Дома Истражување Истражување: меланомот е една од најсериозните форми на рак на кожа

Истражување: меланомот е една од најсериозните форми на рак на кожа

Во Европа жените заболуваат од меланом почесто од мажите, додека во САД и мажите и жените заболуваат подеднакво. Бројни студии покажуваат дека жените заболени од меланом имаат подобра стапка на преживување од мажите. Причината за тоа, најверојатно е фактот дека жените посветуваат поголемо внимание на својот изглед, порано ги забележуваат промените на кожата и порано се јавуваат на лекар.

Тања Стоицовска од Институтот за јавно здравје, вели дека според податоците се гледа дека меланомот е почест кај мажите, односно почесто заболуваат и умираат од меланом. Ризикот од меланом се зголемува со возраста, односно болеста се јавува кај лица над 50 години. Сепак во последните години тој се јавува и кај лица под 50 години. Во Македонија во 2019 година, вкупниот број на заболени лица е 108, со стапка на инциденца од 5,2 на 100.000 население, додека бројот на новозаболени мажи изнесува 66 со стапна на инциденца со 6,3 на 100.000 мажи, а бројот на новозаболени жени изнесува 42 со стапка на инциденца од 4,1 на 100.000 жени. Во истата година од меланом умреле 57 лица со стапка на морталитет од 2,8 на 100.000 население, од кои 30 се мажи а 27 жени.

Тања Стоицовска од Институтот за јавно здравје

Од новите случаи на канцер, малигните меланоми се присутни со 5% кај мажите и 4% кај жените, и воедно претставуваат шест најчест канцер кај мажите и седми најчест канцер кај жените.

Според Биба Додева, меланомот е една од најсериозните форми на рак на кожа. Според морталитетот, дури од 30-50% од случаите се развива на веќе постоечки бемки. За жал, свесноста за овој вид на рак е на многу ниско ниво, бидејќи скоро 50% од случаите се откриваат многу доцна, затоа превенцијата, подигнувањето на јавната свест, едукацијата, навремената дијагностика се од исклучително значење за спасување на човечките животи. Нашата заложба во Борка е да помогнеме да се спасат што повеќе човечки животи и да ја унапредиме борбата против меланомот во Македонија бидејќи оваа борба е наша, заедничка, додава Додева.

И кај нас, но и во светски рамки бројот на заболени од меланом е зголемен, пред сè поради оштетувањата на озонската обвивка и директното влијание на сончевите зраци.

Ризикот за развој на меланом е повисок кај лица со светла кожа и пеги, како и кај лица со многу бемки. И лицата кои имале изгореници од сонце, особено во детството и адолесценцијата, лицата кај кои друг член во семејството имал меланом, се во групата ризични. Меланомот може да се појави на која било возраст.

Изложеноста на УВ зраците може да се намали со комбинирање на две стратегии:

  • Избегнување на изложување на сонце во период кога сонцето е најјако, односно во период од 11 – 16 часот.
  • Покривање на телото како заштита од штетните УВ зраци на сонцето, особено кога сонцето е најјако.

Заштитата од сонце не е неопходна само на плажа или покрај базен, туку во текот на секоја активност на отворено.

Exit mobile version