме навредуваа и оставаа сама. Целото образование го поминав така. Сама без ниту една другарка. Не ме сакаа зашто сум поразлична од нив. Зашто моите родители немаа многу пари-се присетува Марина на тој тежок период.

Влатко, најстариот брат и покрај својот хендикеп, по смртта на родителите бара работа, и работи како хигиеничар во една скопска месарница. Само да донесе пари за да може да преживеат со браќата и сестрата.

-Земам минимална плата работејќи како хигиеничар во една месарница во Маџари. Фала му на Господ барем имаме со што да купиме храна. Но, дома ништо не ни функционира. Ниту кујната, сите ѕидови се со влага, апаратите се расипани. Немаме ниту на што да готвиме. Имаме едно старо решо кое целото се распаѓа, па само во недела цел ден на него пржиме компири. Тогаш е евтина струјата. А тоа се загрева со саати. Другите денови јадеме само сува храна. Кога ѓеврек, кога баничка. Секој ден исто – вели Влатко за нивното секојдневие.

Кога вработените во училиштето каде учи Мики, го пријавија семејството во емисијата „Срце на дланка“, не ни претпоставував што значи деца со попреченост, да чуваат дете со попреченост. Па, и покрај тагата што ја чувствував додека ја слушав нивната животна приказна, чувствував и чест што пред мене седат вакви херои. Лица кои во мизерни услови се оставени сами на себе, и купуваат ден за ден.

Додека била жива мајка им, до пред некоја година, поголемиот товар околу Мики бил врз неа, но последниве три години, тие иако барале помош од неколку институции, зашто нему му е потребна посебна нега, сепак тој сè уште е со нив, во услови во кои не би живеело ниту животно.

Влатко е во својата трета деценија од животот. Не може ниту да помисли на одвоен живот од браќата и сестра си. А, Марина е буквално заробена во четири ѕида и препуштена на негата на братчето кое е зависно од нејзината грижа.

-Баравме помош од некои институции за да го згрижат Мики, но, никој не ни излезе во пресрет. Марина е по цел ден со него. Го облекува, пресоблекува, му менува памперс, го храни, ако се разболи го лекува со сирупи …

Не можам ниту да помислам како овие луѓе живеат во овој дом едно деноноќие … овој дом во кој ништо не е во функција. Овој дом во кој дува од сите страни. Во овој дом живеат четири души кои треба да живеат достоинствено како и секој од нас. Посебно зашто станува збор за луѓе на кои им е потребна посебна нега и грижа.

Ова семејство би било пресреќно доколку добие помош околу реновирање на кујната и макар на една соба. Или санација на прозорците. Стари се и дуваат од сите страни. Не е лесно вака да се живее-вели Влатко.

Чешмата не ни функционира, па, јас мијам садови, а, Марина ми потура вода. Се снаоѓаме, но, многу ни е тешко. Немаме ниту уред за греење, па, затоа сите седиме во една соба за да ни биде потопло со една стара греалка која работи само со еден грејач. Фрижидерот ни е празен, а, и да би бил полн сепак тој не лади. Целиот се распаѓа-додава Влатко.

Би биле благодарни за каква било помош за да можеме да продолжиме да живееме-завршуваат овие брат и сестра, надевајќи се на помош од добриот народ.

Сите кои сакате да помогнете, тоа можете да го направите на телефонскиот број 077/645672 на трансакциската сметка 200003778454766

Автор

Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ